ПОСЛЕ АПСОЛУТНАТА НАДМОЌ НА РЕЛИТО ВО МЕКСИКО СЕБАСТИЈАН ОЖИЕ МАКА МАЧЕШЕ СО ЛОШИТЕ ПЕРФОРМАНСИ НА СВОЈОТ АВТОМОБИЛ НА АСФАЛТОТ ВО КОРЗИКА ПРЕПУШТАЈЌИ МУ ГО ВОДСТВОТО ВО ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН НА НАЈЛУТИОТ КОНКУРЕНТ ТИЕРИ НУВИЛ.
Откако минаа специјалистичките релија, релито на Монте Карло и на Шведска кои традиционално ја отвораат сезоната во Светскиот шампионат, следеа таканаречените вистински релија, релито на Мексико и на Корзика. Првиот настан на чакал, а вториот на асфалт. Во Мексико Citroen и Себастијан Oжие изненадија со своите перформанси. Шампионот успеа да ја забележи својата петта победа во Мексико и воедно седмото едно по друго искачување на подиумот. Всушност на релито во Мексико Ожие во 2008 ја збележа својата дебитанска победа во Junior WRC пред да влезе во големата лига. Ова исклучително тешко рели кое заради грубите патеки, високите температури и големата надморска височина од над 2.750 метри е поразително за автомобилите Ожие покажа апсолутна надмоќ. Водеше од почеток до крај не испуштајќи ја својата предност ниту за миг. Забележа голема победа и за себе и за тимот. Најголемиот негов конкурент на ова рели От Танак не можеше да ги достигне времињата на Ожие бидејќи стартуваше прв и буквално го метеше лизгавиот чакал мачејќи се со тракцијата. Toyota конечно го реши проблемот со ладењето на Yaris WRC и Танак иако хендикепиран сепак на крај успеа да заврши втор. Третото место му припадна на Елфин Еванс кој не успеа да се одбрани од нападот на Танак во текот на последниот ден од релито. Сепак, неговите очекувања за уште еден подиум на релито на Корзика се остварија.
Прашањето кое произлезе по настаните на релито на Корзика е дали Светскиот шампионат во рели доби нов специјалист за асфалт во ликот на Елфин Еванс? Младиот Велшанец брилиираше на непредвидливите асфалтни патеки кои се обвиткуваат околу планинските висови на медитеранскиот остров.
Беше доволно добар да ја заслужи победата која за влакно му избега заради дупната гума. Баксуз кој не би требало да се случи никому на последниот брзински испит од релито, а уште помалку додека е во водство.
Еванс зад волан на Ford Fiesta го поведе релито на крајот од првиот натпреварувачки ден после жестоките борби со От Танак и Тиери Нувил со Hyundai i20. Борбите продолжија и во текот на вториот ден. Меѓутоа на маратонскиот и воедно последен брзинец од денот, 47 километри долгата Кастагниција, Нувил возеше беспрекорно и постави темпо кои Еванс едноставно не можеше да го издржи. Загуби 16 секунди и падна на второ место. Но, не остана должен.
На првиот брзинец од последниот ден растури и ги врати загубените секунди од Нувил повторно поведувајќи го релито. Возеше уверливо сè до последниот брзинец кога дупнатата гума му пресуди на чекор од победата која на крај му припадна на Нувил. Втор заврши Ожие кој мака мачеше со лошите перформанси на Citroen C3 и се бореше да држи чекор со ривалите, а Еванс мораше да се задоволи со трета позиција.
После релито на Корзика лидерската позиција во шампионатите за возачи и за производители ја имаат Нувил и Hyundai со 82 и 114 бодови соодветно. Втор e Ожие и неговиот Citroen со 80 и 102 бода, трет е Танак и тимот на Toyota со 77 и 98 бодови, а четврти се Еванс и Ford со 43 и 70 бодови. Следни на репертоарот се јужно американските релија, релито на Аргентина и релито на Чиле.