TOYOTA BZ 4X-ПРВО ЦЕЛОСНО ЕЛЕКТРИЧНО ВОЗИЛО

15/11/2021

Конструкторите и дизајнерите на Тојота одлучија првото целосно електрично возило да биде „сув“ (сув – спорт јутилити викл). Изборот на обликот воопшто не е случаен затоа што во денешно време „сув“ возилата се најпопуларни, најбарани и најбрзо продавани. Одговорот е едноставен, со новиот модел Тојота посакува успех и тоа 100 отсто.
Еден од најинтересните делови од ова возило е неговиот покрив со фотоволтаични ќелии кои ќе произведуваат електрична енергија и ќе ја дополнуваат батеријата. Годишно тој сончев покрив ќе овозможи бесплатно изминување на околу 1.800 километри. Затоа е потребно усовршување на сончевите панели за зголемување на бесплатните километри.
Првиот впечаток од официјалните фотографии е следниов – „бз 4 икс“ е многу блиску со обликот на моделот „рав 4“. Во новиов модел имаме малку од научно фантастичниот дизајн, не само однадвор, туку и внатре во одделот за патниците. Така и треба да биде, нови времиња, нови возила, нови облици.

Малку буни тоа што возилото има изведба и со погон само на предната оска, а во името стои „4 икс“. Збунувачки, исто така, е тоа што тој покрив со фотоволтаични ќелии се добива исклучиво со доплата, односно не е дел од сериската опрема. Или до крајни граници ќе ја искористуваме сончевата енергија, или воопшто нема да ја користиме. Сиот свет е завртен кон обновливите извори на енергија, а корисните нешта се нудат како дополнителна опрема, наместо да се сериски.

Батеријата, сместена во подот од возилото, всушност е дел од носечката каросерија и не одзема корисна зафатнина од одделот за патниците. Воедно штом е во дното од возилото тоа е добро за неговото тежиште и цврстината. Со едно полнење на батеријата возилото може да измине од 450 до 500 км во зависност од тоа дали погонот е на сите тркала или само на предната оска. По 10 години употреба или изминати 240.000 км, батеријата мора да покаже не 90 отсто, туку над 90 отсто способност за полнење.
„Тојота бз 4 икс“ е возило кое користи платформа наречена „е тнга“ направена во заедништво со Субару. Тука мора да го напоменеме и погонот на сите тркала со електронските помагала „икс моуд“ и „грип контрол“, во сопственост на Субару кој за првпат ќе биде вграден во едно Тојотино возило.

Новото семејно електрично возило располага со следниве димензии, должина 4,69 м, ширина 1,86 м и 1,65 м висина. Во таа зафатнина сместени се погонските единици кои ја задвижуваат само предната или двете оски. Изведбата со погон само на предните тркала поседува електромотор со 204 КС. Таа силина е доволна возилото да го понесе од 0 до 100 км/ч за 8,4 секунди, додека изведбата со погон на сите тркала со нејзините 217 КС забрзува од 0 до 100 км/ч за 7,7 секунди и постигнува крајна брзина од 160 км/ч. Првите примероци од „тојота бз 4 икс“ ќе стигнат во продажните салони следната година најдоцна до јуни.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.