WRC – Рели Монца-ТРИУМФАЛНАТА КАРИЕРА ЗАВРШИ СО ТРИУМФ

05/01/2022

ПОБЕДАТА НА РЕЛИТО НА МОНЦА МУ ЈА ДОНЕСЕ ОСМАТА КРУНА СВЕТСКИ ШАМПИОН ВО РЕЛИ НА СЕБАСТИЈАН ОЖИЕ, А ВОЕДНО СТАВИ КРАЈ НА ПЛОДНАТА КАРИЕРА КОЈА ГО ПРЕТВОРИ ВО ЕДЕН ОД НАЈУСПЕШНИТЕ РЕЛИ ВОЗАЧИ НА СИТЕ ВРЕМИЊА

 

Совршен крај на една грандиозна кариера. Не можеше да заврши подобро за Себастијан Ожие. Годината во која одлучи да се повлече од релито како постојано ангажиран возач ја освои осмата титула Светски шампион во рели, и, титулата ја понесе со победа на последното рели од една исклучително непредвидлива сезона. Ожие триумфираше на релито во Монца, триумфираше и во шампионатот за возачи, и се запиша во историјата како втор најуспешен рели возач на сите времиња. Секако во целост нема да ја напушти својата најголема љубов, релито. Ќе вози со ограничена програма за да има време да му се посвети на семејството. Најзначајното нешто на светот кое е тешко остварливо кога се живее животот на еден рели возач кој поголемиот дел од времето го минува во бркотница по аеродроми и хотели. И додека Ожие не се повлекува во целост неговиот совозач Жулиен Инграсија засекогаш си заминува од светот на релито. Неговото повлекување е конечно. Разделбата е тешка признаваат и двајцата кои 15 години седат еден до друг и ги делат и најубавите, и најтажните, но и најстрашните моменти во животот. Сепак, богатството од сеќавања ќе продолжи да ги врзува големите другари во приватниот живот. Голема неизвесност лебдеше над кампот на Toyota пред почетокот на релито на Монца каде домуваа и двата претенденти за титула. Себастијан Ожие и Елфин Еванс.

Ситуацијата навидум наликуваше на онаа од минатата година, кога токму на релито на Монца се одлучуваше за титулата. Но, само навидум. Лани, Еванс, релито го започна со предност од 1 бод пред Ожие, а годинава со дефицит од 17 бода. На калкулациите од типот: што би било, кога би било, пред почетокот на релито им немаше крај. Сепак, едно беше јасно. Ожие немаше намера, туку-така, да ја испушти титулата од раце. Дури и да не победеше, во најлош случај му беше доволно да заврши шести и да си замине дома со титула. А за искусен лисец како Ожие ова ниту оддалеку не беше неостварливо. Меѓутоа никој не го очекуваше нивото на перформанси кое тој и Инграсија им го приредија на љубителите на релито низ цел свет. Генералниот впечаток беше дека Ожие ќе вози резервирано, без ризик само за да стигне до титулата. Но, на терен нештата се сменија, а љубителите на релито можеа да уживаат во вистинска борба на титани која се одвиваше до самиот крај на релито, односно до самиот крај на сезоната.

Бркајќи ја осмата круна во девет сезони и охрабрен од конечно добриот сетап на својaта Toyota Yaris WRC, Ожие уште на стартот покажа од каков материјал е направен. Доминираше на утринските брзински испити по самиот почеток на релито, меѓутоа до крајот на денот силите со Еванс се израмнија. Велшанинот почна да притиска и успеа во петочното попладне да избие на чело, додека Ожие се справуваше со проблеми со сопирачките. На крајот од денот разликата меѓу нив беше 1,4 секунди. Зад нив возеше Нувил со 21,6 сек. заостаток.

Белгиецот ги надмина проблемите со сетапот и со менувачот на своето Hyundai i20 Coupe WRC дури успеа и да победи на претпоследниот брзинец од денот.

