Škoda Octavia Style 2.0 TDI EVO DSG 150-СЕКОГАШ ЧЕКОР ПОНАПРЕД

29/09/2020

СО НОВАТА, ЧЕТВРТА ГЕНЕРАЦИЈА НА OCTAVIA ЧЕШКАТА МАРКА ОTСЕГА РАМНОТЕЖАТА ЈА БАРА ПОМЕЃУ СТИЛОТ И ФУНКЦИОНАЛНОСТА, А ЗА СÈ ДА БИДЕ КАКО ШТО НАЛАГААТ АКТУЕЛНИТЕ ТРЕНДОВИ УПОТРЕБЕНА Е НАЈМОДЕРНАТА ТЕХНОЛОГИЈА КОЈА ГО НОСИ ОВОЈ МОДЕЛ ДАЛЕКУ ПРЕД ДИРЕКТНИТЕ РИВАЛИ.

 

Нова дизајнерска патека

Тоа што на другите им е тешко на Чесите им поаѓа од рака. Од своето појавување во 1996 година Octavia е неприкосновен владетел на просторот и комфор, а особено јак играч во односот на вложено-добиено. Со појавувањето на четвртата генерација тој опсег се проширува кон стилот и функционалноста. Токму поради тоа при првата средба може да се заклучи дека Octavia цели многу повисоко. Предниот дел изгледа доста софистицирано и врти нова страница во дизајнот на марката. Долгиот преден поклопец се спушта ниско, а под него е поставена решетката на ладилникот која се движи до светлосните групи со нов светлосен печат. Отсега сите верзии стандардно доаѓаат со светла опремени во LED технологија како на предниот, така и на задниот дел. Ако добро го погледнете страничниот профил на Octavia ќе забележите дека се оддалечува од дизајнот на класична троволуменска лимузина и сега повеќе наликува на купе-седан изведба. Кога станува збор за задната страна забележлив е обликот на поклопецот од багажниот дел кој ненаметливо се претвара во мал спојлер, на неговата средина производителот гордо го става своето име. Задните светла се со 3D дизајн и длабоко се врежани во каросеријата. Целиот крај завршува со соодветно обликуван браник кој ја дополнува целината на задниот дел. Присуството на хромирани детали е забележлив на целата надворешност со што Octavia го подигнува имиџот и создава далеку поконкретна слика за автомобилот.

Škoda од новото време

Новата генерација на Octavia се збогува со минатото и директно оди во иднината, слободно може да се каже дека ова е досега најдобро изведениот ентериер на чешката марка. Организирањето на предна арматура е наклонета кон новото време, тука екраните и минималната употреба на физички команди создаваат слика на софистициран автомобил со модерен пристап во креирањето. Опремен со виртуелен асистент кој се одзива на командата „Оkay Laura!“, што секогаш стои во позадина подготвена за вас. Па така ако посакате може да ја подеси температурата во кабината, избере омилената радио станица, напише и испрати СМС порака. Ова се само дел од активностите кои ги извршува без поговор. Копчињата и прекинувачите се сведени на минимум и речиси со сѐ се командува преку системот за инфотејмент, а ако сакате да го намалите или зголемите гласот на аудио системот во подножјето е поставен т.н „слајдер“ преку кој само нежно треба да поминете со прст.

Материјалите кои се користени за изработка на кабината се исклучително квалитетни и меки во делот каде што секојдневно се допира, завршната обработка создава удобно чувство и сѐ наликува како од класата погоре. Како доказ дека Octavia се збогува со минатото е управувачот, тој е изведен во несекојдневен облик со два крака на кој се поставени ротирачки команди со високосјаен хромиран финиш. Предниот дел од кабината нуди седишта со одлични пропорции во кои се седи многу удобно и нудат добра потпора во сите правци. Заднитe пар врати ја скриваат тајната со која Octavia ја плени публиката. Меѓуоскиното растојание од 2.686 мм овозможува сериозна количина на простор со која располага задната клупа. На неа комотно може да се сместат лица чија што висина е над 180 см без да допрат со коленатa во предните седишта, или да допираат со главата на горниот дел од кабината. Конфигурацијата на каросеријата иако по обликот наликува на класичен седан, сепак пристапот до багажниот простор е изведен преку петта врата. Награда за ваквото решение доаѓа во вид на искористив волумен од 600 литри во основната конфигурација, а доколку и тоа не е доволно со соборувањето на задната клупа волуменот на багажникот расте до несекојдневни 1.550 литри.

Проверен склоп со типичен карактер

Тестираниот примерок под предниот поклопец ја поседува најновата инкарнација на добро познатиот TDI агрегат со додаток EVO, кој од сега доаѓа со двојно филтрирање на издувните гасови со што поентира на еколошките тестови. Станува збор за мотор од 2 литри со common rail технологија и Еуро 6 стандард кој испорачува 150 КС и 360 Nm влечна сила, истата е на располагање во распон од 1.750 до 2.750 вртежи во минута, а моќта ја испраќа на предната осовина. Оваа работна единица се одликува со тивко работење, силата ја испорачува линеарно и без најмал проблем го движи автомобилот тежок речиси 1.5 тони. Како идеален партнер на агрегатот доаѓа 7 степен DSG автоматски менувач со двојна спојка кој се одликува со извонредна прецизност во работењето. Моделот Octavia во оваа конфигурација во просек троши под 8 литри дизел гориво во градски услови на користење, додека на автопат со почитување на максималната брзина потрошувачката се спушта под 6 литри на секои 100 километри. Во однос на потпирањето нема поголеми замерки, поставените задачи Octavia ги извршувa послушно, нејзиното сетирање е подесено на конфорната страна, што од друга страна, пак, не значи дека не може да одговори и на поагресивни барања на возачот. Новата Octavia ги задржува своите типични карактеристики и истите ги користи на умешен начин како главни состојки со кои се наметнува пред конкуренцијата и несрамежливо покажува дека е може да им парира и на оние од повисоката класа.

МОТОР: ЧЕТИРИЦИЛИНДРИЧЕН
ТУРБО ДИЗЕЛ
ЗАФАТНИНА: 1.968 СМ3
МОЌНОСТ: 150 КС
При 3.000 врт/мин.
МЕНУВАЧ: 7 СТЕПЕН АВТОМАТСКИ
ПОГОН: НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА
ОБЕСУВАЊЕ НА
ТРКАЛА:
НАПРЕД: MCPHERSON
НАЗАД: ЛИНИСКА ОСКА
СОПИРАЧКИ: НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ
НАЗАД: ДИСКОВИ
ГУМИ: НАПРЕД 225/45 R18,
ПОЗАДИ 225/45 R18
МАСА НА
ВОЗИЛОТО:
КГ 1.465 КГ
ДИМЕНЗИИ:
Д/Ш/В:
4.689 X 1.994 X 1.470 ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД
0 ДО 100 КМ/Ч:
8.7 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА
ПОТРОШУВАЧКА:
3.7 ЛИТ/100 КМ
МАКСИМАЛНА
БРЗИНА:
227 КМ/Ч
АВТОНОМИЈА НА
ДВИЖЕЊЕ
/
ЦЕНА НА ТЕСТ
МОДЕЛОТ
31.940 ЕU

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.