WRC РЕЛИ ЕСТОНИЈА-ЕКСПРЕСЕН ЛЕТ ДО ЦЕЛТА

02/10/2020

АКТУЕЛНИОТ СВЕТСКИ ШАМПИОН ВО РЕЛИ, ОТ ТАНАК, ГО ОСВОИ 600-ТО РЕЛИ ЗАБЕЛЕЖАНО ОД ПОЧЕТОЦИТЕ НА СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ КРЕВАЈЌИ ГИ ДОМАШНИТЕ ФАНОВИ НА НОЗЕ КОИ ВООДУШЕВЕНО ГО БОДРЕА СВОЈОТ ХЕРОЈ.

 

Голема чест е за Естонија да ја отвори сезоната во Светскиот шапионат во рели после шестмесечната пауза предизвикана од глобалната закана на пандемијата Ковид-19. Отворањето на оваа преполовена сезона токму на релито на Естонија има уште поголема важност за оваа Балтичка држава бидејќи годинава таа за првпат во историјата на релито организира настан кој е дел од Светскиот шампионат во рели. Воедно, релито на Естонија беше точно 600-от настан во Светскиот шампионат во рели од неговите почетоци во далечната 1973 година. И веднаш големи пофалби за организаторите кои успеаја да му го вратат полниот сјај на релито и да го претворат во суператрактивен настан и покрај рестрикциите кои мораа да бидат воведени за време на одржувањето на тридневниот настан. Како во поглед на поставувањето на публиката, така и во поглед на поставување на сервисниот парк и спроведувањето на активностите на официјалните лица на релито. Затоа раководното тело на FIA даде оцена чиста петка за Естонскиот организациски тим, кој успеа ова ултра брзо рели да го изнесе во полно светло.

Во таа насока одеа и очекувањата на домашната публика која навиваше за победа на домашниот херој и актуелен светски шампион во рели От Танак. Естониецот ги оправда очекувањата и на своите верни фанови им приреди единствено доживување на овој исклучително брз настан кој по составот на патеките лесно се идентификува со легендарното рели на Финска. Тој беше фаворит број еден уште пред почетокот на релито бидејќи одлично ги познава домашните патеки. Секако ова познавање на подлогата му одеше во прилог. Го поведе релито и после тридневна прошетка заврши на врвот од пиедесталот. Секако не одеше сè така мазно за Танак, иако за волја на вистината Eстониецот не виде ниту некои посериозни проблеми. После страшната несреќа на релито на Монте Карло, Танак како да не можеше да го пронајде вистинскиот ритам ниту на релито на Шведска, ниту на релито на Мексико. На двапати заврши на второто место, зад Еванс во Шведска, и зад Ожие во Мексико. Факт е дека на актуелниот шампион очајнички му требаше победа за да остане во борба за одбрана на титулата. А таа дојде во вистинско време на релито во Естонија.

Се чини дека Танак буквално прелета од стартот до целта и ја освои првата победа за својот нов тим, тимот на Hyundai. Проблемите за него на ова рели беа целосна непознаница, освен претрпениот страв на претпоследниот брзински испит кога од брег го потчеша задникот на својот i20 Coupe. Но, за среќа излезе дека автомобилот претрпел само козметичка повреда која не влијаеше врз перформансите. Ова беше доволно да го потсети Танак дека победата му е во рака и дека треба малку да попушти на последниот телевизиски брзинец каде го освои третото место и дополнителни три поени кои беа доволни да го кренат на третото место во генерален пласман со 13 поени зад водечкиот Ожие.

Втор заврши тимскиот другар на Танак, Крег Брин докажувајќи дека тимот на Hyundai работел напорно низ шестмесечната пауза. Брин не беше доволно брз да го предизвика Танак, но сепак успеа да се одбрани од притисокот на Ожие и да го победи во битката за втората позиција. Како Танак, и Брин не сакаше да ризикува на телевизискиот брзинец и заврши петти освојувајќи само еден поен плус. Тука Ожие се покажа поуспешен и заврши четврти со два поени, кои беа додадени на петнаесетте за освоеното трето место. Се чини како да му недостасуваше брзината која ја прикажа на релито во Мексико каде извојуваше јасна победа. Ожие призна дека неговиот Yaris едноставно немал доволно тракција за да може да го достигне темпото на Танак. Сепак, освоените поени му помогнаа да ја задржи водечката позиција во шампионатот.

Зад Ожие заврши победникот од Шведска Елфин Еванс. Тимскиот другар на Ожие беше брз, но дупната гума му одзеде доволно секунди за да заврши на четвртата позиција. Меѓутоа дополнителните четири поени освоени од второто место на телевизискиот брзинец му овозможија да држи чекор со Ожие во генерален пласман. Интересно, единствениот што можеше да го предизвика Танак според брзината беше младиот Кале Рованпера, но дупната гума и казна од една минута заради техничка грешка го вратија младиот Финец безмалку минута и половина зад победникот и четири места подолу. Сепак, Рованпера имаше прилика да ја докаже својата брзина зад волан победувајќи на последниот телевизиски брзинец и освојувајќи ги заслужените дополнителни пет поени. Воедно Рованпера остана забележан во аналите на релито како најмладиот возач кој водел на едно рели на возраст од 19 години. Тој имаше прилика да биде најбрз на вториот брзинец кога на кратко го поведе релито. Иако се чинеше дека ќе продолжи со силното темпо, дупнатата гума на третиот брзинец ги расипа шансите за нешто поголемо. Но, Рованпера нема за што да жали. На ова рели успеа да освои, односно да биде најбрз на дури пет брзински испити од вкупно 17 колку што го сочинуваа релито на Естонија.

Иако завршија на третото, четвртото и петтото место екипажите на Toyota освоија доволно бодови за да ја задржат лидерската позиција меѓу производителите. Но, второрангираниот Hyundai им дише во врат. Toyota има 137 бодови, а Hyundai 132 бодови. Додека Ford со 83 бодови е далеку на третото место. Разликите се тесни и во шампионатот за возачи. Ожие со 79 бодови води пред Еванс со 70 и Танак со 66 бодови.

Следи релито на Турција каде се очекува повторно мерење на силите меѓу Hyundai и Toyota, и меѓу возачките шампиони Танак и Ожие.

 

Љубомир Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.