Тест Alfa Romeo Junior Ibrida Speciale 1.2 136 КС eDCT 6-ТЕМПЕРАМЕНТ ВО КОМПАКТНО СУВ ПАКУВАЊЕ

21/05/2025

СО ПРЕПОЗНАТЛИВИТЕ ДИЗАЈНЕРСКИ ЕЛЕМЕНТИ КОИ СЕ СВОЕВИДЕН ЗАШТИТЕН ЗНАК НА ALFA ROMEO И СОВРЕМЕНАТА ХИБРИДНА ТЕХНОЛОГИЈА, НОВИОТ МАЛ СУВ, JUNIOR ВЕТУВА НОВА ЕРА ЗА БРЕНДОТ, КАДЕ ШТО ТРАДИЦИЈАТА И ИДНИНАТА СОВРШЕНО СЕ НАДОПОЛНУВААТ

 

EМОЦИИТЕ НА ПРВО МЕСТО

Првиот впечаток што го остава Junior е беспрекорно обликуваниот преден дел, кој веднаш открива дека станува збор за вистинска Alfa Romeo. Централно поставената „Scudetto” маска на ладилникот, изведена во препознатлив стил, претставува еволуција на дизајнерскиот јазик на брендот. Дополнително, тенките LED групи со уникатен светлосен потпис одаваат омаж на легендарните модели, додавајќи доза на ретро елеганција во модерен контекст. Гледано од страна, Junior ги комбинира спортските пропорции на хечбек со самоуверениот став на СУВ возило. Издолжената хауба и наваленото ветробранско стакло создаваат силен впечаток на движење. Линиите што се протегаат од предниот до задниот дел се внимателно обликувани за да создадат чувство на непрекината динамика. Каросеријата има нагласени крила кои му даваат широк и стабилен став, додека црните заштитни облоги околу тркалата додаваат доза на робусност. Рачките на вратите се дискретно интегрирани во целината, предните се поставени ниско на вратите, додека задните се сокриени во Ц-столбот, потсетувајќи на модел 156. Тесттираниот модел доаѓа со фелни од 18 инчи, кои црпат инспирација од класичниот и препознатлив изглед за марката што делува визуелно многу впечатливо. Задниот дел создава слика како вистинска уметничка композиција, која е направена за да импресионира. Доминираат тенките, но експресивни ЛЕД задни светла со контури кои визуелно ја прошируваат силуетата на возилото, а во централниот дел од вратата од багажникот гордо стои натписот Alfa Romeo. Двојните издувни цевки се видливи со цел да се нагласи спортскиот дух на возилото. Задниот прозорец е динамично закосен, а спојлерот поставен на врвот ја закружува агресивна нота. Моделот Junior со својот надворешен изглед успева да ја спои италијанската елеганција со спортскиот дух, нудејќи дизајн кој е истовремено агресивен и софистициран.

ДИНАМИЧЕН ДУХ И МИЛАНСКА ЕЛЕГАНЦИЈА

Како што и се очекува од Alfa Romeo, ентериерот на Junior е фокусиран кон возачот, комбинирајќи спортска атмосфера со модерна технологија. Дизајнерите на брендот успеале да создадат кокпит што потсетува на славните спортски модели, но со иновативни решенија кои го прават секојдневното возење уживање. Штом се седне зад управувачот, веднаш станува јасно дека Junior е вистински претставник на брендот. Централната конзола и командите се насочени кон возачот, создавајќи чувство како да сте зад управувач на спортско купе. Инструмент-таблата го носи препознатливиот „Cannocchiale“ дизајн, вдлабнат дигитален дисплеј што го имитира изгледот на аналогните брзиномери од славните модели од минатото. Дигиталниот 10,25-инчен инструмент-кластер нуди различни режими на приказ, со можност за класичен изглед инспириран од традиционалните инструменти или модерна поставка со минималистички графики. Воланот е компактно обликуван, со рамен долен дел што додава тркачки дух во секојдневното возење, особено ако се земе предвид дека на позадината се сместени лопатки за менување брзини како уште еден потсетник на тркачкото наследство на брендот. На средината на контролната табла се наоѓа 10,25-инчниот мултимедијален екран, кој поддржува најнови инфозабавни технологии, вклучувајќи безжичен Apple CarPlay и Android Auto. Интерфејсот е брз и интуитивен, а графиката е дизајнирана да се вклопи во естетиката. Под мултимедијалниот дисплеј, физичките копчиња за клима уредот се поставени ергономски, со што се задржува класичното чувство на управување без потреба од пребарување низ менито на екранот. Централната конзола покрај копчето за стартување и малиот автоматски менувач содржи контролер за избор на режим на возење DNA (Dynamic, Natural, Advanced Efficiency), кој овозможува брзо прилагодување на карактеристиките на возилото. Тимот од Alfa Romeo се погрижил внатрешноста да биде комбинација на елеганција и функционалност. Седиштата се ергономски обликувани и нудат одлична странична потпора. Задниот ред седишта нуди пристоен простор за патниците, а благодарение на паметното обликување на каросеријата, просторот за главата и нозете е подобар од очекуваното за модел во оваа класа. Во компактна средина изведен е багажен простор со солидни габарити кој може да собере 415 литри. Внатрешноста на Junior е хармонична мешавина од спортски дух и италијанска елеганција. Секој детаљ е внимателно дизајниран за да го подобри искуството зад воланот, додека врвната технологија и возачки ориентираниот кокпит го прават овој модел вистински наследник на Alfa Romeo филозофијата, автомобили кои не само што изгледаат убаво, туку и предизвикуваат емоции.

