Досега беше само „хајендер“ но, ете, тие од главниот оддел решиле да прават поголем „хајендер“ и еве го сега пред нас, „гранд хајлендер“ со поголеми димензии како што и самото име кажува. Новинарите и посетитeлите на Салонот за автомобили што неодамна се одржа во Чикаго, имаа можност да присуствуваат на светската премиера и да се уверат во напорите што ги прави Тојота со цел да им излезе во пресрет на купувачите. Сега има многу повеќе простор за патниците, но и трет ред седишта и плус има солиден простор во одделот за товар со зафатнина од 595 л. Со соборување на вториот и третиот ред седишта се добива простор од преголеми 2.275 литри. Велат има простор за седуммина и нивните седум патни торби. Гранд хајлендер е подолг за 16,5 см, повисок за 5,08 см и поширок за 5,8 см во однос на моделот „хајлендер“.
На тамошниот пазар, американскиот, се почитуваат големите возила. Тојота не измислила нешто ново, туку само снима и запишува што бара локалниот купувач, а потоа прави автомобил по нивна желба.
Засега „тојота гранд хајлендер“ се нуди со три погонски единици. Првиот е „чист“ бензински без помош од електричен погон, со вграден турбо компресор, потоа следи 2,5 литарскиот, исто така, бензински со хибридна технологија, а најснажниот има зафатнина од 2,4 литри, носи ознака „хибрид макс“ и располага со силина од 362 КС доволни возилото да го понесат од 0 до 100 км/ч за само 6,3 секунди.
Сите сакаат удобно семејно возило, а посебно се барани „сув“ возилата така што „хајлендерот“ во „гранд“ издание веднаш ќе најде купувачи на американскиот пазар. Не е познато што планира Тојота, дали е можно „гранд хајендер“ да го понуди и на овдешниов пазар. Според првичните најави почетната цена се „врти“ околу 40.000 евра.
Жарко Атанасоски