Светско првенство во МОТО ГП – МАРКЕЗ НЕЗАПИРЛИВО ДО ОСМАТА СВЕТСКА ТИТУЛА

21/10/2019

ВРЗУВАЈЌИ ТРИ ПОБЕДИ ВО НИЗА НА ТРКИТЕ ВО САН МАРИНО, АРАГОН И ТАЈЛАНД, МАРК МАРКЕЗ ГИ ЕЛИМИНИРАШЕ ТЕОРЕТСКИТЕ ШАНСИ НА КОНКУРЕНТИТЕ ДА МУ ГИ ЗАМРСАТ СМЕТКИТЕ ПО ПРАШАЊЕ НА СВЕТСКАТА ТИТУЛА ЗА 2019 ГОДИНА.

 

Возачот на Репсол Хонда, Марк Маркез триумфираше на трката за Големата награда на Тајланд, а со тоа воедно ја обезбеди шестата титула во кралската класа или севкупно осма во неговата кариера.

Шпанецот до одбраната на титулата дојде затоа што на четири трки пред крајот има недостижна предност од 110 поени во однос на Андреа Довициозо од Дукати, кој, пак, на патеката Бирирам заврши на разочарувачката четврта позиција. Инаку за Маркез триумфот во Тајланд беше деветти во оваа сезона или вкупно 79-ти во кариерата, а до истиот дојде откако ја доби битката со Фабио Квартараро.

– Сите се обидоа да ме победат, не беше лесно. Низ текот на целиот викенд се обидував да победам, без разлика на титулата и разликата меѓу мене и Довициозо. Мојата цел беше да пронајдам начин за да дојдам до триумфот, а тоа го направив. Фабио беше многу брз во еден дел од трката, во еден дел и ја зголеми предноста, ама го стигнав. Ова беше неверојатна година, целиот тим заврши одлична работа. Сега е време да уживаме и да ја прославиме титулата, истакна Марк. Само два дена претходно, Шпанецот го имаше еден од најлошите падови во својата кариера, откако за време на првите петочни тренинзи во Тајланд ја загуби контролата над својата Хонда, по што за првпат се најде во ситуација да добива помош за да застане на нозе. Поради страшниот инцидент, светскиот шампион експресно беше пренесен во болница, а оттаму дојдоа позитивни вести за здравствената состојба на Маркез, кој воопшто не размислуваше одново да се качи на мотоциклот и да ги извози вторите тренинзи.

– Најмногу од сè ме боли грбот, имав болки во пршлените. Поради тоа отидов во болница, да ми направат детални прегледи. Останав без воздух. Не дишев пет секунди, но мене ми изгледаа како да се 20. Не станува збор за никаква по- вреда, на почетокот не знаев каде сум, но кога стигнав во болницата, знаев дека немам ништо скршено,- објаснува Маркез.

Ова е шеста титула во Мото ГП за младиот шпански мотоциклист кој има 26 години, или вкупно осма во сите мотоциклистички категории од стартот на својата блескава кариера. Со оглед на тоа што сега е на само една титула од седумте на Валентино Роси, легендарниот италијански возач експресно доби прашање поврзано за рекордите кои во иднина може да ги постави Шпанецот. Маркез беше крајно доминантен оваа сезона и навистина во овој момент не изгледа како некој би можел да го загрози во блиска иднина, па затоа и самиот Роси е свесен дека многу брзо Макрез може да го достигне, но и да го престигне на вечната листа.

– Она што го направи Маркез оваа сезона, неговата доминација е слична на она што јас го правев во моите најдобри денови, кога бев во најдобра форма. Победи многу трки, секогаш беше прв или втор. Затоа, може да се каже дека него- вата и мојата доминација се слични, рече Роси во својата пофална реч за ривалот кој не толку одамна беше негов голем обожавател. Сепак, ривалството на патеката го стори своето, особено кога Маркез премногу „се навали“ врз Роси во меѓусебниот дуел од 2015 година, со што го испровоцира Роси да го оттурне и да добие дисквалификација која што го чинеше титула.

– Мислам дека нема да му треба многу за да ме стигне. Ме вознемирува тоа што во мојата кариера, две или три титули загубив сам. Или поточно, две јас сам ги отфрлив, а една ми ја одземаа. Тоа се вкупно три, во таква ситуација, ќе му беше доста потешко да ме стигне, коментираше легендарниот „доктор“ Валентино.

Во финишот на 2019 година, Маркез влегува со 325 бода, