Нерешливоста на проблемот со тежината на електричните возила веќе е минато, а за тоа да биде така се погрижи компанијата Виритек. Посебно беше проблематична денешната технологија употребувана при конструирањето на електрични возила кои како гориво за создавање електрична енергија го користат водородот и горивните ќелии. На почетокот од развојот, проблемот се појавил во резервоарот за складирање водород. Да појасниме. Складирањето водород се одвива под енормно голем притисок, дури 700 бари. За да складирате 5,0 кг водород, резервоарот мора тој притисок да го издржи и затоа се премногу масивни. Тие 5,0 кг водород од безбедносни причини мора да бидат сместени во 100 килограмски резервоар. Досега беше така, но отсега натаму светот ја има технологијата на компанијата Виритек вградена во хипер купе концепт автомобил неодамна претставен на манифестацијата Гудвуд фестивал на брзината. Замислете, концепт автомобилот тежи само 1.000 кг, дури е полесен и од класичните хипер купе автомобили, а сепак е електричен и згора на тоа користи горивни ќелии за производство на електрична енергија. Тежок резервоар за водород и тешка батерија, но компанијата Виритек сето тоа го решила на свој начин, а резултатот наречен „априкале“ тежи само еден тон. Конструкторите одбрале супер лесна но крајно ефикасна батерија, додека резервоарот за водород го направиле од јаглеродни влакна, односно од новиот материјал наречен графен (изведен од графит). Графенот датира од пред околу 15 години, а е во „сопственост“ на двајца руски научници кои добиваат нобелова награда за пронајдокот. Материјалот од кој е изработен резервоарот за водород е наречен „граф – про“, а се одликува со многу мала тежина и преголема отпорност и издржливост.
Хипер автомобилот „виритек априкале“ е „дотеран и навиткан“ од мајсторите на својот занает, Пининфарина. Како што сега се одвиваат работите, Виритек е во преговори со Пининфарина за производство на 25 примероци од хипер автомобилот „априкале“ во современата работилница Камбиано во Торино.
Ако компанијата Виритек нашла решение за драстично намалување на тежината на електричните автомобили со горивни ќелии, зошто истата не тргнува со сериско производство на, да речеме градски автомобил или компактен семеен автомобил? Имаат способност да произведат врвен спортски автомобил, единствен во светот со таква тежина и способности од кои светски познатите големи компании ги боли глава, но Виритек го интересираат тие 25 примероци кои допрва треба да се бидат произведени. Или, пак, Виритек не сака да ги обелодени идните потези и во голема тајност подготвува нешто уште пореволуционерно од „априкале“.