ИСТОРИСКИ РЕЗУЛТАТ ЗА FERRARI НА ОТВОРАЊЕТО НА СЕЗОНАТА ВО СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ НА ТРКИ НА ИЗДРЖЛИВОСТ. СО ПОБЕДАТА ЕДЕНДВА-ТРИ МАРКАТА ОД МАРАНЕЛО ИМ ФРЛИ РАКАВИЦА В ЛИЦЕ НА СВОИТЕ ЛУТИ РИВАЛИ ПРЕДИЗВИКУВАЈЌИ ГИ НА ДВОБОЈ
Величествен почеток на сезоната во трки на издржливост. Почеток каков што само може да се посака во еден светски шампионат. Како од сценарио, Лосаил, патеката која минатата година имаше огнено крштевање остана доследна на својата грандиозна премиера, и повторно беше домаќин на еден неверојатно возбудлив настан. Минатата година на Porsche му појде од рака да освои неверојатна еден-два-три победа, а годинава еден олку голем успех му припадна на Ferrari. Двапати едноподруго патеката Лосаил е сведок на еден-два-три победа од производител во Светскиот шампионат на трки на издржливост, и би било интересно во колку оваа насока продолжи и во сезоните што доаѓаат.
Апсолутна доминација на Ferrari на отворањето на годинешната сезона во WEC. Марката од Маранело доминираше на квалификации и доминираше во трка. Олку голем успех во трките на издржливост Ferrari последен пат доживеал дури во далечната 1972 година кога на трката 1.000 километри на Австрија-ринг, патека денес позната како Red Bull Ring, три автомобили со истопорениот коњ завршија во формат еден-два-три. Педесет и три години подоцна успехот се повторува. Сепак, станува збор за почеток на сезона на трки на издржливост, која, како и трките, барем досега, покажаа дека знаат да бидат крајно непредвидливи. Затоа не ни преостанува ништо друго освен да ги следиме, и да видиме, какви ќе бидат остварувањата на Ferrari низ текот на сезоната.
Распределбата на силите на терен почна да се разоткрива на воведот од сезоната, поточно на големото дефиле. Но, таму на тренинзите се калкулираше, се проверуваа разни комбинации и обидите да се долови реалната слика не можеа да бидат веродостојни. Уште повеќе ако се смета на предвидливоста на настаните во трка. Посебно на трката 1.812 km на Катар, која, ако не ја сметаме 24 часа на Ле Ман, со своите 10 часа е најдолга во шампионатот и е вистински предизвик, и за возачите, и за автомобилите, но и за тимовите. Доминацијата на Ferrari почна од квалификациите. Број 51 Ferrari AF Corse 499P со Антонио Џовинаци зад волан имаше најдобро време и на квалификации, и на сесијата Hyperpole, и заслужено освои полпозиција. Меѓутоа во раце на неговиот тимски другар Антонио Фуоко, број 50 Ferrari 499P, кој имаше второ време на квалификации за малку ја промаши сесијата Hyperpole. Автомобилите на Ferrari ги одвои Дрис Вантор со број 15 BMW M WRT Hybrid V8. Вантор на квалификации беше петти, но на Hyperpole беше доволно брз за да се пласира зад Џовинаци. Фуоко стартуваше трет. До него во вториот ред стоеше Алекс Лин со број 12 Cadillac V-Series.R Herz Team JOTA, а одзади вториот Cadillac со број 38 со Ерл Бамбер. Автомобилите на Porsche беа надвор од најбрзите десетмина и на квалификации и на Hyperpole. Од Toyota само број 7 GR010 со Ник де Врис успеа да се избори за седмата стартна позиција, а број 8 со Брендон Хартли излета и стартуваше седумнаесетти. Во послабата тимот United Autosports, број 95 и број 59, а од вториот ред Lexus RC број 78 на тимот Akkodis ASP и Ferrari 296 број 54 на тимот Vista AF Corse.
Започнатото на квалификации Ferrari го префрли во трка. Почетокот мина во знак на автомобилите од Маранело кои успеаја да се издвојат на врв. Полсетерот број 51 со Џејмс Каладо создаде мала предност во однос на сестринскиот број 50 со Ник Нилсен. Се чинеше како парот да вози во трка сам за себе, барем во првите два часа. Големите очекувања на Cadillac кој покажа одлични перформанси беа сопрени од грешки. Cadillac број 12 не се снајде најдобро на старт. Во мешаницата беше истуркан, но полека се проби до четвртата позиција. Ерл Бамбер пак, со број 38 направи грешка и падна на 17 позиција. Но, брзо се врати во игра и стигна до третата позиција постигнувајќи патем најбрз круг. Проблемите на BMW, Toyota и Porsche ги искористи број 93 Peugeot 9X8 пробивајќи се на петтата позиција, додека Ferrari број 83 на приватниот тим AF Corse со Роберт Кубица ја задржа шестата позиција од квалификациите. Cadillac се запиша како најголемиот трагичар во Катар. Двата автомобили се најдоа на чело на трката во момент кога „safety car” излезе на патека. Меѓутоа кога трката повторно стартуваше Алекс Лин во број 12 и Џејсон Батон во број 38 се судрија меѓу себе оштетувајќи ги двете возила и оставајќи го Cadillac со куси ракави. Трагедија и за водечкиот Ferrari број 51 кој направи прекршок додека трката беше под виртуелен „safety car” и заработи казна која го турна на осмата позиција. Стратегијата на влегување во бокс му помогна на Ferrari број 83 да избие на чело на трката, додека број 50 остана втор. Во овие моменти од трката Toyota заради добрата тактика се врати во игра. Број 7 и број 8 се искачија на третото, односно на четвртото место. Тука почна големата битка меѓу Ferrari и Toyota, во која за волја на вистината се вмеша и BMW со број 20. Актуелниот шампион полека почна да се доближува заканувајќи се да ги загрози позициите на водечката двојка, но број 20 BMW успеа да се протне на третото место раздвојувајќи ги двата автомобили на Ferrari, од двата автомобили на Toyota.
