„ГТИ“, тоа се едни од најзначајните три букви во автомобилската индустрија. Тие што имаат доволно познавања од оваа индустрија, умеат да ги почитуваат спомнатите три букви. Во семејството на Фолксваген „триото гти“ го има на три модели, „голф“, „широко“ и сега во „поло“, поточно од 1998 година. Спомнатите букви носат во себе нешто повеќе отколку останатите изведби од истиот модел, за нијанса поинаков дизајн (шминка), други тркала, друга маска, за таблата со инструменти и да не зборуваме и на крај седиштата и управувачот се разликуваат многу во однос на останатите. И како што на крајот од кремот се става јагодата, така на редизајнираното „поло“ се ставени еден куп коњски сили. Тоа „гти“ е ознака за спортски автомобил, а кратенката е изведена од „гран туризмо инџекшн“.
Годинава во април, Фолксваген го претстави обновеното „поло“ од шестата генерација, а сега ја претставува изведбата со „трите букви“, најлутата од моделот „поло“. Автомобилот во себе има реден четирицилиндричен 2,0 литарски „тси“ мотор кој со помош на турбо компресорот развива 207 КС. Таа силина се пренесува на предните тркала преку седумстепен автоматски менувач, попознат како „дсг“. Засега производителот го има во понуда само тој менувач и толку, а обичниот не е ни спомнат. Со овој „пакет опрема“ „фолксваген поло гти“ постигнува 100 км/ч тргнувајќи од место за 6,5 секунди и постигнува завидна крајна брзина од 240 км/ч.
Неговата спортска шасија е за 15 мм пониска од останатите „половци“ и е правена на основа од повеќенаменската основа „м ку б“. Поцврста е, полесна е и гарантира најдобри резултати, односно нејзината структура претрпува мали изобличувања при удари (сообраќајни незгоди).
Оваа изведба има на располагање само пет бои: сина, бела, црна, сребрено сива и црвена, а 17 стандардниte тркала, може да се заменат со 18 инчни. Списокот на електронско компјутерската опрема располага со мноштво можности за комбинирање (китење на автомобилот), но ние нема да навлегуваме во неа, тоа ви го оставаме вам како една од многуте слатки маки при купување автомобил.