Сè уште не знаеме што може да донесе ерата на вирусот. Состојбата постојано се менува и од страна гледано личи на некакво безредие. Летово во последен миг беше откажана саемската манифестација во Њујорк, а Лос Анџелес забрзано се подготвува да ги отвори вратите за „чудата на четири тркала“ на 17 ноември. Таму на таа изложба доаѓа Вингруп компанијата со својата марка Винфаст да претстави две сосема нови возила. Моделите „вф e 35“ и „вф е 36“. Тоа се возила од „сув“ класата, а како некој вид подкласа, припаѓаат во групата на „кросовери“. Помалиот модел „вф e 35“ е член ако така може да се каже во сегментот „е“, додека „вф e 36“ е со поголеми димензии и тој влегува во сегментот „д“. Двете возила ќе бидат снабдени со сите современи електронски помагала, како на пример, предупредување од судир, од преминување во друга лента, предупредување од возило кое се наоѓа во таа слепа точка, потоа целосно автоматизирано паркирање, помош при тргнување на нагорнина или помош при симнување на надолнина и што уште нè.
„Направивме големи вложувања и извршивме огромни испитувања на автомобилскиот пазар за потоа да направиме електрични возила од премиум класата за задоволување на купувачите од целиот свет. Ова е само почеток. Се надеваме ќе ги освоиме срцата и на пребирливите купувачи со нашите врвни сервисни услуги и висококвалитетни производи“, изјави Ле Ти Ту Туи потпретседателот на компанијата Вингруп која е сопственик на марката Винфаст.
Податоците за двете нови возила се премногу оскудни и сега можеме само да нагаѓаме со која силина располагаат моторите кои ќе бидат вградувани. На пример електромоторот вграден во „вф е 34“, располага со 150 КС и со едно полнење на литиум јонската батерија може да измине 285 км.
Сè ќе биде обелоденето на 17 ноември во градот на славниот кошаркарски тим Лејкерси, доколку вирусот дозволи сето тоа да се одржи. Да се надеваме дека манифестацијата ќе биде одржана токму како што посакуваат организаторите, новинарите и секако посетитлите. Винфаст на континентов треба да стигне наредната година.