VW PASSAT VARIANT-„НОВ“ ВЕТАР ВО СЕМЕЈСТВОТО

01/09/2023

Кога Фолксфаген (Порше Холдинг) ја претставуваа „ид седумката“ велеа „пасатот“ престануваме да го произведуваме. Нели, ото и дизел моторите си одат и сега настапува ерата на електромобилите. Така беше, но се предомислија и на крајот од месец август најавија нов „пасат“, деветта генерација кој ќе се нуди само во караван изведба, односно „варијант“ како што ја нарекуваа.

Новиот „пасат варијант“ должински е поголем за 144 мм од претходниот (осма генерација), односно неговата должина сега изнесува 4.917 мм, висок е 1.482 мм (повисок за 7,0 мм) со меѓуоскино растојание од 2.841 мм, односно подолго е за цели 50 мм. Пет метри долг караван, како да е брод, а не автомобил. А дизајнот, тој е многу сличен со дизајнот од моделот „ид 7“, како да е рестилизација.

Да не е „финтата“ електричната лимузина ќе ја наречеме „ид 7“, а караванот со класичните мотори ќе го носи старото име „пасат“. Не, не е така, „ид 7“ веќе има караван изведба. Ќе има бензински, но и дизел мотори, со назнака дека некои од нив ќе имаат и умерена хибридна технологија. Зарем дизелите не се најозлогласени мотори, највиновни за загадувањето на воздухот? Некои работи остануваат неразјаснети, но времето ќе ги исфрли на површина и ќе дознаеме што всушност се случува во овие мигови.

Производството ќе се одвива во погоните во Братислава, Словачка, а купувачите ќе можат да си одберат примерок на почетокот од наредната година. Пет децении стариот „пасат“ досега е продаден во 34 милиони примероци низ целиот свет. За некои пазари како што е јужноамериканскиот е познат под името „сантана“. Воедно да спомнеме дека моделот „пасат“ е најпродаваниот Фолксваген, a зад него се и популарните „буба“ и „голф“. Светската премиера е закажана за 4 септември на денот одреден за новинарите, а саемската манифестација ИАА 2023 ќе биде отворена на 5 септември и тоасреде Минхен под отворено небо и ќе трае до 8 истиот месец. Од каде доаѓа името „пасат“? Од ветровите именувани како пасати кои дуваат во тропскиот појас некаде околу 30 степен северно и јужно од екваторот.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.