СИГУРНО ДОСЕГА МНОГУ ПАТИ СТЕ РАЗМИСЛУВАЛЕ КАКО ДА СЕ ПРОИЗВЕДЕ ПОЕВТИНА ИЛИ СОСЕМА БЕСПЛАТНА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА. МНОГУМИНА ОД НАС СЕ ПОЛНИ СО ИДЕИ, НО ПРЕМИНОТ ОД ИДЕЈА, ЖЕЛБА И СОН ВО СТВАРНОСТ Е РЕЧИСИ ЕДНАКОВ НА НУЛА. СЕПАК, МАНОЈ БХАРГАВА РАЗМИСЛУВА ПОИНАКУ. ПРОЧИТАЈТЕ КАКО!
Вообичаено, кога сакаме да ослабеме, одиме во сала за фитнес и таму со часови, во ритамот на музиката румба, самба, салса, ча-ча-ча, мамбо денс… работиме на нашиот случај. Луѓето одеа и сè уште одат во салите за да научат движења, најмногу за раздвижување и, како што милуваат најчесто да кажат ќе ја исфрлат негативната енергија и ќе се наполнат со позитивна, небаре ова е бензинска станица и сега ќе го полниме резервоарот. Нека биде како што велите, но еден изумител од Индија има многу подобра идеја.
Од каде врската меѓу модерниот фитнес со човекот што го споменавме? Тој е изумител и направил статичен велосипед со димензии колку еден двосед во дневна соба. Тука не завршува неговиот изум затоа што не е наменет само за рекреација и раздвижување, туку и за производство на електрична енергија. Ем вртите и возите велосипед во дневна соба, спална или каде што сакате, во исто време работите на вашата физичка кондиција, а најинтересно од сето ова е што за еден час вртење добивате електрична енергија за цел ден. Токму тој, Маној Бхаргава направил мала централа за производство на струја што наједноставно може да се постави во секој дом. За оваа направа не се потребни посебни монтирања, на посебни места, туку во зависност на вашите потреби и желби, ја поставувате таму каде што најмногу ви одговара.
Уште еднаш да нагласиме, фитнес, кардио и танцувачки вежби за кои претходно сте платиле, сега за тоа не треба да плаќате, а за возврат добивате ист ефект. Голема придобивка е што „велосипедот“ произведува електрична енергија и со тоа ве ослободува од плаќање на месечните сметки. На две места ви заштедува пари. Но и тоа не е сè. Покрај тие фитнес танци, сега многу е во мода грижата за животната средина и науката што се занимава со неа, екологијата. Постојано читаме и слушаме дека фабриките и автомобилите чаделе, домаќинствата се грееле на дрва, загадувале и што уште не. Велосипедот на Маној Бхаргава не чади, а произведува струја, ве раздвижува и го чува вашиот кардиосистем, корисно влијаејќи врз него.
Ве интересира кој е Маној Бхаргава. Се школувал во колеџот Принстон, во САД, а отсекогаш во умот му се вртела идејата како да го поедностави и да го олесни животот на индискиот народ. Идејата за велосипедот „хидроцентрала“ тлеела со години, а поттик за конструирање на направата му биле семејствата што живееле надвор од градовите и кои буквално никогаш во животот немале електрична енергија во домовите. Да не набројуваме што сè може да донесе електричната енергија, таа е дел од секојдневјето без кој не може. Денес на планетава 1,5 милијарди луѓе немаат услови за користење електрична енергија, иако живееме во XXI век, ера во која дигитализацијата и компјутерите земаат замав како никогаш досега.
Велосипедот работи на многу едноставен принцип. Вртите на педалите, а преку синџирот се врти „летачкото тркало“. Тоа е поврзано со генератор, а тој, пак, е ист како кај хидроцентралите само со намалени димензии. И електричната енергија што ќе се произведе веднаш се складира во батериите. Кога имаме потреба од некој електричен апарат, го вклучуваме, а тој ја добива струјата од акумулираната во батеријата на велосипедот и толку.
Прво, 24 вакви велосипеди биле тестирани во 24 домаќинства, а М. Бхаргава со тимот го следел нивното работење. Следниот негов чекор бил да направи 10.000 примероци и да ги подари или продаде за цена најмногу од 250 долари. Во зависност од куповната моќ на луѓето, така ќе се формира цената, вели Маној Бхаргава. Велосипедот ќе се продава по цена од 1.200 до 1.500 долари. Привлечно чудо, нели?!