ВТОРА ПОБЕДА, ЕДНА ПО ДРУГА, НА РЕЛИТО НА САРДИНИЈА ЗА ДАНИ СОРДО КОМУ ОВОЈ НАСТАН КАКО ДА МУ СТАНУВА СПЕЦИЈАЛНОСТ. ШПАНЕЦОТ СЕ ЧИНИ ЛЕТАШЕ ПРЕКУ ПАТЕКИТЕ И ДОЈДЕ ДО ОЧЕКУВАНИОТ УСПЕХ.
Да се освои Средоземниот остров Сардинија не е ниту малку лесно за современите рели монструми кои се соочуваат со пекол на лизгавите патеки прекриени со чакал. Нема двојби дека вистинска умешност е да се вози брзо, а безбедно на патеките низ Сардинија и да се освои резултат достоен за победа. Многу фактори влијаат на перформансите. Екипажите се соочуваат со правилен избор на гуми, соодветен сетап кој ќе одговара на ненадејните промени на подлогата, колку резервни тркала ќе носат итн. Понекогаш и најмалите превиди во тактиката како да се нападне претстојниот круг од брзински испити можат многу да ги чинат натпреварувачите. Годинава сето ова на своја кожа го искусија голем дел и од водечките екипажи во Светскиот шампионат. Релито на Сардинија повторно покажа дека дури и искусните можат да потфрлат, и дека без исклучок може да биде освоено само со целосна посветеност.
Можеби Дани Сордо има посебна дарба потребна за освојување на ова специфично рели втор пат едноподруго. Зад волан на Hyundai i20 Coupe WRC и воден од својот совозач Карлос Дел Барио, Сордо беше незапирлив. Го поведе релито од првиот натпреварувачки ден и успеа да се одржи на водечката позиција до самиот крај на овој медитерански рели спектакл. Сепак, стартот на релито мина во знак на Тимо Сунинен со Ford Fiesta WRC. Нема двојби дека Финецот беше исклучително брз на првиот круг брзински испити во петокот наутро.
Но, лошиот избор на гуми за време на првиот сервис од денот му пресуди во понатамошниот тек на настаните. Едноставно Сунинен немаше вистински одговор за брзината на Сордо низ останатите брзинци од денот и беше принуден да му ја препушти водечката позиција по крајот на првиот ден од релито. Зад Сунинен заврши тимскиот другар на Сордо и претендент за титула Тиери Нувил. Белгиецот се бореше со лошиот сетап на неговиот i20 во текот на денот, на два пати му изгасна возилото и загуби многу време обидувајќи се да го стартува. Неговите лути ривали и претенденти за титула Елфин Еванс и Себастијан Ожие подеднакво се сретнаа со проблеми, но од поинаква природа. Бидејќи заради првото и второ место во генерален пласман стартуваа на чело, имаа улога на метла која буквално го мете површинскиот слој од чакал пред да се стигне до потврда подлога. Лошиот контакт со подлогата значеше загуба на бесценети секунди. Затоа Ожие заврши четврти, а Еванс петти на крајот од денот. Трагичар на денот беше актуелниот шампион От Танак кој заради проблеми со суспензијата загуби повеќе од 2 минути во однос на Сордо.
Сордо остана на водечката позиција и по крајот на втората етапа. Призна дека вози внимателно без да ја загрози својата положба иако почна да го чувствува притисокот од Нувил и Ожие. И додека за првото место работите беа јасни, вистинска борба се разгоруваше за втората позиција меѓу Нувил и Ожие. И двајцата претенденти за титула, тие буквално ги менуваа своите позиции од брзинец, во брзинец, форсирајќи да се достигне Сордо чија предност полека почна да се топи. На крајот од денот, сепак Ожие беше тој што излезе славејќи од овој жесток дуел. Нувил направи грешка избирајќи две резервни гуми поучен од релито во Турција. Вишокот на тежина ја наруши возната динамика на неговиот i20 што на крај го чинеше многу. Ожие одлично го одработи својот дел и на крајот од денот заврши втор успевајќи да украде вредни 1,5 секунди од Нувил. Водечкиот во шампионатот Еванс избра премногу внимателен пристап и ја плати цената со блузи 1 минута заостаток зад Сордо. Заврши на четвртата позиција на крајот од денот, додека Сунинен заради проблеми со рачната сопирачка падна на шестото место. Внимателно пристапувајќи им на четирите брзински испити од последниот ден од релито на Сардинија, Сордо успеа да остане во водство и да ја однесе победата. Иако го возеше своето второ рели во сезоната, Шпанецот сепак психолошки го издржа притисокот од Ожие и Нувил чија лута борба ја одбележа и последната етапа од релито. И додека Сордо имаше внимателен пристап, Нувил и Ожие се бореа јуначки до последниот метар. Нaпредуваа брзо сечејќи ги секундите на Сордо и постојано изменувајќи се на втората позиција низ тек на целиот настан. Се чинеше дека Ожие повторно ќе го добие дуелот со Нувил кога на претпоследниот брзинец беше побрз за 2,4 секунди и изби на второ место. Меѓутоа, работите се свртеа на глава на последниот брзинец од релито. Нувил како да го знаеше патот на памет. Буквално леташе преку патеката и успеа дефицитот од 2,4 секунди да го претвори во предност од 1 секунда. Ожие беше поразен. Нувил го освои второто место, Ожие третото, а Еванс остана четврти. Сунинен заврши петти, а Танак шести. Единствена сатисфакција за Танак на ова рели беше освојувањето на телевизискиот брзинец и од него петте дополнителни поени.
На две релија до крајот на сезоната Еванс останува на лидерската позиција меѓу возачите. Има 111 бодови пред Ожие со 97 и Нувил со 87. Танак со 83 бодови е четври и само чудо може да го доведе во позиција за одбрана на титулата. Одличниот настап на целиот тим на Сардинија го промовираше Hyundai во лидер меѓу производителите. Дефицитот од 9 бодови Hyundai го претвори во предност од 7 бодови. Сега со 208 бодови води пред Toyota која има 201 бод и M-Sport Ford со 117 бодови.
Последните две релија од сезоната се возат на асфалт. Следно е релито на Белгија, а по него како последен настан од сезоната се вози релито на Монца.