WRC – Нови технички правила за 2022 година

29/05/2020

СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО РЕЛИ СТАНУВА ЗЕЛЕН. СЕ ВОВЕДУВА ХИБРИДЕН ПОГОН, СЕ ВОВЕДУВА ГРУПАТА „RALLY1” НАМЕСТО АКТУЕЛНАТА „WORLD RALLY CARS” И СЕ СКУСУВААТ ТРОШОЦИТЕ ЗА ДА СЕ ПРИВЛЕЧАТ ПОВЕЌЕ ПРОИЗВОДИТЕЛИ.

 

Во услови кога светот сè уште стрепи под закана на пандемијата од вирусот Ковид-19, и кога, како и сите натпреварувања, и Светскиот шампионат во рели – WRC е ставен во фаза на мирување пристигнува најава за нови технички правила кои ќе стапат на сила од 2022 година. Се чини дека FIA одбра вистински момент да ја разбранува светската рели сцена и секако да ги слушне критиките како од директните учесници во Светското рели, така и од верните фанови.

Најважно: „WRC станува Зелен”. Токму, така. Почнува нова ера во светското рели. Ера во која им кажуваме збогум на автомобилите од групата „World Rally Cars” и им посакуваме добредојде на новата генерација автомобили од новооформената група „Rally1 cars”. Она што е важно е дека без оглед на измените во правилата натпреварувањето воопшто нема да загуби од возбудата и од спекатакуларноста со која во моментот изобилува. Воедно големи напори се направени за да се намалат трошоците и да се направи спортот подостапен, што само по себе би требало да привлече поголем број на производители кои би се приклучиле кон Светскиот шампионат во рели.

Да видиме што ќе биде ново кога ќе стартува сезоната 2022. Новите автомобили од групата Rally1 ќе бидат првите рели автомобили кои ќе имаат хибриден погон. Сепак, ќе продолжат да наликуваат на сериските автомобили од кои се изведени. Без оглед на зелената нота од FIA нагласуваат дека не треба да се плашиме за ликот на автомобилите од Rally1. Тие ќе го задржат актуелниот агресивен стил кој беше воведен со правилата за 2017 година и стана толку популарен. И што е, исто така, важно ќе продолжат да звучат како вистински рели болид кој наежува кога пролетува пред верните фанови наредени крај пат. Иако агресивниот стил во дизајнот ќе биде задржан, инженерите ќе мораат да се збогуваат од менувањето на аеродинамичките ефекти што се постигнува со менување на параметрите на скриените аеродинамички отвори во задниот дел на автомобилот. Тие ќе останат само за лик.

Погонот на четири тркала останува, што е за очекување. Но, системот за пренос ќе биде многу поедноставен. Имено, менувачот ќе има само пет степени на пренос, а од игра излегува активниот централен диференцијал. Воедно FIA го ограничува и бројот преносни системи. Ќе бидат дозволени само шестпреносни системи по автомобил, по сезона. Тоа значи дека и тимовите, и екипажите ќе мора да бидат внимателни и да ги штедат своите автомобили во текот на сезоната.

И потпирањето, исто така, ќе ја загуби комплекноста. Ќе биде поедноставно, а следствено и поевтино. Одот на тркалото ќе биде помал, амортизерите нема да бидат толку сложени, а истото се однесува и на главчините на тркалата, носачите на главчините и стабилизаторите. Нема да биде дозволено водено ладење на сопирачките кое е исклучително комплексно и скапо кај сегашните автомобили за рели. Воедно и формата на резервоарот за гориво ќе биде многу поедноставна, односно поекономична.

Моторите остануваат исти, без оглед што во игра влегува хибриден погон. Сепак, ќе се воведе контрола за да се задржат трошоците за развој и употреба во предвидените рамки. Затоа ќе се користи турбо полнач со поедноставна конструкција, ќе се намали бројот на дозволени мотори по автомобил по сезона, и спецификациите за многу делови ќе бидат замрзнати според актуелните технички правила. Што значи дека за нив нема да биде дозволен понатамошен развој.

Новината, хибридниот погон кој сè уште е во фаза на развој ќе го доставува на тендер избраната германска компанија „Compact Dynamics“. Истата компанија во моментот снабдува хибридни системи за Formula 1, Formula E и Светскиот шампионат во трки на издржливост. Договорот со FIА е Compact Dynamics да ги снабдува автомобилите од групата Rally1 со хибридни китови во текот на три сезони, од 2022 до 2024. Хибридните китови кои ќе се вградуваат во автомобилите од новата ера на релито ќе бидат развивани во директна соработка со тимовите од Светското рели. Првите тестирања се очекуваат на почетокот на следната година кога и придобивката од хибридниот погон ќе биде поопиплива.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.