СЕТО ОВА ШТО Е НАПИШАНО, ПОВЕЌЕ ИЛИ ПОМАЛКУ ВЕЌЕ ВИ Е ПОЗНАТО, НО ВО СООБРАЌАЈОТ ПОСТОЈАНО СЕ ПОЈАВУВААТ НОВИ ВОЗАЧИ БЕЗ МНОГУ ИСКУСТВО СО ПАТУВАЊА. ОВОЈ ТЕКСТ Е НАМЕНЕТ ЗА НИВ, А ЗА ПОИСКУСНИТЕ НЕКА БИДЕ САМО МАЛО ПОТСЕТУВАЊЕ
По којзнае кој пат, повторно се наоѓаме на почетокот од топлиот период од годината и, како и секогаш, си го поставуваме истото прашање како да се справиме со високите температури додека патуваме? Првото што ви паѓа на ум е веројатно да тргнете на пат во раните утрински часови околу два, три или четири по полноќ. Но, да не филозофираме премногу: веднаш ќе кажеме дека оваа идеја не е најдобра. Станувањето во тие часови и потоа возењето, често завршува со дремка зад воланот а тоа е многу опасно.
Пред да тргнете на пат, најважно е да бидете добро наспани и сити. Понесете неколку шишиња вода и избегнувајте газирани пијалаци. Тоа е првиот чекор. Што се однесува до сонцето и жештината со нив ќе се справувате додека патувате. Најпрво, паркирајте го автомобилот во добра сенка, а потоа, без разлика на делот од денот, слободно тргнете. Облечете лесна и удобна облека во светли бои, која ќе ви помогне да се чувствувате посвежо, а не заборавајте и на очилата за сонце. Правете редовни паузи за одмор и секогаш барајте сенка, и за себе и за возилото.
Користењето на клима уредот треба да биде внимателно и разумно. Избегнувајте да правите преголема температурна разлика – ако надвор е +40 степени, а во автомобилот е само +20, тоа може да предизвика температурен шок. Ваквата нагла промена е слична на ситуацијата кога долго сте на сонце, а потоа нагло влегувате во студена вода. Затоа, температурата на клима уредот подесете ја така што разликата со надворешната температура да не биде поголема од 8 до 10 степени. На пример, ако надвор е +40, климата подесете ја на околу 30 до 32 степени. Исто така, колку што е можно, избегнувајте да патувате во пладневните часови. Наместо тоа, искористете го тој дел од денот за одмор под добра сенка.
Ако со вас патува вашето куче или маче, бидете особено внимателни.
Домашните миленици бараат почести паузи, не се навикнати да патуваат со часови и многу тешко поднесуваат високи температури. Никогаш не ги оставајте сами во автомобилот. Ако навистина мора да ги оставите на кратко, отворете ги сите прозорци околу 10 мм за да овозможите провев, и вратете се што е можно побрзо.
А што е со брзината? Заборавете на брзото возење. Сте тргнале на одмор, уживајте во патувањето. Ако имате потреба да возите брзо, ви препорачуваме да посетите тркачка патека, каде што на безбеден начин ќе можете да ги тестирате своите возачки способности и потенцијалот на возилото.
И за крај – не заборавајте да го однесете автомобилот на превентивен технички преглед. Безбедното патување започнува со технички проверено и добро подготвено возило. Пред да тргнете, задолжително проверете ги гумите, сопирачките, маслото, светлата, клима уредот и нивото на сите течности. Технички исправниот автомобил не само што обезбедува сигурност, туку ви овозможува и безгрижно патување. Не ризикувајте проверете сè навреме и тргнете спокојно!