 

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО

МОТОР: ТРИЦИЛИНДРИЧЕН
ТУРБО БЕНЗИНЕЦ
ЗАФАТНИНА: 1.199CM3
МОЌНОСТ НА ЕЛ. МОТОР: 28 КС при 750 врт/мин
ВКУПНА МОЌ НА ХИБРИДЕН
СИСТЕМ:
136 КС
ПРИ 5.500 ВРТ/МИН
КАПАЦИТЕТ НА БАТЕРИЈА: 0,89 KWH
МЕНУВАЧ: 6 СТЕПЕН АВТОМАТСКИ МЕНУВАЧ
ПОГОН: НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА
ПОТПИРАЊЕ НА ТРКАЛА: НАПРЕД: MC PHERSON
НАЗАД: ТОРЗИОНА ОСКА
СОПИРАЧКИ: НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ
НАЗАД: ДИСКОВИ
ГУМИ: НАПРЕД: 215/55 R18,
ПОЗАДИ: 215/55 R18
МАСА НА ВОЗИЛОТО: 1.305 КГ.
ДИМЕНЗИИ:
Д/Ш/В:
4173Х1781Х1539 ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД
0 ДО 100 КМ/Ч:
8,9 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА
ПОТРОШУВАЧКА:
5.2 Л/100 КМ
МАКСИМАЛНА
БРЗИНА:
206 КМ/Ч
ЦЕНА НА
ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ:
36.400 ЕВРА

СПОРТСКА ДУША ВО ХИБРИДНА ФОРМА

Моделот Junior Ibrida го комбинира најдоброто од двата света, динамиката и страста што се очекуваат од италијански спортски бренд, со ефикасноста и современата технологија на хибридниот погон. Оваа погонска конфигурација не само што обезбедува економично возење, туку и го задржува препознатливото „Alfa“ искуство зад воланот. Под предниот поклопец се наоѓа 1.2-литарски трицилиндарски турбобензински мотор, кој работи во синергија со 48 волтен благ хибриден систем (MHEV). Хибридниот погон користи електромотор со 28 КС и батерија со мала тежина, што овозможува електрична поддршка при забрзување, тргнување од место и маневрирање при ниски брзини. Склопот продуцира 136 КС и 230 Нм вртежен момент, а силата ја пренесува кон предната оска со одлично усогласен 6 брзински автоматски (DCT) менувач со двојна спојка, кој беспрекорно го користи балансот помеѓу ефикасност и динамика. Хибридната технологија на Junior Ibrida е дизајнирана да работи во неколку режими, овозможувајќи интелигентно искористување на електричната енергија со што овој систем значително ја намалува потрошувачката на гориво, која во нашиот случај во просек изнесуваше 6,5 л/100 км. без притоа да влијае на спортскиот карактер на возилото. И покрај тоа што Junior Ibrida е компактен СУВ, возењето е речиси на спортско ниво, благодарение на калибрираната шасија и прецизното управување. Инженерите на Alfa Romeo вложиле напор да го задржат препознатливото чувство без разлика дали се вози низ град или на отворен пат, карактеристично за модели на брендот кое обезбедува одлична повратна информација и агилност во свиоци. Суспензија со напредна геометрија овозможува стабилност при високи брзини и комфор при секојдневно возење. Спортскиот дух како суштински дел од карактерот му овозможува на Junior да се однесува далеку подинамично од конкуренцијата. Со моделот Junior, Alfa Romeo влегува во сегментот на компактни СУВ модели без притоа да ја жртвува својата страст за дизајн, спортскиот карактер и препознатливата возачка динамика, трите столба кои се своевиден заштитен знак на миланската марка уште од нејзиното основање во далечната 1910 година.

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.