ХРВАТСКА, ЗА ПРВПАТ ВО ИСТОРИЈАТА ЌЕ БИДЕ ДОМАЌИН НА РЕЛИ ОД СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ. ЕСТОНИЈА ОСТАНУВА ВО КАЛЕНДАРОТ, А ПОВТОРНО МУ СЕ ДАВА ШАНСА И НА ЛЕГЕНДАРНОТО РЕЛИ НА КЕНИЈА ПОСЛЕ ПАУЗА ОД СКОРО ДВЕ ДЕЦЕНИИ.
Не беше лесно да се донесе сосема нов календар за следната 2021 сезона за Светскиот шампионат во рели кој ќе функционира во постоечките услови на пандемија од Ковид-19. Посебно ако се земе предвид преполовувањето на сè уште актуелната сезона и измените кои се правеа во од, а сè со цел да се одржи светското рели во кондиција во едни исклучително тешки услови.
Дури и календарот за следната сезона е стратешки формиран за да се компензира ударот од пандемијата Ковид-19 врз светскиот шампионат. Затоа календарот пакува 9 релија во рамките на Европа, и 3 релија надвор од Европа, воедно повеќето настани се закажани после месец јуни.
Голема новина е воведувањето на Хрватска во календарот на светското рели за 2021 година. Хрватска за првпат во историјата ќе биде домаќин на настан од Светскиот шампионат во рели. Долго очекувано е и враќањето на легендарното Сафари рели кое се вози во Кенија, како и релито на Јапонија. Но, да почнеме со ред и накусо да ги претставиме сите настани во шампионатот за следната сезона.
1. Рели Монте Карло, 21 – 24 јануари
Традиционално сезоната во Светскиот шампионат во рели започнува со иконата меѓу релијата, релито на Монте Карло кое се вози низ пределите и патеките полни свијоци на Француските Алпи.
За следната сезона релито ќе доживее одредени измени кои се последица на енормните дождови кои го зафатија регионот. Бурата Алекс која ја зафати Југо-Источна Франција со врнежи од преку 450 mm воден столб во текот на 24 часа ги принуди организаторите да го исфрлат од итинерерот легендарниот брзински испит Кол де Турини кој нема да се вози за првпат во 89. годишната историја на релито.
2. Рели Шведска, 11 – 14 февруари
Единственото снежно рели во календарот на Светскиот шампионат следната година оди уште подалеку на Север. Имено, климатските промени проследени со благи зими ги принуди организаторите да одат подалеку на Север како би нашле соодветна подлога на која треба да се вози ова специјалистичко рели. Јасно е дека годинешното рели на Шведска повеќе наликуваше на настан кој се вози на чакал, отколку на настан којшто треба да се вози на снег. Затоа организаторот за следната сезона ветува целосно снежно рели.
3. Рели Хрватска, 22 – 25 април
После пауза од повеќе од два месеци по релито на Шведска, следи стартот на релито на Хрватска кое се вози за прв пат во историјата на светското рели. Долгата пауза е со цел да се добие на време и да се почека ефектите од пандемијата да попуштат во тек на пролетта. Релито на Хрватска ќе биде исклучиво асфалтен настан и ќе биде базирано во главниот град Загреб.
4. Рели Португалија, 20 – 23 мај
По еден месец пауза по релито во Хрватска, следи релито на Португалија. Традиционално ова рели се вози на чакал и следната година ќе биде првиот од трите исклучително жешки настани кои се возат во топлите месеци од годината. Планираниот настан годинава беше откажан заради Ковид-19, па се очекува в година ова традиционално рели да го оправда ептитетот како еден од повозбудливите настани во сезоната.
5. Рели Италија, 03 – 06 јуни
Се вози на медитеранскиот остров Сардинија и претставува рели со мешани патеки, чакал и асфалт. Подеднакво како и релито на Португалија се смета за еден жежок, но возбудлив настан кој знае да ги десеткува екипажите со својата специфична тежина. Годинава релито на Сардинија и покрај пандемијата се одржа, па се очекува да се вози и в година. Фаворит повторно е Дани Сордо кој се смета за ексклузивен познавач на ова рели.
6. Сафари Рели Кенија, 24 – 27 јуни
После пауза од 18 години, или од едно полнолетство, на сцена повторно пристигнува легендарното рели на Кенија. Единствен настан од Светскиот шампионат кој се вози на африканскиот континент. Релито на Кенија како и други настани доживеа тажна судбина. Иако се очекуваше дека паузата од 2002 година ќе биде прекината токму годинава тоа не се случи. Затоа организаторите и FIA очeкуваат дека следната сезона релито на Кенија ќе засјае во полн сјај. Со него воедно завршува првиот дел од сезоната.
7. Рели Естонија, 15 – 18 јули
Брзите правливи патеки на Естонија ќе ја отворат втората половина од сезоната 2021. Релито заслужи да биде дел од Светскиот шампионат откако неговите организатори годинава успеаја во исклучително куса временска рамка да организираат еден прилично успешен настан кого го фалеа и возачите, и одговорните лица на Светската автомобилистичка организација.
8. Рели Финска, 29 јули – 01 август
Познато по своите мазни и брзи патеки легендарното рели на Финска останува да биде дел од календарот како уште едно традиционално рели од Светскиот шампионат. Едноставно, светското рели не може да се замисли без релито на Финска. Годинава овој настан беше откажан на жалење на учесниците и публиката, но за в година се очекува повторно да блесно во полн сјај.
9. Рели Велика Британија, 19 – 22 август
Со преместување на датумот се очекува релито на Велика Британија да се покаже во едно сосема ново издание. Овој настан кој традиционално се вози доцна на есен и е препознатлив по своите калливи и исклучително лизгави патеки кои не простуваат грешки, за во 2021 ќе има еден сосема поинаков карактер. Се очекуваат суви патеки кои ќе им овозможат на учесниците да го истражуваат својот лимит, но и лимитот на машините.
10. Рели Чиле, 09 – 12 септември
Релито на Чиле ќе биде еден исклучително тежок настан кој буквално ќе ги десеткува екипажите од светската рели сцена. Но, неговиот специфичен карактер се очекува да ја продолжи неизвесноста во завршницата на сезоната.
11. Рели Шпанија, 14 – 17 октомври
Претпоследното рели на сезоната релито на Шпанија од своите асфалтни патеки ќе ги испрати тимовите на пат кон далечниот исток. Како и секогаш брзите и мазни асфалтни брзински испити во Шпанија ќе бидат домаќински восхитувачки и бравурозни потези зад волан на големите возачки мајстори на релито.
12. Рели Јапонија, 11 – 14 ноември
После пауза од 11 години релито на Јапонија се враќа на големата светска рели сцена. После 11 години ова е прво рели кое се одржува на азискиот континент, а е дел од Светскиот шампионат. Традиционално добри организатори, јапонците веруваат дека токму на патеките низ нивните острови, ќе се крши борбата по светската титула и меѓу возачите, но и меѓу производителите. Секако заради пандемијата од Ковид-19, Светската федерација – FIA, и промоторот на Светското рели – WRC имаат резерва во ракавот и подготвени се да го менуваат календарот во од, доколку тоа од нив го бараат условите кои ќе произлезат од ширењето на пандемијата. Очекувањата се дека сезоната ќе мине во најдобар ред, а предвидените релија ќе бидат одвозени во полн формат. Останува само да се надеваме дека пандемијата во 2021 година нема да ги разочара искрените љубители на релито