СОНЦЕТО, ВОДАТА, ВЕТЕРОТ СЕ ПОЗНАТИ КАКО ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА. СПОРЕД ВРВНИТЕ ПОЗНАВАЧИ НА ПРОБЛЕМАТИКАТА НАЈДОБРО Е ДА СЕ КОРИСТИ СОНЧЕВАТА ЕНЕРГИЈА. ВО ПРИКАЗНАВА ЦЕЛОСНО ЌЕ СЕ ВКЛОПАТ И ЕЛЕКТРОМОБИЛИТЕ, АКО НАЈГОЛЕМ ДЕЛ ОД „ГОРИВОТО“ ПОТЕКНУВА ОД СОНЧЕВАТА ЕНЕРГИЈА, А НЕ ОД ЈАГЛЕН И СЛИЧНИ НЕШТА.
Штом ќе се спомнат електричните автомобили веднаш се помислува на нешто несекојдневно, нешто супер современо, нешто толку многу напредно и совршено. Добро, што има тука толку напредно и совршено кога електричните автомобили биле првите кои го освојувале светот, а дури потоа на ред доаѓаат моторите со внатрешно согорување.
Неколку пати ја кажувавме приказната за електромобилот направен и возен од Т. А. Едисон кој изминал 1.600 километри со едно полнење на батериите и тоа со брзина од 25 км/ч. И не заборавајте да спомнете дека тоа се случило пред повеќе од еден век.
Денес, тие исти автомобили се совршенство на кое му се чудиме и восхитуваме, а всушност се работи за погонски агрегат кој е 100 пати поедноставен за произдовство и одржување отколку моторите со внатрешно согорување и воедно е најмалку пет пати полесен.
Она што треба да направиме е да ги отстраниме автомобилите чии мотори загадуваат, а на нивно место ќе ги замениме со тие на електричен погон. Со смената на обичните автомобили со електрични, ќе добиеме многу. Но дали е така? Електромобилите како погонско гориво користат „струја“ која треба да се произведе.
Кај нас најголем дел од електричната енергија се произведува во термоцентралите. Овој вид капацитети како гориво користат јаглен. Тоа значи дека истите испуштаат големи количества чад. Ние сме ги замениле обичните возила со електрични, но производството на електрична енергија ни зависи од термоцентралите. На едно место чадењето сме го намалиле, а на друго место сме го зголемиле (термоцентралите). Повторно чад! За да го нема чадот најдобро е струјата да ја произведуваме во хидроцентрали, ветерници, односно најдобро е да го користиме сонцето. Ние немаме потребна инфраструктура и капацитети да произведуваме струја од обновливи извори на енергија – сонце, вода, ветар. Не само ние што немаме, туку светов нема или не сака да ја има затоа што сè уште резервите на фосилните горива се огромни и штета е толку лесно да се откажеме од нив, посебно тоа важи за сопствениците на нафтоносните полиња и рафинериите од кои имаат профит тежок мерен во тони злато.
По големата катастрофа со атомската централа во Фукушима, Јапонија, една од најразвиените земји во светот забрани понатамошно градење на атомски централи на нејзино тло, а старите капацитети сега работат со една третина од вкупната силина со цел да се намали ризикот од катастрофа. Додека има нуклеарно гориво централите ќе работат, а потоа ќе бидат затворени. Истовремено таа држава даде целосна подршка за изнаоѓање посовршени начини за што поголемо искористување на сончевата енергија. Иако државата е пребогата и се наоѓа на север од континентов и има далеку помалку сончеви денови од Македонија, сепак ние сè уште не сме ни на почетокот од приказната во која треба да бидеме ако сакаме почиста животна срдина.
И сега ја имаме следнава ситуација, фрливме 500.000 возила со погон на фосилни горива, а нивното место го зазедоа електомобилите, кои се напојуваат со електрична енергија произведена главно од термоцентралите. Главен извор за производство на електрична енергија во нашата држава се термоцентралите. Значи, 500.000 издувни системи кои ја загадуваа животната средина сега ги заменивме со три четири големи оџаци кои за неколку пати повеќе ја загадуваат животната средина, но ние и натаму сме спокојни затоа што возилата повеќе не чадат. Единствента придобивка која ја имаме од тие 500.000 возила е исчезнување на бучавата. Засега, тое е единствената чиста придобивка без последици, од употребата на електромобилите.
Сè додека електричната енергија ја добиваме од термоцентрали, загадувањето нема да исчезне иако возиме електромобили.
За целосна корист од електромобилите, треба да завртиме нов лист и да произведеме електрична енергија со помош исклучиво од сонцето, затоа што според експертите по екологија, градењето ветерници и хидроцентрали предизвикува еколошко пореметување на животната средина.