WRC Сафари Рели Кенија-ЕВАНС ПИШУВА ИСТОРИЈА

10/04/2025

ПОНЕСЕН НА КРИЛЈА НА ОДЛИЧНИОТ УСПЕХ ВО МОНТЕ КАРЛО И ПОБЕДАТА ВО ШВЕДСКА, ЕЛФИН ЕВАНС БЛЕСНА И ВО АФРИКА. СО ПОБЕДА НА САФАРИ РЕЛИ НА КЕНИЈА ГО ЗАБЕЛЕЖА НАЈГОЛЕМОТО ВОДСТВО ВО ИСТОРИЈАТА НА СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ПОСЛЕ ПРВИTE ТРИ ОДРЖАНИ НАСТАНИ

 

Некако навикнавме по завршувањето на Сафари рели на Кенија да гледаме повеќе екипажи на Toyota качени на победнички подиум. Годинава тоа не се случи. Можеби е разочарувачки за верните фанови на јапонската марка, но утешително е што сепак, победникот, повторно доаѓа од јапонскиот табор. Елфин Еванс е човекот кој треба да се слави во редовите на Toyota. Велшанецот е во налет и од почетокот на сезоната ниже извонредни резултати. После второ место на релито на Монте Карло, и победата во Шведска стигна и до првата победа во својата кариера на Сафари рели на Кенија. Со неа влезе во историјата на Светскиот шампионат во рели забележувајќи го најголемото водство во генерален пласман, предност од 36 бода, после три одржани настани. Воедно застана рамо, до рамо, со големите британски имиња како Колин Мекре и Ричард Барнс.

Победата на Еванс е значајна и за Toyota, бидејќи се случи точно на 100. рели за јапонската марка од нејзиното враќање во Светскиот шампионат во рели во 2017 година. Воедно ова е петти едноподруго триумф на Сафари рели за Toyota и вкупно тринаесетти од 1983 година досега. Кога ќе се додадат и трите победи во формат 1-2-3-4, во 1993, 2022 и 2023 година севкупно Toyota е најуспешната марка на ова рели од Светскиот шампионат.

Годинава, Кале Рованпера и Такамото Катсута не стигнаа до целта, препуштајќи им ги преостанатите две места од подиумот на возачите на Hyundai: От Танак и Тиери Нојвил. Тие, иако едвај дотуркаа до целта, го запишаа најголемиот успех на Hyundai на ова рели. Сафари рели на Кенија повторно се покажа како исцрпувачки тежок противник. По многумина годинешниот настан е најтежок во поновата историја на ова рели. Условите се менуваа од испит во испит. На еден се вози на суво, а веќе на следниот пороен дожд и леплива кал ги изненадува екипажите. Исклучително груби патеки често пресечени со бари од феш-феш (фин брашнест песок кој влегува во секоја пора и знае да го задуши моторот). Во него автомобилите лесно пропаѓаат и заглавуваат.

Дури и легендата Јуха Канкунен, со четири победи на ова рели, и заменик шеф на тимот на Toyota, призна дека годинешните услови се приказна за себе. Сепак, беше исклучително задоволен од победата на Еванс, која ќе ја смета и за сопствен јубилеј, бидејќи токму пред 40 години во 1985 година зад волан на Toyota Celica, Канкунен ја освои својата прва победа на Сафари рели. Дури и едни вакви исклучително тешки услови не ја спречи публиката во Кенија да се собере во огромен број. Традиционално ова рели кое се смета за национален настан во Кенија е одлично посетено, но годинава е забележан рекорд. Според проценка на полицијата преку 250.000 посетители биле наредени крај патеките бодрејќи ги модерните гладијатори. Оваа бројка е значително поголема од минато годишната проценка која броеше околу 188.000 посетители.

Во една ваква жешка атмосфера претседателот на Кенија, Вилијам Руто, го отвори настанот во четврток напладне, по што следеше првиот специјален брзински испит во близина на главниот град Најроби, каде во директен дуел екипажите имаа прилика да ја воодушеват повеќе илјадната публика. Веќе на следниот вистински испит Сафари рели почна да ги покажува забите. Ејдриен Формо беше првиот трагичар откако неговиот Hyundai i20N одби да стартува и тој мораше да се откаже. Релито го поведе Танак, но искусниот Естонец, свесен за предизвиците, предупреди дека она што следи ќе биде сериозно тешко. Така и бидна.

Петок, првиот вистински ден од релито предизвика хаос меѓу натпреварувачите. Сафари рели остана доследно на своето реноме и не остана екипаж што не се сретна со проблеми на брутално грубата подлога. Во оваа кланица Еванс беше човекот кој извлече најмногу од ситуацијата. Иако не беше најбрз на ниту на еден испит од денот неговата умешност да го сочува автомобилот и гумите се покажа како победничка тактика. Единствениот застрашувачки момент за Еванс беше издишана гума пред финишот на последниот испит од денот. Рованпера заврши втор 7,7 секунди зад Еванс. И тој се водеше според слична тактика, меѓутоа, заради невнимание на последниот испит од денот се изврте и загуби драгоцени секунди. Можеше да биде и прв.

