НА ТРИ ТРКИ ВО НИЗА СЕ СЛУЧУВА НА ПОДИУМОТ ДА ИМА ДВАЈЦА ВОЗАЧИ ОД ОНИЕ КОИ ВАЖЕЛЕ ЗА ФАВОРИТИ, НО И ПО ЕДНО ИЗНЕНАДУВАЊЕ
Британското гран при е дефинитивно еден од класиците на Формула 1, при што легендарната патека Силверстоун при секое навраќање таму потсетува на почетоците од далечната 1950 година на истата локација. Оваа година екипата на Мекларен дојде на домашен терен како фаворит за победа, иако претходно на трките во Канада и Австрија беше виден и поинаков распоред на силите. Имено, Џорџ Расел ги имаше „своите пет минути“ во Монтреал, каде што стигна до пол позиција и победа во трката за Големата награда на Канада. Се чинеше дека на овој гран при викенд „магијата“ која прави болидите на Мекларен да се најдобри на патеката едноставно беше „на пауза“, па во такви услови негов најголем ривал беше актуелниот шампион Макс Ферстапен, со кој и на претходното гран при во Шпанија имаа „блиска средба“. За Расел оваа пол позиција беше шеста во кариерата, но втора едно по друго во Канада, каде што лани во дождливи услови не успеа да ја претвори во трофеј. Еден од клучните моменти беше што тој избра да вози со „медиум“ пневматици.
Буквално ова беше првпат да се наежам по извозен квалификациски круг. Веќе на првиот свиок имав предност од една десеттинка и потоа болидот одеше како по шини. Се чувствувам полн со самодоверба и можев да возам до лимитот, па на крајот го подобрив времето за шест десеттинки од првиот круг во третата квалификациска сесија. Навистина беше нешто специјално и тоа ќе го паметам уште долго време. Уште на минувањето на целната линија знаев дека тоа е пол позиција и среќен сум што е така,- рече Расел по квалификациите во Монтреал.
Тогаш неговиот тимски колега Андреа „Кими“ Антонели успеа да стигне до четвртото место на стартот, а во трката двајцата возеа безгрешно, па Расел го конвертираше успехот од квалификациите во победа, додека со пласманот на третото место од страна на вториот возач, триумфот беше комплетен. За тотална доминација фалеше малку, иако Антонели се обиде низ боксовите да го мине Ферстапен, но сепак остана да се задоволи само со престигнувањето на Пјастри, направено на стартот. За комплетно заокружување на лошиот викенд на Мекларен се погрижи Ландо Норис, кој се посрамоти возејќи зад тимскиот колега и удирајќи се во него, но за среќа штетата беше само на неговиот болид.
Австриското гран при ги врати нештата во позиција што беше добро позната, каде што возачите на Мекларен повторно беа најбрзи, а победникот од Канада, Џорџ Расел изјави дека петтото место со задоцнување од осум десеттинки било најдоброто што можеле да го направат.
Наголемото изненадување го приреди Шарл Леклер, кој се најде на второто место, или „во сендвич“ меѓу Норис и Пјастри, кои постигнаа квалификациски резултати со шест десеттинки разлика. Четвртото место на Хамилтон го позиционираше Ферари како втор тим на овој гран при викенд, а според објаснувањата тоа се должело на новиот под на болидот, кој италијанскиот тим го тестирал во пресрет на оваа трка. Очекувано, двајцата возачи ги спомнаа надградбите на болидот како добар чекор, но тимскиот шеф Фредерик Васер го минимизираше нивното значење.
Вистина е дека надградбите ни помогнаа, дури и ако нивното значење се мери во стотинки, а не во десеттинки, па јас верувам дека во суштина резултатите се должат на извршувањето на задачите. Сепак, Ландо денес беше на друга планета.
Во трката не очекува потопло време, па верувам дека клучно ќе биде управувањето со пневматиците. Од друга страна, на оваа патека има можности за престигнување, што ни ја олеснува работата со застанувањата во боксот, бидејќи потоа можеш да се вратиш на своето место,- објасни првиот човек на Ферари. Во трката, Норис и Пјастри доминираа од почеток и Ферари дури не се ни обиде да парира со некоја стратегија, напротив во првиот случај личеше дека одеа „на сигурно“ подоцнежни застанувања, а во вториот случај Мекларен реагираше соодветно, односно направи пит стоп со своите возачи еден круг подоцна откако тоа го сторија Леклер и Хамилтон, иако разликата напред беше дваесетина секунди.
Највозбудливите моменти беа пред првиот пит стоп кога Пјастри се обиде да го нападне Норис, но овој соодветно се бранеше, за подоцна австралискиот возач да биде опоменат преку радио врската дека премногу ризикува во своите напади. Малку недостигаше Пјастри да биде елиминиран од Бортолето во финишот на трката, кога по излез од боксот го заобиколуваше за цел круг. Наспроти мирољубивата разврска за врвот, во Австрија на стартот од трката Антонели понесен од успехот во Канада, на стартот од оваа трка го елиминираше Макс Ферстапен. Од тактичка страна, изненадија Лоусон и Алонсо, кои со едно застанување во бокс се пласираа на 6 и 7 место.
