НЕДОПИРЛИВИОТ ОЖИЕ ПОСТАВИ НОВ РЕКОРД НА МОНТЕ KАРЛО. ТОЈ Е ЕДИНСТВЕНИОТ ВОЗАЧ ВО ИСТОРИЈАТА КОЈ ДЕВЕТ ПАТИ ПОБЕДИЛ НА ОВА СЛАВНО РЕЛИ. НЕГОВИТЕ ПОБЕДИ СЕ ПРОТЕГААТ НИЗ ПЕРИОД ОД ТРИ ДЕКАДИ И СЕ ПОСТИГНАТИ СО ПЕТ РАЗЛИЧНИ ПРОИЗВОДИТЕЛИ
Себастијан Ожие конечно го оствари својот сон и постави нов рекорд по број на победи на предизвикувачкото рели на Монте Карло со кое традиционално се отвора сезоната во Светскиот шампионат во рели, и кое веќе го најавивме во воведот на сезоната. Вкупно девет победи стојат во портфолиото на францускиот рели ас кој се искачи на врвот во алејата на славните на ова историско рели. Ожие долго ја чекаше оваа шанса и ја дочека. Боговите на релито годинава му се насмевнаа на осумкратниот светски шампион и го искачија на тронот на славата. Интересно е што неговите девет победи се протегаат низ период од три декади и се постигнати во тимовите на пет различни производители. Податок кој говори за способностите на Ожие како возач.
Иако тој не е најуспешниот возач во рели на сите времиња, овој рекорд за него лично е поважен отколку освојувањето на титула. Како што резимира Ожие, тој сè уште му симнува капа на својот ривал и сонародник Себастијан Лоеб кој има девет титули. Но, освојувањето на Монте Карло кого го сметаат за дом на релито за Ожие е нешто возвишено. Минатата година тој ја пропушти шансата за влакно. Дупната гума на предтпоследниот брзински испит од релито го спречи да стигне до посакуваниот рекорд. Тогаш мораше да му ја препушти победата на Лоеб, иако до трагичниот настан имаше предност од 24,6 секунди пред својот лут ривал. Така Лоеб се изедначи со него по бројот на победи на ова рели.
Меѓутоа годинава збиднувањата се одвиваа поинаку. Лоеб не учествуваше заради обврските со Дакар. Нешто за кое жали и тој, но и Ожие, за кого оваа победа ќе беше уште поголема ако во директен дуел го надвозеше Лоеб. Сепак, тоа не ја намалува вредноста на неговиот успех. Непредвидливото рели на Монте Карло секогаш е тука да изненади и да стави сопка кога најмалку се очекува. Дури и годинава. Иако на планините не се очекуваше снег со оглед на временските услови, сепак утринските испити заради ниските температури на високите планински превои знаат да измешаат снег, мраз, и сув асфалт во само неколку километри. Комбинација која бара брзо прилагодување и строго казнува и најмала грешка. Сепак и во едни вакви услови осумкратниот шампион брилиирaше. Го поведе релито од сам старт и со хируршка прецизност стигна до целта и до својот бесценет трофеј.
Во една ваква апсолутна доминација се чувствува дека нема што повеќе да се срочи од веќе наведеното. Сепак, накусо вреди да се проследат збиднувањата на ова прво рели од сезоната која носи многу измени меѓу возачите и тимовите.
Релито започна со спектакуларно отворање во четврток навечер на змијулестите патеки кои вртат околу славниот планински превој Кол де Турини и неговиот подеднакво атрактивен близнак Кол де Кастилион. Да се следат автомобилите во темница со дополнително осветлување на хауба е вистинска атракција. Во оваа куса испитна дистанца од само 40,02 km Ожие возеше во лига сам за себе и му побегна на тимскиот другар Еванс за сериозни 6,0 секунди. Веќе третопласираниот Танак, кој годинава ги брани боите на M-Sport Ford, доцнеше 15,4 сек., а Нувил 15,5 сек.. Зад нив на петата позиција се најде актуелниот шампион Рованпера со дури 17,1 сек. доцнење зад водечкиот. Можеби за првпат на ова рели Ожие профитираше од стартната позиција. Стартувајќи далеку поназад можеше да ги следи трагите од гуми што ги оставаа неговите ривали врз асфалтот. Тоа му овозможуваше полесно да ја најде вистинската линија низ незгодните свијоци.