Најбрзиот возач на денот От Танак загуби најмногу. Естонецот возеше како фурија. Се чинеше незапирлив. Победи на четири испити и се здоби со предност од 46,1 секунда пред Еванс. Но, на претпоследниот испит од денот му пукна полуоска напред и остана само со заден погон. Така се дотркала до крајот на денот, но заостана 55,4 секунди во однос на Еванс. Танак не беше единствениот од Hyundai што имаше мака. И на Нојвил денот му тргна наопаку.

Задоцни за излез од сервис бидејќи механичарите мораа да го заменат менувачот и доби казна од минута и половина. Потоа доби уште 10 секунди казна за „jump-start”, возеше со издишана гума, и пред крај на денот имаше проблеми со електриката. Сепак, заврши четврти со 36 секунди зад Танак. Формо кој се откажа претходниот ден заради електриката стартуваше повторно по правилото за ре-старт. Меѓутоа на седмиот испит му пукна гума, тој продолжи, и 10 километри потаму расцветаната гума ја оштети суспензијата принудувајќи го повторно да се откаже.

Гумите на Hankook пукаа како балони кај сите натпреварувачи од WRC. На нив не беше имун ниту Катсута кој менуваше два пати, загуби многу време, и заврши петти. Младиот Сами Пајари ја имаше истата мака и затоа заврши шести.

WRC2 – НА КРИЛЈА НА СРЕЌАТА

Бруталните услови во Кенија не беа попустливи ниту за екипажите од категоријата WRC2. Победи Гас Гринсмит, кој, би рекле, имаше најмногу среќа меѓу ривалите. Водечкиот Оливер Солберг се откажа првиот ден откако неговата Toyota Yaris Rally2 нурна во мекиот феш-феш и не можеше да исплива. Водството го наследи Кајетан Кајетановиќ кој годините минати во Škoda ги замени за Toyota.

На почеток од вториот ден тој скрши дел од суспензија, продолжи, но загуби повеќе од 30 минути додека го закрпи дефектот. Во борба останаа Гас Гринсмит и Јан Соланс со Toyota. Разликата беше тесна. Соланс од голема желба за успех се преврте на вториот испит во недела. Загуби повеќе од 3 минути во обид да се врати во игра и на крај мораше да му ја препушти славата на а Гринсмит.

Саботата на Сафари рели беше подеднакво хаотична и можеби побрутална. Еванс, покрај прибраноста го пратеше и среќа. Затоа се задржа на врвот зголемувајќи ја предноста на 1 минута и 57,4 секунди на крајот од денот. За разлика од Еванс, Рованпера не крена глава од проблеми. Две дупнати гуми во првиот дел од денот го чинеа минута и половина. Сагата продолжи со доаѓањето на поројниот дожд кој песокливите патеки ги претвори во езера од кал. На третиот испит од крајот на денот Рованпера скрши водилка од задната суспензија. На патната секција успеа да ја закрпи штетата со „шпанер-гуртна” и да продолжи. Но, не смееше да форсира на преостанатите два испити од денот и во процесот загуби повеќе од пет минути паѓајќи на петтото место. На крај на денот Танак го наследи второто место, Нојвил третото, а Катсута четвртото. Но, ниту еден од оваа тројка не мина без проблеми.

Катсута три пати менуваше тркало и возеше болен, и патем, победи на два испити. Танак менуваше тркало и возеше со замаглено предно стакло, додека Нојвил повторно не крена глава од проблеми. Два пати дупна гума, возеше со замаглено предно стакло и на крај моторот почна да трокира. Сепак, актуелниот шампион успеа да се избори со предизвиците и не загуби многу време во однос на тимскиот другар Танак. Hyundai одлучи Формо да не вози за да се сочува автомобилот за во недела кога можат да се соберат важните поени за тимот.

Неделата, со безмалку победа в рака, Еванс не сакаше да ризикува. Им ја препушти борбата за дополнителни бодови на своите ривали. Еванс успеа дури и да ги држи под контрола проблемите со електриката кои го натераа Рованпера да се откаже на вториот испит од денот. Зголеменото внимание на Еванс значеше загуба на дел од предноста во однос на Танак, но сепак го заврши релито со 1 минута и 9,9 секунди пред Естонецот.

Најбрз во неделата беше Формо кој заработи максимални 5 бода, следен од Нојвил со 4 и Танак со 3 бода. Еванс го заврши денот како четврти надополнувајќи 2 бода на победничките 25. Џошуа МекЕрлин со Ford Puma беше петти и заработи 1 бод. Катсута во кого Toyota полагаше надеж дека ќе освои значајни бодови за тимот не го заврши релито. Борејќи се во текот на денот со дупнати гуми и истоштеност, на последниот испит од релито Wolf Power го преврте автомобилот и не заврши. Формо, Нојвил и Танак беа најбрзи на испитот Wolf Power грабејќи заедно уште 10 значајни бодови за тимот на Hyundai.

Еванс бележи убедливо водство во генерален пласман пред второпласираниот Нојвил. Има 88 бода, додека актуелниот шампион до сега заработил 52 бода. Трет е Танак со 49 бода. Меѓу производителите Toyota останува на врвот. Но, предноста од 60 бода во однос на Hyundai после релито на Шведска е намалена на 26 бода. Toyota сега има 148 бодови, додека Hyundai има 126 бодови Трет е M-Sport Ford со 47 бодови.

Следно на програмата е новиот настан во календарот асфалтното рели на Канарски Острови кое се вози од 24 до 27 април.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.