ВИМБЛДОН – НЕИЗВЕСНИ РЕЗУЛТАТИ ДО САМИОТ КРАЈ

07/07/2025

ЉУБИТЕЛИТЕ НА ТЕНИСОТ ВЕЌЕ НЕКОЛКУ ДЕНА ВО ПОСТОЈАНА ВОЗБУДА НА ТЕЛЕВИЗИСКИТЕ ПРИЕМНИЦИ ГИ СЛЕДАТ МЕЧЕВИТЕ ВО РАМКИТЕ НА ГОДИНАШНИОТ ВИМБЛДОН. ГРАНСЛЕМ-ТУРНИРОТ  ЗАПОЧНА МИНАТИОТ ПОНЕДЕЛНИК (30 ЈУНИ). ЌЕ ЗАВРШИ НА 13-ТИ (НЕДЕЛА) СО МАШКОТО ФИНАЛЕ, А ЕДЕН ДЕН ПОРАНО ЌЕ СЕ ЗНАЕ И ПОБЕДНИЧКАТА ВО ЖЕНСКА КОНКУРЕНЦИЈА. ДОТОГАШ СИГУРНО ЌЕ МОЖЕТЕ ДА УЖИВАТЕ ВО ПРЕНОСИТЕ НА СПОРТСКИТЕ БОРБИ ЗА КОИ СИТЕ ВЛЕЗНИЦИ СЕ РАСПРОДАДЕНИ ОДАМНА.

Погледите се вперени и кон присутните, особено во кралската ложа. Привилегираноста се однесува и на третманот, меѓу другото. За присуството на Герет Саутгејт и Дејвид Бекам на отворањето се зборува со големо уважување и денеска, без да спласне заинтересираноста – особено поради тоа што и двајцата се здобија со почесно звање (витези) по повод роденденот на кралот Чарлс. Големата гужва е очекувана. И оправдана. Многу луѓе се стационирани во непосредна близина каде што и кампуваат. Животот во Лондон тече во ритамот на Вимблдон чиј награден фонд за оваа година е највисок (рекорден) – изнесува 53,5 милиони фунти. Во споредба со 2015-та е двапати попоголем, а тоа значи дека победниците годинава ќе добијат по три милиони фунти, 11% повеќе од лани. Следствено, поголеми се и паричните награди за губитниците во игрите (66.000 фунти), додека пак двојките што ќе победат во машка и во женска конкуренција на сметките ќе им бидат префрлени по 680.000 фунти, а мешаните – вкупно 135.000 фунти.

Новина на овогодишниот Вимблдон е и воведувањето електронски судски одлуки што значи дека судењето со линиски судии е минато, првпат по 147 години, благодарејќи на високата технологија – нешто повеќе од 400 камери се инсталирани на тениските игралишта.

Обложувалниците ги имаат и своите фаворити: Арина Сабаленка од Белорусија и Карлос Алкараз од Шпанија – нивната супериорност воопшто не е под знак прашалник, напротив – облозите се склучуваат и на големи пари. Како и да било, резултатите се неизвесни до самиот крај – за неколку дена  Дотогаш ќе можеме да навиваме за оние кои имаат најголеми изгледи да победат, во исто време да го проследиме и јуниорското првенство и натпреварувањето за освојување на шампионската титула во инвалидска количка. Зошто да не и одново да прочитаме за фактите, неоспорните вистинити податоци за Вимблдон.

– Првпат се одржал во 1877-ма. Оттаму и важи за најстар во светски рамки. Овој гранслем-турнир е единствен што се игра на тревни терени, а тревата се коси точно на 8 мм височина.

– За две недели се играат вкупно 675 мечеви. Тенисер(к)ите мораат да се придржуваат кон прописите, правилата: задолжително да бидат облечени во бело. Судиите имаат право да ги замолат играчите ако е можно да се преоблечат.

– Годишно се користат 54.250 топчиња. Се заменуваат по секој деветти гејм, некогаш и по седмиот, за да се сочуваат во добра состојба. Кога не се употребуваат, обично се чуваат во ладилници на плус 20. Порано топчињата биле во боја на снег, млеко… (бели), а денес, пак, се жолти – за полесно да се видат на екраните. Притоа се ангажираат околу 250 момчиња и девојчиња, кои претходно се обучуваат неколку месеци. Конкурираат близу 1.000.

– Трофеите што ги добиваат победниците се реплики, три четвртини од оригиналите.

– 11 часа и пет минути е најдолгиот меч во историјата на гранслем-турнирот, се играл три дена.

– Секоја година се послужуваат 166.055 порции јагоди со шлаг (повеќе од 700 л дневно), 17.170 порции риба со пржени компирчиња, 2.195 кг банани, 21.917 шампањски вина (шишиња), 303.277 чаши коктел Pimm’s. Во текот на Вимблдон се продаваат и над 2.000 кошници за попладневен чај.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.