WRC Рели Италија, Сардинија – Величина на која треба да се смета

02/04/2019

Релито на Сардинија го означи крајот на првата половина од сезоната во Светскиот шампионат. Воедно предочи дека годинава борбата за титула ќе биде многу пожестока отколку во изминатите сезони каде петкратниот и актуелен светски шампион Себастијан Ожие немаше вистински конкурент. Годинава сметките ги мрси Тиери Нувил. Откако три пати во својата кариера сезоната ја заврши зад Ожие, во 2013, 2016 и 2017 година, Нувил годинава отворено атакува на титула. Доказ се извонредните перформанси и победата на Ожие во директен дуел на релито во Сардинија. Таму долу на големиот остров во Средоземното море работите се свртеа на глава уште на почетокот од релито.

Водечките во шампионатот Нувил и Ожие очекуваа поразителни резултати бидејќи стартуваат први и требаа да играат улога на метла чистејќи ги патеките од слободен чакал пред останатите. Меѓутоа условите се сменија. Поројниот дожд го претвори нивниот хендикеп во предност. Така Ожие и Нувил го поведоа релито. На крајот од првиот ден шампионот имаше предност од 10,9 сек. пред Нувил. Резултат кој ниту од далеку не ветуваше комфорна предност за Ожие. Напротив, укажуваше на разгорување на и бездруго жестоката борба. Токму тоа и се случи. Вториот ден од релито беше уште пожесток. Иако Ожие постојано ја зголемуваше предноста на по-четокот од денот Нувил врати со три освоени брзински испити, наспроти двата на Ожие и ја смали предноста на крајот од денот на само 6,8 сек. Разлика која ветуваше пеколно финале.

На последниот ден од релито Нувил одлучи да ги ослободи сите сопирачки врзани со пресметката околу поените во шампионатот за возачи и шампионатот за производители. Подоцна призна дека со својот совозач Николас Гилсоул се договориле да возат на нож и да ја украдат победата од рацете на Ожие. Речено сторено. Полека ја грицкаа предноста на Ожие која до стартот на последниот специјален телевизиски брзински испит падна на 0,8 сек. Таму на 6,96 km долгиот брзинец Нувил беше брз како молња. Буквално леташе преку песокливите патеки и успеа да го победи Ожие добивајќи го за 0,7 секунди на крајот од релито. Оваа е трета најтесна разлика во 45. годишната историја на Светскиот шампионат во рели и е идентична со победата на Нувил на релито на Аргентина минатата сезона кога го надвози Елфин Еванс.

Во очекување на следниот настан Релито во Финска, Нувил води меѓу возачите со 149 бода пред Ожие кој има 122 бода и От Танак 77 бода. Оваа победа му овозможи на тимот на Hyundai да го зацврсти водството меѓу производителите со 212 бода пред тимот на Ford со 184 бода. На третото месо е тимот на Toyota со 161 бод, додека Citroen останува на четвртото место со 129 бодови.

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.