МИЛИОНИ ХРИСТИЈАНИ ШИРУМ СВЕТОТ (И ПРАВОСЛАВЦИТЕ И КАТОЛИЦИТЕ, ВКЛУЧИТЕЛНО И ПРОТЕСТАНТИТЕ) ГИ СЛАВАТ ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ПРАЗНИЦИ. ГОДИНАВА ДЕНОТ НА ХРИСТОВОТО ВОСКРЕСЕНИЕ ПАЃА НА 20 АПРИЛ, СОГЛАСНО ДВАТА КАЛЕНДАРА – ЈУЛИЈАНСКИОТ И ГРЕГОРИЈАНСКИОТ – ДАТУМОТ СЕ ПОКЛОПУВА ИСТО КАКО ЛАНИ. 21-ВИ (ПОНЕДЕЛНИК) Е ПРОГЛАСЕН ЗА НЕРАБОТЕН.
Големиот верски празник се слави насекаде, низ целиот свет. Со неискажана радост – веселата расположба се подразбира. Не случајно, бидејќи во системот на верувањата кои се однесуваат на христијанството и неговите припадници, Христовото воскресение е основата или темелот на религијата што поникнала во првиот век од нашата ера.
Во согласност со новиот христијански дел од Библијата, кои ги опфаќа евангелијата, делата на апостолите и Посланието – Христос воскреснал од мртвите на третиот ден од распинањето, ставањето на крст. Од неговата смрт поминале точно 33 часа. Во еден од текстовите напишани во Новиот завет се вели дека Марија Магдалена во моментот кога го посетила неговиот гроб, вечното почивалиште било празно. Според Матеј, над гробот се појавил само еден ангел, а според Лука – два. Евангелистот Марко пишувал за млад човек облечен во бела облека, додека Јован се осврнал на моментот кога Марија Магдалена погледнала во празната дупка. Едниот од двата ангела ја прашал зошто плаче. Таа се свртела кон нив, препознавајќи го Исус додека го изговорил нејзиното име. Апостолите биле согласни дека Христос во наредните 40 дена се појавувал пред луѓето буквално секаде.
Велигденските празници се менливи, подвижни. Не паѓаат на ист датум, според јулијанскиот и грегоријанскиот календар, кои го следат движењето на Земјата околу Сонцето. Тие сепак се фиксни, но според месечевиот календар што е сличен, ама не и еднаков на еврејскиот. Велигден се слави по главниот религиозен празник на Евреите, Пасха. До 2100-та денот на Христовото воскресение може да падне меѓу 4 април и 8 мај – на почетокот од годинава папата Франциск изјави дека Католичката црква е подготвена да прифати заеднички датум за Велигден со сите христијански цркви (и православните и протестантските) со цел да се зацврсти единството меѓу верниците.
Во православието, ним им претходат велигденските пости. Оваа година почнаа на 3 март, денот по Прочка. Со Лазарова сабота и Цветници во извесна смисла се најавува завршувањето на периодот кога се пости, без оглед на тоа што трае и натаму, до самиот ден на Христовото воскресение – по завршувањето на богослужбата, која започнува на полноќ. За празникот се врзуваат и обичаите. На Велики четврток, рано изутрина, се вапсаат само три јајца, по правило црвени оти Марија Магдалена му однела такви на римскиот цар Тибериј откако се дознало за Христовото воскресение: првото е за Бога, второто за домаќинот (главата на семејството), последното за бериќет, среќа. Останатите се бојадисуваат друг ден. Велипеток се смета за најтажен, тогаш и постот е строг се пие само вода, чај…, така останало.
Сепак, Велигден е највеселиот верски празник, заедно со Божиќ. Во сабота навечер се оди во црква, се кружи околу неа и се крши со вапсани јајца – богослужбите во христијанските храмови се празник за окото и празник за душата. Веќе утредента се мрси, трпезата е богата. Велигден се честита и во наредните денови, со радосен глас.
Христос воскресе, за многу години…