НА TOYOTA, КОЈА ВАЖИ ЗА ПРОИЗВОДИТЕЛ НА НАЈИЗДРЖЛИВИТЕ АВТОМОБИЛИ НА СВЕТОТ И УСПЕА НЕВОЗМОЖНОТО. ПО ТРЕТ ПАТ ВО ИСТОРИЈАТА НА СВЕТСКОТО РЕЛИ СЕ ЗАКИТИ СО 1-2-3-4 ПОБЕДА НА РЕЛИТО НА КЕНИЈА. И УШТЕ ПОНЕВЕРОЈАТНО, ТОА И УСПЕА ВТОР ПАТ ЕДНОПОДРУГО И ТОА КОГА САФАРИ РЕЛИ НА КЕНИЈА СЛАВИ 70 ГОДИНИ ИСТОРИЈА
Нема ништо поголемо за еден производител од Светскиот шампионат во рели од успехот четири негови автомобили да финишираат на едно рели и притоа да ги освојат највисоките четири позиции. Односно да дојдат дома со таканаречена 1-2-3-4 победа. Во историјата на светското рели да стигнат да олку голема победа им пошло од рака само на двајца производители: Toyota и Citroen. На Citroen тоа му успеа само еднаш во 2010 година на релито на Бугарија, додека Toyota се кити со хет-трик од 1-2-3-4- победи и тоа на најтешкото рели од шампионатот, Сафари рели на Кенија.
Првпат сите четири автомобили на јапонската марка пристигнаа на целта на највисоките четири позиции во Кенија пред точно триесет години, поточно во далечната 1993 година. Четири посебно подготвени Toyota Celica Turbo 4WD управувани од големите асови на релито Јуха Канкунен, Марку Ален, Ијан Данкан и Јасухиро Ивасе го достигнаа се чини невозможното во светот на релито, но и на исклучително тешкото Сафари рели на Кенија. Следејќи ги нивните чекори минатата година тоа им успеа на Кале Рованпера, Елфин Еванс, Такамото Катсута и Себастијан Ожие зад волан на Toyota GR Yaris Rally1 Hybrid. Истото се случи и годинава меѓутоа со поинаков редослед: Себастијан Ожие, Кале Рованпера, Елфин Еванс и Такамото Катсута. За волја на вистината никој не очекуваше, дури ни во Toyota, иако потајно се надеваа, дека по втор пат, едноподруго, тимот ќе достигне една олкава величина која останува врежана во аналите на историјата на Светскиот шампионат во рели.
Годинава Сафари рели на Кенија слави точно 70 години од кога за првпат се возеше во чест на прославата на крунисувањето на Кралицата Елизабета Втора во далечната 1953 година низ Кенија, Уганда и Тангањика, а стана дел од светскиот шампионат во 1973 година. Се возеше последователно секоја сезона сè до 2002 година кога заради форматот на исцрпувачки долги делници беше исклучено од шампионатот. Колку за споредба, вкупната должина на етапата на релито мереше преку 2.000 km, додека вкупната должината на етапата на останатите релија се собра на околу 500 km. Релито во меѓувреме продолжи да се вози како дел од Шампионатот во рели на Африка и Интернационалниот рели предизвик. Во 2013 година релито отпочна со измени на форматот. Тогаш претседателот на Кенија, Ухуру Кенјата, одлучи да го прилагоди на современите текови и да го врати во календарот на Светскиот шампионат. Во 2020 година требаше да се вози првото модерно Сафари рели на Кенија, но заради пандемијата од Ковид-19 беше откажано, па големото враќање се случи во 2021 година кога победи Себастијан Ожие. Релито и годинава беше полно со предизвици. Долгите правци кои дозволуваат брзини од преку 200 km/h се контраст на карпестите делници со длабоки бразди каде брзината паѓа до пешачки чекор. Згора тука е и брашнестиот африкански песок наречен Феш-феш кој за миг знае да го наполни моторот на возилото и да го задуши, и непредвидливиот пороен дожд кој сувите делници за миг ги претвора во езера од кал. Лани овие предизвици успешно ги совлада Кале Рованпера и ги круниса со победа, а годинава Ожие повторно се врати на врвот од победничкиот пиедестал.
Стартот на 70-то Сафари рели на Кенија го одбележа специјалниот брзински испит кој се возеше на наменски создадена патека од 4,48 km во близина на главниот град Најроби. Бодрени од илјадници фанови модерните рели монструми и нивните екипажи приредија единствен спектакл. Иако најбрзо низ испитот мина От Танак, сепак Естонецот беше приземјен во својот коментар истакнувајќи дека овој испит е шоу кое ниту оддалеку не ги отсликува предизвиците со кои ќе се соочат во останатиот дел од релито. Тесно зад него се наредија Себастијан Ожие, Кале Рованпера, Тиери Нувил и Елфин Еванс. Воодушевени од силните овации, но со резерва за првиот вистински ден од релито екипажите по испитот заминаа за Наиваша. Град кој лежи на брегот на истоименото езеро каде е сместен главниот сервисен центар, но и комплетната логистика на релито. А токму околу езерото Наиваша кое изобилува со како од приказна убави пејзажи, се распоредени и брзинските испити каде ќе се кршат копјата за триумф на ова тешко рели.
