Средниот и Далечниот Исток важеа за индустриски полуразвиени региони со исклучок на Јапонија, и во поново време Кореја, каде автомобилската индустрија е поставена на завидно ниво. Но во последниве три – четири децении имаме развој на спомнатата индустрија во останатите земји од регионот, најмногу во Кина и Индија. Овие држави денес имаат сопствена автомобилска индустрија и сопствени марки. Најновото од Истокот е супер брзиот автомобил едносед од Индија направен од Чунки Вазирани некогаш вработен во Ролс Ројс и Јагуар Ленд Ровер, а денес сопственик на работилницата Вазирани и конструктор на едноседот „еконк“.
„Вазирани еконк“ не е обичен автомобил туку супер брз со оглед на неговите електрични 722 коњски сили. На силинава ги додаваме 738 килограми од возилото и добиваме супер резултат, скоро 1 : 1 или поточно само 1.022 килограми на една коњска сила, сооднос кој е типичен исклучиво за тркачките автомобили. Ваква ракета на четири тркала светот одамна нема видено, но затоа Индија го доби тој дуел со останатиот свет и сега има еден од најлесните и наjбрзите автомобили на планетава. Според соопштенијата пристигнати од производителот, автомобилот е правен од лесни материјали и во него нема украси и разни електронски помагала како во останатите. „Вазирани еконк“ го има само најпотребното и толку, без модни и луксузни детали, има онолку опрема колку што имаат тркачките болиди. Автомобилот е едносед и е наменет исклучиво за уживање, односно за тие што знаат да уживаат во возењето и во благодетите што ги нуди хипер купето.
И покрај тоа што автомобилот има енормно голема силина, батериите наместо воден систем за ладење имаат воздушен кој е далеку полесен од водениот. Производителот со оваа досетка заштедил на тежина, така што автомобилот постигнува крајна брзина од над 308 км/ч и од 0 до 100 км/ч за само 2,54 секунди. Производителот не наведува многу технички особини, но познати се двата електромотори кои го задвижуваат болидот „еконк“, еден на предната и еден на задната оска. Тоа значи погон на сите тркала кој дополнително го олеснува забрзувањето и воедно ја подобрува стабилноста на возилото.
За првпат Чунки Вазирани го разбранува светот во 2018 година кога го претстави прототипот „шул“, а еве сега неколку години подоцна истиот тој прототип беше дел од парадата на возила наречена Гудвуд фестивал на брзината. Неговото прво возило си остана прототип, а и ова новово „еконк“, исто така, е прототип и не е познато дали воопшто ќе влезе во сериско производство, но искуствата стекнати со „еконк“ сигурно ќе бидат вградени во идните возила на Вазирани.
Еконк во превод значи голема експлозија од која подоцна е создадена планетава, а возилото „вазирани еконк“ е најлесниот електромобил од сите досега претставени.