Градски автомобил, електричен, со погон на предните тркала, со подвижен покрив, внатрешност која се менува според потребите, со голем број електронски помагала и сето тоа за малку пари, односно возило наменето за младата генерација на возачи. Покрај тоа што е наменет за младите, концептот е создаден од и тројца млади конструктори.
Комбилимузина, но со примеси на возило за забава, „сув“, е направено на веќе познатата платформа „меб“, но сега за првпат е приспособена да опслужува силина која се пренесува на предната оска.
Батерија со 62 kWh способна да му овозможи на возилото солидни 400 км возење, а потоа следи повторно полнење. Ако батеријата е празна, а сакате да изминете уште околу 100 км, причекајте само 10 минути затоа што за толку малку време, батеријата ќе се наполни за да изминете 160 км.
Бидејќи електрониката во денешно време е главна во автомобилите, со нејзина помош внатрешноста од автомобилот може да биде претворена во сосема мала сала за гледање филмови или, пак, играње некои игри. Седиштата можат да се разместат во повеќе правци така што сите патници имаат можност прегледно да ги следат случувањата на екранот. Ова е само една од многуте удобности кои ги нуди електрониката во „фолксваген ид лајф“.
Да се биде во содејство со екологијата, тоа значи да си во чекор со современиот живот и да си одговорен пред светот, односно животната средина. Голем дел од внатрешноста е направена од рециклиран материјал, велат дури 71 отсто, но засега тоа се однесува на концептот, дали истото ќе се случи и во сериското издание ќе видиме во 2025 за кога е најавена светската премиера.
Дизајнот е така малку класичен со примеси од минатото, нема некои досега невидени линии, туку е одено кон класичните и веќе многу пати испробани облици. Концептов кој во блиска иднина треба да привлече млада популација возачи, кога ќе стаса во фаза на сериско производство ќе чини 20.000 евра. Дали е тоа многу или малку е прашање за идните купувачи, но за тие пари се добива „сув“ на кој од 0 до 100 км/ч му се потребни 7,2 секунди и постигнува максимални 180 км/ч.