Петок утро почна вистинскиот предизвик. Седум брзински испити кои ги исправија екипажите и возилата пред сериозен тест. И токму тука Ожие ја покажа својата доминација. Беше најбрз на пет испити и го поведе релито на крајот од денот. Иако го загуби хибридниот погон на третиот и четвртиот испит, сепак успеа да создаде предност од 22,8 сек. на крајот од денот пред второпласираниот тимски другар Рованпера. Третото место го освои на третиот возач од тимот на Toyota, Еванс, создавајќи предуслови за нова голема победа на јапонскиот производител. Четвртото место требаше да му припадна на Нувил, но тој буквално го растури предниот дел на неговиот i20 N при приземјување после скок и беше принуден да се откаже на претпоследниот испит од денот. Позицијата на Нувил ја наследи неговиот тимски другар Есапека Лапи кој за првпат зема учество на ова рели. Петти заврши Такамото Катсута кој после силното превртување за време на тест пред стартот на релито возеше повнимателно имајќи ја во предвид поголемата слика на неговиот тим. Интересно е што четирите екипажи на тимот на Toyota минаа без поголеми технички проблеми во текот на денот што е доволен доказ за издржливоста на нивните автомобили. От Танак кој го започна релито со победа мораше да менува гума на четвртиот брзински испит и загуби повеќе од 2 минути кои тешко ќе успее да ги надомести до крај на релито.
Поројниот дожд кој се предвидуваше се истури во сабота наутро пред стартот на третиот ден од релито. Песокливите патеки веднаш се претворија во езера од кал кој го отежна напредувањето на екипажите. Во едни олку лоши услови Ожие успеа да ја задржи предноста стекната претходниот ден. Иако дупна гума на третиот испит од денот, сепак не загуби многу време и остана на водечката позиција. Го заврши денот како победник и загуби минорни 0,7 сек. во однос на Рованпера од предноста стекната претходниот ден. Рованпера победи на два испити од денот, но сепак не сакаше да ризикува. Без оглед што во него врие младоста Кале се одлучи за смирен пристап гледајќи ја пред себе големата слика на солидното водство во генерален пласман. Тој призна дека Ожие е прилично брз и дека потерата по него би донела непотребен ризик. Според него второто место би му обезбедило доволно бодови за да го зацврсти водството потребно за одбрана на шампионската титула.
WRC2 – ВТОРА ПОБЕДА НА САФАРИ ЗА КАЈЕТАНОВИЧ
|
Најголемиот страв на денот го доживеа Еванс. Загуби многу време на првиот испит откако моторот на неговиот Yaris згасна после минување низ воден премин. Сепак, до крајот на денот го надомести загубеното и повторно се искачи на третата позиција. Есапека Лапи беше трагичар на денот. За него релито заврши на претпоследниот испит од денот заради скршено карданско вратило. Неговото четврто место го наследи Катсута. Од овој момент беше поставена шансата за нова 1-2-3-4 победа на Toyota на ова рели.
Среќата му се насмевна на Ожие на последниот ден од релито. Неделниот старт ниту оддалеку не ги најавуваше предизвиците пред кои ќе биде исправен осумкратниот светски шампион на пат кон својата втора победа на ова рели. Кале беше човекот што го доби првиот испит од денот намалувајќи ја разликата во однос на Ожие на само 8,6 сек. со уште пет испити до крајот на релито. Сакајќи да ја врати загубената предност Ожие веќе форсираше на следниот испит. Во миг на невнимание, во еден десен свијок, влета во дел со Феш-феш, озлогласениот африкански песок кој го лизна неговиот Yaris и го фрли надвор од патеката. Борејќи се со автомобилот за да го врати на патека Ожие закачи во дрво и целосно ја откорна вратата од багажникот. За чудо победи на испитот и ги врати загубените 8,6 сек. кои му ги украде Кале на претходниот. На патната делница го закрпи отворот на автомобилот со најлонска кеса и продолжи кон третиот испит од утринскиот дел. Меѓутоа овој настан беше пресвртница за лидерското дуо на Toyota да се потсмири и внимателно да вози до крајот од релито чувајќи ја големата предност. Третиот испит му припадна на Танак по кого следеше редовниот сервис. Иако Ожие и Рованпера попуштија, младиот Финец, сепак го доби четвртиот испит од денот, а петтиот му го остави на Катсута. На овој претпоследен испит од денот се случи уште драма која ја доживеа целиот тим на Toyota. Правливата делница ги наполни моторите на сите четири возила со песок и тие почнаа да прегреваат и полека да ја губат моќноста. Сепак, се покажаа доволно издржливи да ја доведат големата четворка: Ожие, Рованпера, Еванс и Катсута до целта во уште една блескава победа за Toyota на ова исклучително тешко рели.
Второто место на ова рели му дозволи на Рованпера да ја продлабочи бодовната дупка во генерален пласман. После седум настани и со освоени 140 бода Кале е лидер во шампионатот. Зад него е Еванс со 99 бода, а третото и четвртото место го делат Ожие и Танак со по 99 бода. Меѓу производителите Toyota гради сериозна предност. Има 285 бода пред Hyundai со 237 бодови. M-Sport Ford е далеку на третото место со 175 бода. После цел месец пауза следно е релито на Естонија кое се вози на крајот на јули, а веднаш по него на почетокот на август е блиското рели на Финска.