Поранешниот победник на 24 часа Ле Ман, Мигуел Молина, во Ferrari број 50 го престигна новакот Филип Хансон во Ferrari број 83 и изби на чело. Парот на Toyota заедно со BMW продолжија да ги демнат водечките. BMW број 20 не издржа долго на третата позиција, а автомобилите на Toyota немаа доволно џус за директно да ги загрозат црвената и жолтата фурија на Ferrari. Овој распоред се задржа сè до крај на осмиот час кога полсетерот Ferrari број 51 конечно со врати во игра и ги раздвои автомобилите на Toyota. Во овој претпоследен час од трката брзината на болидите на Ferrari, која ја признаа дури и од таборот на Toyota, излезе на мегдан. Број 51 со Џовинаци во директен дуел го доби број 7 на Toyota, и на само еден час од крајот на трката изби на третата позиција, придружувајќи им се на своите тимски другари за водство еден-два-три. Во овој деветти час од трката имаше измени и на врвот. Ferrari број 50 повторно изби на чело на поредокот откако го престигна Ferrari број 83 на приватниот тим AF Corse.
Триото на Ferrari остана на врвот во последниот час од трката и не дозволи да биде загрозено од Toyota. Така во формат на победа еден-два-три Ferrari го прослави својот прв грандиозен успех после пауза од 53 години. Победничкото трио беше наредено во време од 2,677 секунди. Црвениот Ferrari број 50 со Антонио Фуоко, Мигуел Молина и Ник Нилсен мина прв ни целта. Втор заврши жолтиот Ferrari број 83 со Роберт Кубица, Филип Хансон и Јифеј Ји, а трет Ferrari број 51 со Антонио Џовинаци, Џејмс Каладо и Алесандро Пјер Гуиди.
Toyota не успеа да вмеша прсти во борбата за подиум, но затоа пак, не успеа ниту да се одбрани од BMW со број 15 со Дрис Вантор, Кевин Магнусен и Рафаел Марсиело кои го освоија четвртото место. Екипажот на Toyota број 8 Себастијан Буеми, Брендон Хартли и Рио Хиракава кој во последните метри од трката го престигна сестринскиот број 7 и се избори за петтото место. Шести беа Мајк Конвеј, Камуи Кобајаши и Ник Де Врис со број 7 Toyota GR010. Со помпи најавуваниот Aston Martin Valkirye не стигна подалеку од последното место во класата. Проблеми со менувачот го паркираа во бокс број 007, а број 009 во тек на вториот час од трката загуби многу време бидејќи му се откачи врата и мораше да ја менува. Сепак, времињата по круг сè уште не се ветувачки за единствениот автомобил во класата Hypercar кој вози без хибриден погон.
Долгите 10 часа во Катар приредија подеднакво големи возбудувања и во класата LMGT3. Доминацијата на United Autosports со McLaren 720S број 95 и број 59, на квалификациите не успеа да се повтори и во трка. Во првата половина постојано беа некаде во втор план, додека Lexus RC број 78 на тимот Akkodis ASP со Арнолд Робин, Фин Гешриц и Бен Барникот водеше. Како минуваше првата половина од трката, борбата се разгоруваше. Водечката позиција повторно ја презеде број 95 McLaren 720S, додека зад него се одвиваше вистинска битка меѓу Lexus, BMW, Aston Martin и сестринскиот McLaren број 59. Кон средина на трката полека во преден план изби Corvette број 33 на TF Sport кој успеа да го раздели водечкиот пар на McLaren. Ситуацијата на врвот не претрпе значајни промени сè до последниот час кога водечкиот број 95 заработи казна за прекршок направен во пит-стоп. Така екипажот на Corvette број 33 Даниел Џункадела, Џони Едгар и Бен Китинг го презеде водството. McLaren број 59 со Џејмс Котингем, Себастиен Бауд и Грегоар Соси демнеше чекајќи ја вистинската прилика да ја престигне Corvette број 33, но тоа не се случи. Победата отиде во раце на TF Sport Corvette, додека United Autsports McLaren имаше за што да жали. Третото место во LMGT3 му припадна на тимот The Bend WRT број 31 со BMW M4.
Втората трка од календарот е 6 часа на Имола која се вози на 20 април.