WRC–Рели Естонија и Рели Белгијa-БОРБАТА СЕ РАЗГОРУВА

22/09/2021

ПО ИЗВОЗЕНИ ДВЕ ТРЕТИНИ ОД ШАМПИОНАТОТ, ИЛИ ОСУМ НАСТАНИ ОД ВКУПНО ДВАНАЕСЕТ КОЛКУ ШТО ЈА СОЧИНУВААТ ГОДИНЕШНАТА СЕЗОНА, БОРБАТА МЕЃУ ВОДЕЧКИТЕ ТИМОВИ TOYOTA И HYUNDAI СЕ РАЗГОРУВА, ВОЗБУДАТА РАСТЕ, А ИСХОДОТ СЕ ЧИНИ НЕИЗВЕСЕН

 

Два исклучително брзи настани ја заокружија втората третина од годинешниот шампионат во рели. Релито на Естонија кое се вози на мазна земјена подлога и многу наликува на легендарното рели на Финска и релито на Белгија кое се вози на асфалт. И двата настани годинава имаа подеднакво голема важност. Релито на Естонија затоа што го донесе најмладиот победник во историјата на спортот Кале Рованпера, а релито на Белгија затоа што конечно после сите пехови на виделина, ја донесе брзината на Hyundai и способноста на i20 WRC да победува. Со победата на релито на Естонија Кале Рованпера наново ја испиша историјата на Светскиот шампионат во рели. Со своите 20 години стана најмладиот возач кој победил на рели од Светскиот шампионат. Младиот Финец го сруши рекордот на својот сонародник и сега шеф на тимот на Toyota  Јан-Мати Латвала кој во 2008 година на возраст од 22 години стана најмладиот победник и сè досега го поседуваше рекордот. Победата на Рованпера во Естонија е во толку поголема што не дозволи никој да му се доближи, или да го загрози во текот на релито. Се чинеше како да лебди, а не да вози по патеките. Безгрешно напредуваше од километар, во километар и полека ја зголемуваше предноста за на крај да го победи лутиот конкурент од Hyundai Крег Брин со 59,9 секунди предност.

 

Својата намера да владее со ова рели Кале ја покажа уште на тренингот кога покажа најдобро време. Голем притисок очекуваше од От Танак и Крег Брин, но по раното откажување на домашниот миленик Танак остана да се брани само од Брин. Ирецот кој лани заврши втор возеше на ниво и се покажа како достоен противник. На крајот од првиот ден Рованпера и Брин ги делеа само 8,5 секунди. Остатокот од потерата која ја предводеше Нувил на трето, Ожие на четврто, Еванс на петто и Тему Сунинен од Ford на шесто место веќе заостануваше една, па и повеќе од една минута.

Рованпера повторно беше јунак на денот. Иако Танак му се врати на релито и победи на шест од вкупно девет брзинци колку да покаже што ќе се случеше во колку не излеташе од патеката претходниот ден, Рованпера повторно нижеше добри времиња. Возеше изедначено со Танак и ретко заостануваше повеќе од неколку секунди. Така успеа да му побегне на Брин создавајќи значителна предност од 50,7 секунди на крајот од денот. Оваа предност значеше дека може да размислува за поконтролиран пристап на последниот ден од релито и без да прифати поголеми ризици да го заврши настанот во своја полза. Кај остатокот од поредокот немаше промени во однос на првиот ден.

Рованпера попушти со педалот за гас на последниот ден од релито. Борбата за освојување на брзинци им ја препушти на Танак и на Нувил. Возеше контролирано иако сепак беше брз. Го заврши релито со 59,9 секунди предност во однос на Брин. Ирецот во вистински спортски дух ја призна надмоќта на Рованпера: „Кале заврши одлична работа на ова рели и затоа му симнувам капа”. Нувил го пополни третото место на пиедесталот. Ожие заврши четврти, Еванс петти, а Сунинен шести.

Караванот на светското рели брзите земјени патеки на Естонија ги замени со непредвидливиот асфалт на релито на Белгија. Очекувањата дека домашниот херој Тиери Нувил ќе владе на тесните асфалтни патеки кои го испреплетуваат земјоделскиот регион на Белгија, Западна Фландрија, се исполнија во целост. После низа пехови во првиот дел од сезоната Нувил конечно стигна до првата победа годинава. И како што Рованпера владееше во Естонија, Нувил владееше во Белгија. Неговото познавање на патеките испресечени со тесни крстосници, порабени со длабоки канали за дренажа и начичкани со бандери се покажа клучно за освојување на ова рели. Го освои релито во 2018 година, а го освои и сега.

