Тојотиниот модел „корола“, светски најпродаваниот и произведен во најмногу примероци, стаса за обновување. Можеби главните во Тојота избрзаа со потегот затоа што моделот ќе влезе во продажба на крајот од првото тромесечје во 2023 год. И повторно како што производителот сака да прави, секој подмодел од „королата“ ќе си има свој посебен белег. Засега сигурни се три изведби како и во досегашната генерација, комбилимузина, лимузина и караван. Малку поинакви светла за магла, малку поинаква маска, поинаков дизајн на алуминиумските тркала, неколку нови бои и завршуваме со „шминкањето“ на надворешниот дизајн. Одделот за патниците има нови материјали и нови бои, дигитална инструмент табла со 12,3 инчи дијагонала и новиот повеќе наменски уред чиј екран сега има дијагонала од 10,5 инчи. Сепак најголемата новост е батеријата – помала според димензиите, поседува поголем капацитет и полесна е за цели 18 килограми, „детаљ“ кој вреди да биде спомнат. Покрај батеријата мора да биде спомнат и уредот „т – мејт“ кој во себе содржи пакет од активни безбедносни помагала („тојота сејфти сенс“) кои се од голема корист за возачот и на сите други учесници во сообраќајот.
И за крај да ги спомнеме измените во моторите. хибридот со 1,8 литарски мотор сега има вкупно 140 КС или за 18 КС повеќе, односно 12 КС повеќе или вкупно 196 КС во хибридот со 2,0 литарски мотор. Цените ќе бидат објавени најверојатно некаде пред почетокот на продажбата, односно на почетокот од идната година.
Жарко Атанасоски