ПОКАЖУВАЈЌИ СЕ ВО ВИСТИНСКО СВЕТЛО ИСЦРПУВАЧКОТО АКРОПОЛИС РЕЛИ НА ГРЦИЈА ГИ ДЕСЕТКУВАШЕ ЕКИПАЖИТЕ ОВОЗМОЖУВАЈЌИ МУ НА ТИМОТ НА HYUNDAI ДА ЈА ОСВОИ ПРВАТА 1-2-3 ПОБЕДА ВО ИСТОРИЈАТА НА КОРЕЈСКАТА МАРКА
Г одинашното Акрополис рели на Грција, или како што го нарекуваат „Рели на Боговите” се покажа во вистинско светло оправдувајќи го своето историско реноме за едно од најтешките релија во Светскиот шампионат. За разлика од лани кога обилните дождови ги претворија патеките во кал и му помогнаа на Кале Рованпера да извојува победа, годинава ситуацијата беше обратна, и би рекле сосема очекувана. Груби суви патеки прекриени со крупен чакал кој ја отежнува тракцијата, облаци од прашина и високи температури. Услови кои ги исправаат пред вистински предизвик и возачите и автомобилите. Токму заради овие услови водечкиот во шампионатот Рованпера не очекуваше сјаен резултат. Бидејќи според правилата стартуваше прв неговиот Yaris GR се бореше за тракција и губеше време буквално на секој свијок низ планините на Пелопонез. Затоа свесно соочувајќи се со очекуваната ситуација Рованпера со нетрпение го чека следниот настан. Рованпера не беше единствен кој се сретна со проблеми. Екипажите буквално беа десеткувани од тешките услови. Меѓутоа во една таква ситуација тимот на Hyundai извлече најголема корист. Неговите екипажи ги освоија сите три места на подиумот и му ја донесоа првата 1-2-3 победа во историјата. Успех со кого не многу производители можат да се пофалат.
Релито на боговите годинава приреди уште едно големо изненадување. За првпат после 2006 година стартот на релито, односно првиот т.н. супер брзински испит се врати на Олимпискиот стадион во Атина. Рели монструмите и нивните екипажи се покажаа во вистинско светло на кусата наменски направена асфалтна патека возејќи паралелно еден против друг одушевувајќи ја 60.000. публика. Само една возачка величина од актуелните натпреварувачи во шампионатот претходно ја имаa доживеано оваа неверојатна атмосфера, а тоа е Себастијан Лоеб. Според победникот на овој супер испит, но и на релито, Тиери Нувил, токму вака треба да почнува секој настан и ова е одличен начин за поврзување на фановите со релито воопшто.
После спектаклот во Атина вистинскиот предизвик ги чекаше екипажите околу 200 километри на север на грубите планински превои. Иако Нувил го поведе релито на кусиот супер испит, стартот на следното утро го стави во прв план деветократниот светски шампион. Лоеб профитираше заради пониската стартна позиција и го поведе релито. Битката ја водеше со својот тимски другар Пјер Луи Лубет кој успеа да го добие Лоеб, дури и да победи на два испити, за првпат во својата кариера во WRC. Но, на последниот испит од денот сепак преовлада искуството на Лоеб. Како и да е тимот на M-Sport Ford и нивната Puma го поведоа релито со 1-2 победа. Третото место му припадна на Есапека Лапи кој беше највисоко рангиран возач на Toyota. Рованпера го заврши денот дури на деветтата позиција, а Катсута беше десети. На четвртата, петата и шестата позиција Нувил, Сордо и Танак демнеа како од заседа несвесни за разврската која требаше да се случи.
Лоеб во сабота наутро продолжи од каде што заврши претходниот ден. Иако првиот испит од денот му припадна на Танак, Лоеб мина низ летечкиот финиш само 1,7 секунди зад него и остана на врвот. Но, тогаш почнаа проблемите за ветеранот. Веднаш по испитот се скина ремен од алтернаторот на Puma. Лоеб и совозачот Изабел Галмиш се обидоа да го заменат, но изгубија премногу време и на крај се откажаа. На следниот испит и Лубет се сретна со проблеми. Една гума му се распадна и загуби толку време додека ја смени што беше принуден и тој да се откаже. Откако двајцата лидери на M-Sport Ford се тргнаа од големата слика, му се отвори место на Нувил. Тој блескаше на грубите патеки додека останатите се среќаваа со проблеми. Дури и Есапека Лапи кој држеше чекор со него беше принуден да се откаже на претпоследниот испит од денот заради проблеми со снабдувањето на гориво. Така Танак ја наследи втората позиција, а Сордо третата и Hyundai го заврши денот со 1-2-3 победа. Најдобар од останатите беше Еванс четврти, додека Лубет се врати во игра паѓајќи на петата позиција. Лидерот во шампионатот Кале Рованпера удри во дрво на вториот испит од денот и со тешки оштетувања на каросеријата успеа да стигне до сервис, меѓутоа изгуби многу време и падна на 19 место заостанувајќи повеќе од 16 минути зад Нувил. Со само три брзински испити кои ги чекаа во недела, на последниот ден од релито и со убедливо водство на трите екипажи стигнаа и првите тимски наредби од раководството на Hyundai. „Секој да си ја задржи својата позиција”, им беше наредено на возачите. Така триото на Hyundai без меѓусебни дуели мирно ги доведе трите автомобили i20 N до целта за првата во историјата на тимот 1-2-3 победa. Со победата Hyundai му се придружи на големото друштво од веќе тринаесет тимови на кои им успеало да се закитат со хет-трик од почетоците на Светскиот шампионат во рели од 1973 година до завршувањето на Акрополис релито на Грција оваа година.
Како куриозитет од тринаесет производители кои се закитиле со 1-2-3 победа најмногу има Lancia. Италијанската марка го држи апсолутниот рекорд со 15 победи. Следи Ford со 9 победи, Citroen со 7 победи, Audi со 5 победи, Volkswagen со 4 победи, Toyota со 4 победи во кои влегуваат и единствените во историјата 1-2-3-4 победи на релито Сафари во Кенија во 1993 и во 2022 година, Fiat со 3 победи, Subaru и Alpine со по 2 победи, Peugeot, Mercedes-Benz, Mitsubishi и Hyundai со по 1 победа.
Со оваа победа Hyundai и се доближи на Toyota во генерален пласман на 63 бодови. Иако разликата не е мала до крајот на сезоната остануваат уште три релија. Следно е релито на Нов Зеланд, а разликата меѓу водечкиот во шампионатот за возачи Рованпера и второпласираниот Танак се смали на 53 бодови. Сепак, доколку Кале успее да му украде 8 бода на От на ова рели може да стане шампион. Дали ова ќе се случи останува да видиме.