ВОЗАЧОТ НА ДУКАТИ, ФРАНЧЕСКО „ПЕКО“ БАЊАЈА, ПО ВТОР ПАТ БЕШЕ ПРОГЛАСЕН ЗА СВЕТСКИ ШАМПИОН ВО МОТО ГП, ОТКАКО НЕГОВИОТ КОНКУРЕНТ ХОРХЕ МАРТИН ИМАШЕ СУДИР…
На последниот гран-при викенд во Валенсија, Бањаја пристигна со предност од 21 поен пред Мартин, но нештата се драматизираа откако во спринт трката Мартин ја однесе победата и освои 12 поени, додека актуелниот шампион финишираше како петти. Тоа го стави целиот акцент на главната трка во неделата, со која требаше да се дефинира конечниот изглед на табелата.
Математички гледано, на Пеко Бањаја му требаше пласман на петтото место за да ја одбрани титулата, но и покрај лошиот старт на викендот, тој имаше „одлична вест“ пред главната трка, бидејќи носителот на пол позицијата, Маверик Вињалес, беше казнет со три места поради техничките проблеми со неговиот мотор во текот на загревањето. На тој начин, Бањаја поведе во трката пред Мартин кој стартуваше како шести, но веднаш се избори за позиција зад директниот ривал.
Сепак, агресивниот пристап не му помогна на Мартин, бидејќи направи грешка во првиот свиок во третиот круг, поради што падна на осмото место и мораше да вложи нови напори за да проба да го достигне лидерот. Веќе три круга подоцна, борејќи се за петтата позиција со осумкратниот светски шампион, Марк Маркез, претендентот Хорхе Мартин направи нова непрецизност, овој пат во четвртиот свиок на патеката „Рикардо Тормо“, што резултираше со негов пад и елиминација како од трката, па така се создаде и разрешница во дуелот за шампионската титула.
Бањаја со победа го запечати новиот триумф, етаблирајќи се како прв возач на Дукати којшто освои две титули во низа низ целата седумдецениска историја на Светското првенство во мотоциклизам. Воедно, тој е првиот шампион со две титули во низа по успесите на Маркез, кои завршија во 2019 година, бидејќи во меѓувреме Жоан Мир со Сузуки и Фабио Куартараро со Јамаха освоија по еден шампионски наслов.
Се чувствувам добро, фантастично. Кога возиш со бројот 1, да бидеш втор во шампионатот е лош резултат. Не би бил среќен со второто место во првенството, бидејќи кога си шампион мора да демонстрираш зошто си „број 1“. Мислам дека направивме перфектна работа за да останеме шампиони. Во вториот дел од првенството, во поголем број пати бевме побрзи и конкурентни, особено кога се возеше главната трка којашто носи повеќе поени. Минатата сезона е нешто на што треба да бидеме мошне горди, но оваа сезона е уште повеќе од тоа, бидејќи повторно сме број 1 и покрај грешките, лошата среќа во некои ситуации, бидејќи сепак повторно ја освоивме титулата. Затоа мораме да бидеме горди. Минатата година влегов во последната трка со 23 поени предност, но иако имаше само една трка чувствував многу поголем притисок. Денеска имавме тотално различна ситуација и мислам дека направив голем чекор во задржувањето на присебноста и подоброто справување со ситуацијата. Тимот ми помогна да продолжам да учам од моите грешки, да разбирам и да се подобрам. Потребно е да се продолжи на овој начин, да се учи и да се подобрува, елаборираше Пеко Бањаја по задржување на шампонскиот трон. Конечниот пласман на трката беше определен од стјуардите, откако по многу перипетии, Фабио Ди Џанантонио стигна до второто место, стартувајќи како единаесетти, но беше казнет заради некоректен притисок во пневматиците, а со додавањето на дополнителни 3 секунди до неговиот резултат, тој падна на четвртото место. На тој начин, Јохан Зарко беше промовиран како второпласиран, а Бред Биндер на крајот го освои третото место, откако имаше големи осцилации во текот на трката, заменувајќи го за кратко Бањаја во водството, но губејќи го истото поради преширок излез од свиокот број 11 на половина од трката, при што загуби неколку позиции.
Губитник на денот сепак беше Хорхе Мартин, кој на крајот успеа да даде и одговор на повеќе прашања, а меѓу другото се осврна и на шпекулациите дека Дукати нема да го земе во фабричкиот тим откако го загуби дуелот со Бањаја.
Среќен сум во тимот на Прамак Дукати. Мислам дека дури и да победев денеска, немаше логика да се префрлам во фабричкиот тим, бидејќи кога победуваш со еден тим, тоа значи дека возиш за најдобриот тим. Искрено, сметам дека ако досега не сум го докажал својот потенцијал, тогаш никогаш нема да направам доволно за да ме земат во фабричкиот тим. Да се направи нешто повеќе од ова е навистина комплицирано, за да се бориш за титулата на последната трка и да завршиш втор, тоа значи дека ако не ме земат поради тоа, нема да ме земат поради ништо. Сакам да му честитам на Пеко, тој направи сè за да ја заслужи титулата и среќен сум за Дукати. За мене, денешниот ден е ден за плачење. Веќе го сторив тоа, и ќе се трудам што побргу да го заборавам. Но, во исто време, радосен сум што можам да прославувам нешто што е постигнато возејќи за мал сателитски тим. Испишавме историја и освоивме 13 победи, уште не знам колку подиуми и имавме безброј кругови во водство. Тоа е резултат за почит, а на почетокот на сезона целата ни беше да бидеме помеѓу првите тројца и горди сме што направивме повеќе од тоа. Кога ќе стигнеш толку блиску до освојување на титулата, не сакаш да ја загубиш, но мислам дека ние не ја загубивме титулата денеска. Имавме 21 поен помалку и тоа беше голем проблем. Но во втората половина од сезоната личеше како да сме најдобриот тим во шампионатот рече Хорхе Мартин.
Прамак Дукати е шампион во екипна конкуренција пред фабричкиот тим, во кој Бањаја остана без поддршката на Ениа Бастијанини поради негова повреда на стартот од сезоната. Дукати е убедливо прв меѓу конструкторите, додека зад нив се КТМ и Априлија, додека Јамаха и Хонда се најдоа на последните две позиции. Според календарот за 2024 година, новата сезона ќе започне на 10 март во Катар и ќе има 22 трки со традиционален финиш во Валенсија во втората половина на ноември.