Само една недела подоцна уследи Големата награда на Велика Британија во Силверстоун, при што уште големо шоу се случи во живо пред очите на традиционално верната публика. Во променливи временски околности Макс Ферстапен ја освои пол позицијата и го залечи своето шампонско его со честитките за успехот во „колевката на мотоспортовите“. Пјастри со пласманот на второто место стана првиот тимски колега на Ландо Норис кој се пласирал подобро од него на Силверстоун (во случајов на третото место).
Трката стартуваше во затишје меѓу утринскиот дожд и пладневната бура, но Оскар Пјастри го презема водството користејќи го сушењето на патеката. Но, откако тоа се случи во осмиот круг, само три круга подоцна „се отвори небото“ и нештата повторно „излегоа од контрола“. Ландо Норис дојде зад Ферстапен и по кус период на притисок успеа да го принуди на грешка и да ја преземе втората позиција, за веднаш потоа да влезат во бокс и актуелниот шампон повторно да излезе пред возачот на Мекларен.
Поради инцидентот на Исак Хадјар беше аплицирано возило за безбедност, но нова драма се случи при повлекувањето на истото. Оскар Пјастри како водечки кога забележа дека се исклучија ротациските светла на возилото за безбедност како сигнал дека се повлекува во боксот, нагло ја намали брзината, па дури и подзастана, предизвикувајќи негодување од возачите зад него дека можеле да се удрат во него. Трката продолжи кон рестарт, а во тие моменти се изврти Ферстапен и падна од второ на деветто место.
Беше тешко за нас на патеката, тешко беше да се задржи болидот, да се управува со балансот при високи и мали брзини. Имаше многу различни сценарија, но мислам дека донесовме правилни одлуки кога да одиме во бокс и што да монтираме, но откако се извртев, нештата се искомплицираа. Беше тешко да се пробиеш напред, но некако успеав да стигнам до петтото место,- рече Ферстапен, додека Цунода упади на тоа дека имал проблеми со деградација на пневматиците.
Наспроти ова, стјуардите донесоа одлука да го казнат Пјастри со 10 секунди во боксот, иако немаше формална жалба од некој натпреварувач, ниту пак друг се пожалил дека Пјастри стекнал извесна неспортска предност со маневарот на намалување на брзината, пред тој да почне да го диктира темпото за летечки рестарт. Оваа одлука во целост беше донесена од стјуардите без некој да побара да отворат случај за истото, а благодарение на неа Ландо Норис (кој задоцнуваше четири секунди во моментите по рестартот), изби во водство и го сочува до крајот на трката.
Мислам дека казната беше престрога, дека не беше фер. Доколку тимот мисли исто така, би можеле да ги смениме местата и да се тркаме,- предложи Пјастри преку радио врската, но неговата понуда очигледно не беше прифатена, бидејќи тимот секако имаше обезбедено „еден-два“ победа.
Иако за многумина е несфатлива ригорозноста во казната на Пјастри, таа го враќа Ландо Норис во игра за шампионската титула, особено по сопката што сам си ја стави во Канада. Пјастри за првпат ја почувствува моќта на оние од позадина кои носат дисциплински одлуки и веројатно во вистинско време од сезоната ќе стане свесен дека ако сака да опстои во игра за шампионската титула ќе мора да биде многу попретпазлив.
Нико Хулкенберг кој стартуваше од 19. место возејќи претпазливо на променливото време, на крајот успеа да фати приклучок со водечката група, а потоа и да ги престигне Ленс Строл за да се искачи на подиумот за првпат по 239 настапи во кариерата, а по подолго време тоа е нов трофеј и за екипата Заубер. Хамилтон заврши четврти, додека Пјер Гасли во финишот исто така го престигна Строл во дуел за петтото место.
Предноста на Пјастри по трката на Силверрстоун сега изнесува само осум поени пред Ландо Норис (234:226), додека Ферстапен со 165 бода наликува дека е во дуел само уште со Џорџ Расел кој има 147 поени и го посакува третото место на табелата. Леклер и Хамилтон со 119 и 103 поени се наоѓаат на петтото и шестото место во поединечна конкуренција, додека дебитантот Антонели со 63 бода е на седмата позиција.
Мекларен убедливо води на табелата на конструкторите со 460 бода, а Ферари е второпласиран со 222 поени. Мерцедес со 210 бода сè уште е во конкуренција за третото место, додека Ред Бул благодарение на поените од Ферстапен ја има четвртата позиција со 172 бода, по што следуваат Вилијамс со 59 и Заубер со 41 поен. Во пресрет на летната пауза карванот на Формула 1 ќе ги посети традиционалните „станици“ во Белгија и Унгарија, додека „рестартот“ на првенството е закажан за 31 август на холандската патека Зандворт.