 

Дека ќе вози во лига сам за себе покажа уште на почетокот иако наиде на голема конкуренција на тимскиот другар Брин кој, исто така, е познавач на овие патеки и победи на ова рели во 2019 година. Голем конкурент се покажа и Танак кому му пресуди непознавањето на патеките и промашувањето на неколку крстосници. Сепак триото на Hyundai славеше на крајот од првиот ден. Брин заостануваше зад Нувил само 7,6 секунди, додека Танак 31,2 секунди. Веднаш зад него со тесен резултат беше наредено триото на Toyota: Рованпера, Еванс и Ожие. Асфалтот прекриен со кал од бројните трактори заради врнежливото време се покажа исклучително лизгав и проблематичен за водечкиот во шампионатот Ожие. Тој според правилата стартуваше прв и мораше да ја мете калта жалејќи се притоа дека досега во неговата кариера не наишол на олку лоши услови. А не беше задоволен ниту со сетапот на својот автомобил. Голема несреќа за Адриен Фурмо кој удри во брег крај патот и превртувајќи се неколку пати заврши во бандера. И тој, и совозачот Рено Жамул се извлекоа неповредени.

Големата борба меѓу Нувил и Брин продолжи и низ вториот ден од релито. Несреќниот Танак изгуби многу време уште на првиот брзинец од денот кога застана да смени дупната гума и излезе од игра. Тимските другари се бореа цврсто, но на крајот од денот Нувил успеа да ја зголеми предноста на 10,1 секунда во однос на Брин. Се измеша и триото на Toyota. Еванс успеа да го престигне Рованпера, додека Ожие остана зад нив. Сепак, заради несреќата на Танак, Еванс ја доби третата позиција, Рованпера четвртата, а Ожие петата. Катсута кој првиот ден заврши седми доживеа страшна несреќа кога влета во канал кој го исфрли во воздух и правејќи пируета удри во бандера. Исто како и екипажот на Ford од првиот ден, Катсута и совозачот Китон Вилијамс се извлекоа без повреди. Танак со заостанување од близу 4 минути го заврши денот шести.

Не сакајќи да ја ризикуваат 1-2 победата на својот тим Нувил и Брин сопреа со жестокиот дуел на последниот ден од релито. Возеа контролирано и го донесоа успехот како што доликува. Со тоа му помогнаа на Hyundai да се доближи на 41 бод во однос на водечкиот тим на Toyota. „Знаев дека нема потреба да возам побрзо, можев доколку имаше потреба. Сепак, пехот во Кенија на чекор од победата сè уште е свеж и се плашев од ваков исход,” изјави Нувил на крајот од релито.

 

И додека тимот на Hyundai ги следеше правилата, тимот на Toyota водеше жестока борба за третото место. Сепак, на крајот од релито Рованпера беше тој која ја доби оваа интерна битка. Заврши трет оставајќи го Еванс да се задоволи со четвртата позиција, а Ожие со петтата.Танак остана шести.

Иако Нувил го доби епитетот крал на релито Ипрес на Белгија, сепак таа почесна титула му припаѓа на еден друг возач, Фреди Лоа. Познавачите на релито сигурно се сеќаваат на овој исклучителен возач кому лошиот избор на тимови му го попречи подемот на светската рели сцена. Сепак, Лоа е човекот кој 11 пати славеше на релито Ипрес на Белгија и со право ја носи почесната титулата „Крал на Ипрес”.

На четири релија до крајот на сезоната Ожие останува во водство со 162 бода, но Еванс и Нувил ја стопија предноста на 38 бода дефицит и со по 124 освоени поени го делат второто место. Трет е Рованпера со 99 бодови. Toyota со 348 бодови сè уште води меѓу производителите, но Hyundai освои доволно во изминатите две релија и со 307 бодови ја намали разликата. Доволно за да размислува за напад на титулата. Следно е релито Акрополис на Грција кое после отсуство од осум години се враќа на Светската рели сцена.

 

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.