ТРИУМФОТ НА ТАНАК НА РЕЛИТО ВО ШВЕДСКА ГО ИЗВАДИ ТИМОТ НА M-SPORT FORD ОД ДЛАБОК СОН И МУ ЈА ДОНЕСЕ ПРВАТА ПОБЕДА ПОСЛЕ ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА ГОДИНА. ВОЕДНО, ЕСТОНЕЦОТ ПОКАЖА ДЕКА НЕЗАЛУДНО МУ СЕ ВРАТИ НА СВОЈОТ СТАР ТИМ
От Танак и тимот на M-Sport Ford имаат многу причини да ја слават победата на релито на Шведска која дојде како порачана за да го подигне моралот и на тимот, и на Танак. Реалноста е дека M-Sport Ford е мал тим кој на светската рели сцена се бори против големите производители како Toyota и Hyundai. Факт е и дека на тимот му недостасуваше возач од прва лига каков што е Танак и се чини дека после само две релија старото партнерство има надеж за успех.
Танак возеше за M-Sport меѓу 2011 и 2017 година пред да замине во Toyota со која ја освои возачката круна, а потоа во Hyundai каде буквално се измачуваше. Како ништо да не му одеше од рака освојувајќи само пет победи во три долги сезони. Враќањето во M-Sport како да внесе зрак нов живот и кај Танак, но и кај тимот. Победата во Шведска е прва за M-Sport после онаа во Монте Карло од лани, од која минаа точно 385 дена, а за Танак прва после онаа на релито на Белгија од август минатата сезона. И тимот, и Танак се согласуваат дека им претстои уште многу работа за да се дотера автомобилот според високите стандарди на Естонецот. Тој низ целото рели повторуваше дека не е среќен како го чувствува автомобилот, но ако успева да победи на ваков начин се поставува прашањето што ќе биде со конкурентите кога ќе се ослободи целосниот потенцијал на неговата Ford Puma Rally1?
Релито на Шведска е едно од најстарите во Светскиот шампионат и единствено кое целосно се вози на смрзнати и со снег прекриени патеки со температури кои се спуштаат и до -10°С. И покрај тоа што се вози на снег и мраз тоа е едно од најбрзите релија во шампионатот. Звучи парадоксално, но пример е просечната брзина од сериозни 121,52 km/h на минатогодишниот победник Кале Рованпера, а максималните брзини на правците одат и до 200 km/h. Ова пред сè се должи на тесните гуми со крампони кои зафаќаат во мразот и снегот, и нудат подеднакво ниво на тракција како и гумите наменети за асфалт. А тука се и високите брегови на кои возачите буквално ги потпираат автомобилите низ свијоци што личи како да возат по шини.
Релито го отвори атрактивниот брзински испит кој се возеше под крилја на ноќта во четврток навечер на дофат од градот домаќин Умреа. Илјадници фанови се собраа да ги бодрат екипажите кои со своите рели монструми опремени со дополнителни светла сечеа низ мракот. Рованпера беше најбрз на овој испит и го поведе релито пред вистинските збиднувања на патеките кои ги чекаа екипажите следниот ден. Танак со 1,6 сек. му дишеше во врат на Кале, а трет беше Еванс.
Во петок наутро се отвори вистинскиот предизвик на ова снежно рели. Водечката позиција во шампионатот не му одеше во прилог на Рованпера. Тој буквално ја трасираше патеката низ мекиот снег, а гумите на неговата Toyota Yaris се мачеа гребејќи во обид да стигнат до цврста подлога. Метејќи низ снегот Рованпера им отвори пат на ривалите кои знаеја да ја искористат предноста, посебно Крег Брин кој стартуваше далеку поназад. Очекувано неговите перформанси изостануваа. Затоа Танак после само три брзинци го поведе релито, иако не победи на ниту еден од нив. Сепак, константните перформанси го искачија на врвот. Но, во остатокот од денот ја загуби предноста во однос на Крег Брин. Ирецот се покажа како вистинско изненадување откако се врати во тимот на Hyundai. Победи на три испити и успеа да го заврши денот како водечки со 2,6 сек. пред Танак и 11,2 сек. пред тимскиот другар Есапека Лапи кој годинава е клучен снежен играч на корејскиот тим. Четвртата, петтата, и шестата позиција ги поделија Еванс, Рованпера и Нувил.
