Потегот на Тојота од моделот „јарис“ да направи некој вид „сув“ се исплатеше. Светот се засити од обликот комбилимузина и сега сака малку да смени. Таа смена оди во насока на „сув“ возилата, а таму Тојота е една од најсилните, така вели светската статистика.
Со цел да ја зачува високо освоената позиција во светот, Тојота го обнови моделот „јарис крос“. Денес купувачите најмногу ги интересира големината на екраните и дали се од тие осетливите на допир. Да, во обновениот „јарис крос“ има екрани со дијагонала од девет или 10,5 инчи, а екран таблата со инструменти располага со најмалку седум или 12,5 инчи, во зависност од изведбата, поточно од пакетот со опрема. Поскапите пакети нудат поголеми екрани. И секако, изгледот на таблата со инструментите можете да ја менувате, на располагање ви се 12 дизајни, дури и бојата на позадината можете да ја менувате.
Има еден куп вакви и слични електронско дигитални ситници, но сигурно најдобро е да се вратиме на автомобилот, во делот кој живот значи, а тоа се уредите кои придонесуваат за поголема безбедност при возењето. Затоа Тојота направила чекор понапред во активната и пасивната безбедност.
Најпосакувана е изведбата со хибриден погон, 1,5 литарски турбо бензински мотор со нова менувачка кутија и диференцијал плус посилен мотор генератор. Вкупната силина на овој состав во себе има за 12 отсто повеќе силина, односно од старите 116 КС на 130 КС и максимален вртежен момент од 185 Нм, а претходно 141 Нм. Сето ова оди во прилог на купувачите кои отсега натаму ќе имаат засилен „јарис крос“, поубедлив.
Нови 18 инчни тркала, внатрешност со нови материјали, дигитални играчки од типот команди со мобилниот, гласовно издавање на соодветни наредби, поголеми екрани, некои од нив осетливи на допир, поголема силина, нови бои, односно целосно освежување за да може да биде уште посилен конкурент и да го задржи првото место во класата најпродаван компактен сув на континентов. По која цена!? Најдобро да се обратите кај увозникот.