При претставувањето на новиот модел „тоаго ев“, производителот Тата меѓу другото истакна дека ова возило во својата класа нема конкуренција во светот, затоа што ниту еден друг производител не нуди електричен автомобил од сегментот „б“ по цена од 10.000 долари. На континентов речиси и да нема автомобил за тие пари а не, пак, електричен. Некаде цените се покачени до невидени високи граници, а Тата е скромна и воедно сака да ја моторизира Индија. Тој ист потег во својата земја го направија Фиат и Ламборџини, првиот со автомобили, а вториот со земјоделски машини.
Не е првпат Тата да произведува светски најевтин автомобил. Сетете се на „тата нано“ (нешто слично на „даеву тико“) чиј основен модел се продаваше по цена од нецели 1.700 долари. Од сериска опрема застапени се: воздушни перничиња, автоматски клима уред, абс + ебд, четири звучници од марката Харман, задна камера итн.
„Тата тиаго ев“ велат ќе се продава само дома во Индија. Засега е така, а ќе видиме што носи времето. Од 10 овој месец Тата ќе започне да прима нарачки, а испораката е закажана за напролет следната година.
Возилото има погон на предната оска и во основниот модел е вградена 19,2 kWh батерија, додека во поскапата изведба батеријата е 24 kWh. Со првата батерија изминува 255 км, а со втората 315 км. Обете батерии можат да се полнат со супер брз полнач за време од 57 мин. Првата изведба има 61 КС, додека поснажната 75 КС.
Димензии 3.770 х 1.677 х 1.536, додека товарниот оддел поседува 240 литри. Од 0 до 60 км/ч потребни му се 5,7 секунди, а крајната брзина не е обелоденета. Озборувањата велат некаде околу 135 км/ч, што е повеќе од доволно. Гаранција три години или 125.000 км, а на електромоторот и батеријата осум години или 160.000 км.
Останува да видиме колку таа цена од 10.000 долари ќе се задржи на пазарот или како што велат некои ќе важи само за првите 10.000 купувачи. Времето ќе покаже.