Борбата меѓу Брин и Танак се засили во саботното утро кога низ утринските три испити тие си разменија времиња кои ги доведоа на истите позиции од претходниот ден. Меѓутоа утринскиот круг од испити беше вовед во драмата што ќе се случува во остатокот од денот. Попладневниот круг испити кој стандардно почнува после големиот сервис на возилата каде се вршат прегледи и поправки на возилата, и се вршат фини дотерувања на сетапот, му одеше во прилог на Танак. Во само два испити тој ја стопи предноста на Брин на 0,5 сек., а веќе на претпоследниот брзинец од денот под крилјата на ноќта потпирајќи се на своето искуство прејде во водство. Иако не го освои последниот испит од денот сепак имаше доволно брзина за да го поведе релито со 8,6 сек. пред Брин на крајот од денот. Танак сето ова го направи со скоро уништени гуми, од кои една комплетно ги загуби крампоните. Сепак, на крајот од денот слична судбина делеа скоро сите возачи од врвот. Брин едноставно не можеше да се носи со брзината на Естонецот делумно и заради проблеми со хибридниот погон на неговиот i20 N. Излетувањето на Лапи го промовираше Нувил во третопласиран но, исто така, му отвори пат на Рованпера да се бори за подиум бидејќи заостануваше само 3,8 сек. зад Белгиецот.
Останаа само три брзински испити од последниот ден кои воедно беа одлучувачки за исходот на ова рели. Со нови гуми поставени на нивните рели монструми секој од водечките возачи во неделата наутро можеше да понесе доволно брзина и да направи некаква разлика во пласманот. Танак целеше да ја задржи предноста, а Брин да го надомести загубеното. Сепак, Танак беше тој кому планот му успеа и се закити со првата победа во новиот тим. Брин делумно го спречија и тимските наредби. Имено многу поважна за тимот на Hyundai беше борбата за бодови на Нувил во шампионатот за возачи. Затоа Брин кој вози делумна програма доби наредба да задоцни една минута со пријавување на последниот испит и со тоа да добие казна од 10 сек.. Така Нувил требаше да избие пред него и да го освои второто место. Меѓутоа планот не успеа заради лошите перформанси на Нувил на последниот испит. Брин сепак релито го заврши втор со 1,3 сек. пред Нувил кој остана на третото место. Четврти заврши Рованпера, петти Еванс, шести Лубет и седми Есапека Лапи кој воедно го освои последниот ТВ брзински испит и се закити со дополнителни 5 бодови. Осмото, деветтото и десеттото место ги поделија возачите од групата WRC2 Оливер Солберг, Оле Кристијан Веиби и Сами Паjари.
После две релија од сезоната Танак со победата во Шведска се искачи на врвот во шампионатот за возачи и со 41 бод води пред Рованпера кој на своето конто има забележано 38 бода. Трет е Нувил со 32 бода. Меѓу производителите Toyota успеа да го задржи водството и со 80 бода води пред Hyundai кој има 66 бодови и кој има 66 бодови и M-Sport со 51 бод. Следно на програмата е релито на Мексико кое се вози на средината на месец март.
WRC2 – ПРВ ТРИУМФ НА СОЛБЕРГ
![]()
Младиот Оливер Солбер кој годинава се врати во категоријата WRC2 победи на релито на Шведска. Прва победа за него во оваа категорија. Оваа победа за него е уште позначајна бидејќи ја освои пред домашната публика. Одличниот настап во текот на трите натпреварувачки дена зад волан на Skoda Fabia RS Rally2 на крајот од релито му обезбеди предност од 42,3 сек. во однос на второпласираниот Оле Кристијан Веиби. Норвежанецот Веиби со VW Polo GTi R5 не можеше да најде соодветен одговор за возењето на Солберг и втора година по ред го завршува ова рели на второ место. Третата позиција ја освои Сами Пајари зад волан на Skoda Fabia RS Rally2 идентична на онаа на Солберг, а подготвена од германскиот тим Toksport.
|