МАРК МАРКЕЗ НАПРАВИ ГОЛЕМА ГРЕШКА НА ТРКАТА ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА АМЕРИКА И СО СВОЈОТ КИКС ИМ ОВОЗМОЖИ НА РИВАЛИТЕ ДА ГО ПРЕЗЕМАТ ВОДСТВОТО ВО ГЕНЕРАЛНИОТ ПЛАСМАН, НО ЗАТОА НА ДОМАШНОТО ГРАН ПРИ ВО ХЕРЕЗ ДЕ ЛА ФРОНТЕРА ИМАШЕ ПЕРФЕКТЕН ДЕН КОЈ ГО КРУНИСА СО ПОБЕДА. ДО ЛЕТНАТА ПАУЗА ИМА УШТЕ ПЕТ ТРКИ ВО КОИ РИВАЛИТЕ ПОЧНУВААТ РЕЧИСИ „ОД НУЛА“.
Актуелниот светски шампион во „кралската класа“ од Светското првенство во мотоциклизам, Марк Маркез, славеше на домашно тло во Херез и покажа дека грешката од Остин не оставила последици врз него, иако ја искомплицира ситуацијата на табелата. Тој уште на самиот старт ги мина Куартараро и Морбидели, а потоа од круг во круг ја зголемуваше предноста која стигна и до четири секунди. Возачите на таканаречениот „сателитски“ тим на Јамаха, за жал не успеаја да го комплетираат одличниот викенд со добар резултат на трката, бидејќи на Куартараро му откажа моторот, додека Морбидели ги истроши гумите и во последните 5 круга беше минат од главните фаворити за титулата.
На овој начин повторно на големата сцена заблеска Алекс Ринс од Сузуки, кој оствари уште еден фантастичен резултат по победата во Тексас, избоксувана во директен дуел со неговиот идол од детството, Валентино Роси. Третото место на пиедесталот го обезбеди вториот возач на фабричкиот тим на Јамаха, Маверик Вињалес, кој го доби директниот дуел до Андреа Довициозо. Италијанецот заврши четврти, а неговиот тимски колега Петручи беше петти, пред „Докторот“ Роси.
– Среќен сум за оваа победа, особено на начинот на кој ја остварив, а тоа ми беше целта. После падот во Тексас многумина почнаа да зборуваат за некаква слаба точка, за ова за она, но не ми беше грижа. Знаев што се случи во Остин и тоа ми даде самодоверба, бидејќи ја разбрав ситуацијата. Денеска сакав да победам со водство од почеток до крај, за да им покажам на луѓето, а и на ривалите, дека сум истиот Марк, со истата самодоверба, и дека се чувствувам одлично!
– Посилни сме отколку што бевме минатата година. Сезоната е долга, а предизвикот голем, но нештата одат во добра насока. Секако дека не сум комплетно среќен, бидејќи се надевав дека на една тешка патека како Херез, можам да се борам за подиумот. На крајот, сепак бев пребавен. Но, што се однесува до мене, можеме да се бориме, не сме далеку во борбата за титулата. Поголем проблем е Маркез, очигледно е дека е побрз. Ако не излеташе во Тексас, разликата ќе беше поголема. Но, сега сме само девет поени од него, но личи дека можеме да се бориме за подиуми и победи, но не треба да се заборави дека мошне силни сега се и Алекс Ринс од Сузуки и Андреа Довициозо со Дукати,- изјави Роси.
Трикратниот светски првак Хорхе Лоренцо си замина разочаран од домашното гран при изјавувајќи дека е тажен и загрижен. Сите негови титули беа освоени со Јамаха, но по разидувањето пред две сезони, тој мина две години во Дукати, а од оваа сезона е дел од шампионскиот тим на Репсол Хонда, каде што е директен ривал со Марк Маркез.
– Не можам да бидам задоволен со мојата трка, тоа не ме прави ентузијаст. Единствено можам да бидам тажен, разочаран и загрижен. Се разбира дека ќе продолжам, имаме мошне важен тест по трката во Херез, каде што ќе испробаме многу нешта кои треба да ни дадат дополнителна брзина. Ова е тешко време за мене, но мора да останам позитивен, бидејќи јас го имам само тој менталитет. Можете да видите од моето лице дека не сум среќен, бидејќи вложив сè во денешената трка, но сепак не можев да бидам побрз. Не ми се допаѓа ситуацијата, но јас сум шампион и шампионите продолжуваат да се борат сè додека не најдат решение. Јас ќе најдам решение,- порача Лоренцо по трката во Шпанија.
Со новата победа, Маркез се врати на врвот во генералниот пласман со 70 освоени бода, само еден повеќе од Ринс кој со двата добри резултати достави кандидатура во битката за титулата. Довициозо со 67 бода е трет, а Валентино Роси со 61 е на четвртата позиција. Во текот на мај и јуни следуваат неколку европски „класици“, трки со голема историја во Мото ГП, кои им се добро познати на претендентите за титулата: Ле Ман (Франција), Муџело (Италија), Барселона (Шпанија), Асен (Холандија) и Заксенринг (Германија), по што ќе уследи едномесечна летна пауза во првенството.
ШТО ПОДГОТВУВА ЈАМАХА ЗА 2019 ГОДИНА?
За време на неодамнешното шпанско гран при во мотоциклизам, една од многуте средби на возачите со своите фанови извади на виделина приказна која ќе ги разнежни срцата на сите. Патрисија го сретна Валентино Роси, но оваа средба всушност била „мамката“ за 28-годишната девојка да се мотивира низ долгата фаза на рехабилитацијата откако имала сообраќајна незгода во 2015 година. Таа со својот мотоцикл Сузуки, обоен во истите бои како клупските (на Јамаха) кои се препознатливи за „Докторот“, преживеала тешка повреда по која била во кома четири месеци, а потоа уште 16 месеци лежела во болница.
– Кога ја имав несреќата, имав 24 години. Не знам кога наполнив 25 бидејќи бев во кома. За мојот 26-ти роденден бев во болница и беше мошне чудно. Но, веќе на 27 години ја напуштив болницата,- раскажува Патрисија за „Мундо Депортиво“. Таа и претходно имала шанса да вози на патеката во Херез, денеска именувана како „Анхел Нието“, а познанството со еден вработен таму и овозможило да слушне утешни зборови за време на рехабилитацијата, кој и ветил средба со Роси веднаш штом ќе прооди.
– Кога немав веќе сила, кога имав кризни моменти, едноставно ќе си речев „Ќе се сретнеш со Валентино, ќе се сретнеш со Валентино“. Кога почнав да ги користам патериците за одење, направив видео и му го пратив на пријателот со порака: Јас сум готова, сега е ред на тебе! Нејзиниот пријател веднаш го информирал претседателот на фан-клубот на Валентино Роси, а тој му ја раскажал приказната на деветкратниот светски првак. Очекувано, тој ја поканил девојката од Кордоба да биде негова гостинка во Херез. Патрисија одблиску го запозна својот идол и го бодреше во битката за поени, бидејќи стартуваше од 13. место, а финишираше како шести, но сепак е само девет бода зад Маркез во борбата за титулата. Валентино ја угости во гаражата и на нејзино барање се потпиша на кацигата која и го спасила животот во несреќата, а која била во боите на Роси. Заклучок не е потребен, но оваа приказна за страдањата, напорната работа и инспирацијата едноставно ги разнежнува срцата и дава верба секому кој минал низ тешки животни циклуси.