Неговиотi тимски другар Даниел победи и го заврши денот точно 3 сек. зад Нувил. Петти беше третиот возач на Hyundai Оливер Солберг, а шести Такамото Катсута со Toyota. Големата борба меѓу Ожие и Еванс продолжи и во сабота, вториот ден од релито. Двоецот Toyota повторно ги менуваше местата на водечката позиција скоро после секој извозен брзински испит. Фокусот насочен кон победа беше подеднаков и кај двајцата иако во случај на грешка Ожие беше тој што ќе изгубеше многу повеќе отколку Еванс. Велшанинот дури и да победи титулата не му беше загарантирана во колку тимскиот другар го заврши релито зад него. Сепак, жарот на борбата не згаснуваше. Доказ беа постигнатите времиња кои велеа дека на крајот од денот Ожие е во предност од 0,5 секунди. И додека водечките беа фатени во костец останатите водеа битка за себе. Посебно Сордо и Нувил кои покрај тоа што се бореа за својот пласман на ум го имаа и пласманот на тимот на Hyundai. Нувил, како и лани повторно направи грешка удирајќи во бариера на патот и остана без предниот дел од автомобилот.

Со откорнати пластики неговиот i20 делуваше далеку позастрашувачки, но нарушената аеродинамика го успоруваше. Затоа до крајот на денот загуби драгоцени секунди и му го отстапи третото место на Сордо. Солберг и Катсута ги задржаа позициите од претходниот ден.

Само три брзински испити од последниот ден од релито ги делеа Ожие и Еванс од решавачкиот исход. Но, Ожие повеќе не беше спремен да форсира. Возеше претпазливо контролирајќи ја ситуацијата од врвот. Искуството му велеше дека од преголема желба за победа грешки лесно се прават. Токму тоа го искуси на своја кожа Еванс. Се изврте на претпоследниот брзински испит и загуби 16,8 секунди кои можеби го чинеа победа. Најбрз на трите брзинци беше Нувил кој доцна влезе во ритам. Сепак, резултатот беше доволен само за лична сатисфакција на Белгиецот. Победата отиде во рацете на Ожие, Еванс заврши втор, а Сордо беше трет. За жал Нувил не можеше подалеку од четвртото место. Солберг остана доследен на петтото место, додека Катсута не успеа да го задржи шестото кое му припадна на Сунинен и заврши седми. Гас Гринсмит осми, а Кале Рованпера девети. Младиот Финец остана доследен на тимските наредби: да вози внимателно и доколку им се случи пех или на Ожие, или на Еванс да освои доволно бодови за Toyota да стане шампион меѓу производителите.

Така Ожие по осми пат стана шампион меѓу возачите, а Toyota по петти пат меѓу производителите. Шампионската титула на Toyota воедно беше голем личен успех за шефот на тимот Јари-Мати Латвала. Ова е прва негова сезона како шеф на тим и веднаш ја круниса со титула. Всушност Латвала како шеф на тим успеа да го достигне она што не успеа како возач, а тоа е да стане светски шампион.

Ожие го доби шампионатот со 230 освоени бодови, додека Еванс мораше да се задоволи со 207 бода. Нувил остана далеку на третото место со 176 бода, додека Рованпера како вистинско изненадување годинава го освои четвртото место во шампионатот со 142 бода. Меѓу производителите Toyota ја покажа својата надмоќ со 520 освоени бодови, додека второпласираниот Hyundai освои 462 бода. Третопласираниот M-Sport Ford заврши со 199 бода, а приватниот тим Hyundai 2C Competition со освоени 68 бодови следствено се пласираше четврти.

Со завршување на релито на Монца заврши и сезоната 2021, но и 25 годишната кариера на Светскиот рели автомобил, или WRC. Од в година нивното место ќе го пополнат хибридните рели автомобили од новата група Rally 1. Што ќе покажат и како ќе се носат со тешките патеки ширум светот останува да видиме. Истото важи и за возачите. Но, едно е извесно. Сега кога Ожие се повлекува од релито се отвораат вратите за Еванс кој две години по ред е на прагот од освојувањето на титулата, но никако да го пречекори. И в година сезоната ќе биде долга и неизвесна, па ни останува да ја проследиме и да видиме како ќе тече и како ќе заврши.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.