На вториот натпреварувачки ден, петок наутро, Ожие продолжи онаму каде што заврши претходната вечер. И покрај откажувањето на хибридниот погон неговото возење беше налик на разурнувачки ураган. Во само три брзински испити утрото успеа да му побегне на Нувил за 32,7 сек., а на Рованпера за 34,5 сек.. Еванс, пак, некако успеваше да држи чекор сè додека на третиот испит од денот не дупна гума и загуби 40 сек.. Во останатите три испити Ожие продолжи да форсира и денот го заврши со предност од 36 сек. пред Рованпера. Шампионот во меѓусебен дуел успеа да го добие Нувил кој со 37,9 сек. заостанување падна на третата позиција. Танак падна на четвртата позиција, а петтата беше резервирана за Еванс. Сордо, Катсута и Есапека Лапи, кој годинава мина во Hyundai, ги поделија шестата, седмата и осмата позиција соодветно заостанувајќи повеќе од минута и половина зад Ожие.
Предноста која ја создаде Ожие не сакаше да ја испушти. Гледајќи ја големата слика пред себе во саботниот круг од брзински испити одлучи да не форсира и да ја контролира предноста без да ризикува. Оваа одлука резултираше со топење на предноста. На крајот од денот бележеше само 16 сек. пред Рованпера. Сепак, немаше опасност по него. Целта на Рованпера не беше да го брка Ожие. Иако немаше тимски наредби Рованпера во стил на голем возач сам одлучи да му го чува грбот на својот тимски другар и да создаде поголема тампон зона во однос на Нувил. Успеа во намерата. Предноста од 1,9 сек. од претходниот ден ја зголеми на 16 сек. Еванс успеа да го престигне Танак во борбата за четвртата позиција, а на Катсута му појде од рака да го престигне Сордо и да го заврши денот како шестопласиран. Сордо и Лапи завршија седми и осми. Иако се одлучи за контролиран пристап, посебно на последните четири испити од релито кои се возеа во недела, Ожие сепак покажа од каков материјал е направен. Без да форсира победи на два испити од денот зголемувајќи ја предноста пред Рованпера на 18,8 сек. до крајот од релито. Тука сопре неговата потера по остварување на сонот: деветта победа на Монте Карло. Рованпера кој победи на последниот ТВ-испит и се закити со дополнителни пет бода го надвози Нувил завршувајќи значајни 25,8 сек. пред него. Белгиецот беше разочаран од неговиот Hyundai i20. Призна дека иако форсирал едноставно не можел да направи ништо повеќе, за што говори и победата на само два испити. Останатите меѓу себе ги поделија екипажите на Toyota: Ожие доби 9, Кале 6 и Еванс 1 испит. Бројки кои говорат за надмоќта на јапонскиот тим. Останатите возачи го задржаа поредокот од саботата: Еванс четврти, Танак петти, Катсута шести, Сордо седми, Лапи осми. Деветата и десетата позиција им припаднаа на возачите од групата WRC2 каде се натпреваруваат возила со погон на предна оска. Николај Гријазин со Skoda Fabia RS Rally2 финишираше девети, а Јохан Росел со Citroen C3 Rally2 заврши десети. Следниот настан е снежното рели на Шведска кое се вози од 9 до 12 февруари. Релито на Шведска како и останатите релија кои следат веќе ги најавивме во воведот на оваа очигледно возбудлива сезона, заедно со останатите новини кои не очекуваат годинава во шампионатот. До тогаш дел од возачите како Танак, Лапи и Катсута ќе земат учество на националните релија. Танак ќе вози на домашното рели на Естонија, а Лапи и Катсута на домашното рели на Финска. Целта е да ги тестираат своите возила. Оваа пракса до лани не беше актуелна, но тимовите сè повеќе ќе ја применуваат во иднина. Причина е ограничување на времето за тестирање. Сега секој тим годишно има дозволени 21 ден за тестирање, односно по седум дена од возач за тим со три возила. Учеството на националните релија не се смета за тестирање, па затоа тие се добра алтернатива за фино дотерување на возилата. А како ќе влијае оваа пракса врз исходот на сезоната и начинот на кој тимовите ќе успеат да се прилагодат на новините ни останува да видиме.
WRC2 – ПРЕКУ КАЗНА ДО ПОБЕДА
Во категоријата WRC2 која се вози паралелно со Светскиот шампионат и претставува едно сериозно натпреварување каде учество земаат возила со погон на предна оска од група Rally2, превирањата до крајот на релито одлучија за победникот. Николај Гријазин со Skoda Fabia беше неприкосновен од почеток до крај. Излижаните гуми на последниот испит му земаа малку од предноста но, сепак, успеа да го победи Јохан Росел и неговиот Citroen C3 со минорна предност од само 4,5 сек.. Меѓутоа по крајот на релито тимот на PH Sport поднесе приговор против Гријазин за кратење на свијок на 14 брзински испит. По истрагата приговорот беше усвоен и Гријазин беше казнет со време од 5,0 сек.. Тоа му ја донесе победата на Росел со разлика од 0,5 сек., а Гријазин мораше да се задоволи со второто место. Третото му припадна на Пепе Лопез со Hyundai i20 N Rally2. |