Во име на „сув“ ерата, Тојота прави рокади во својата производна линија. Тие, да ги наречеме измени, продолжија и со најмалиот, „ајго“, претворајќи го во „ајго икс“, а тоа „икс“ во превод значело „крос“ или е кратенка за „крос“. Моделот „ајго“ е класична комбилумузина со многу успешен дизајн и сега Тојота „оди“ од еден во друг облик. Ваква иста рокада направи и Мерцедес со „а класата“, еднопросторниот модел го претвори во класична комбилимузина, а истото и Митсубиши го стори со моделот „спејстар“, но не толку драстично како што тоа го направија претходните две марки.
Новата генерација од најмалиот член во семејството е направена на нова платформа, односно ја има позајмено од новиот „јарис“, затоа сега „ајго“ е подолго за завидни 235 мм во однос на моделот во заминување. Неговата должина изнесува 3,7 м, ширината 1,74 м и висината 1.525 м, додека растојанието меѓу оските е 2,43 м. Сето тоа придонесува удобно да се сместат четири возрасни патници. Одделот за товар „пораснал за цели 63 литри, од 168 на 231 литар, но ако се склопи задната клупа, тогаш зафатнината го добива својот максимум од 829 литри. Поради изменетиот облик во новото „ајго“ седењето е малку повисоко, за 55 мм, отколку во претходниот модел. Генерално, „сув“ возилата нудат повисоко седење отколку во комбилимузините и лимузините.
На почетокот од производството Тојота нуди само една погонска единица, бензинска со три цилиндри во линија и работна зафатнина од еден литар, а развива 72 КС. Силината се пренесува на предните тркала преку петстепен обичен менувач, а во понудата има и автоматски „цвт“. Просечната потрошувачка на бензин е под пет литри или точно 4,7, односно 4,9 литри со „цвт“ менувачот.
Новиот „ајго“ е целосно развиван на континентов, на Азурниот Брег, во Ница каде се наоѓа развојниот дизајнерски центар на Тојота. Посебно конструираното возило, за толку посебниот и пребирлив европски пазар, е направено на основа од претходно претставениот концепт „ајго икс пролог“.
Ретко кој „сув“ нуди платнен покрив, но од Тојота велат дека и тоа е можно, што е голем плус за потенцијалните купувачи кои живеат во потоплите предели. Ако на ова го додадеме и аудио системот, особено озвучувањето правено во соработка со компанијата ЏБЛ, тогаш станува јасно дека ќе се слуша добра фанк музика.
Сега конкуренцијата („фиат панда крос“, „киа пиканто икс лајн“, „опел адам рокс“, „сузуки ињис“, „фолксваген крос ап“ итн.) нека ја мисли што да прави со „нападот“ од Далечниот Исток.
Производството се одвива во Чешка, но сега Тојота тргнува самостојно, не заедно со Пежо и Цитроен како што беше пред 15 години кога трите марки почнаа заеднички да развиваат типичен градски автомобил од сегментот „а“. Затоа Тојота мораше да го откупи остатокот од 50 отсто кој беше во сопственост на ПСА. Цената ќе биде објавена подоцна кога возилата ќе стасаат во продажните места, така вели производителот.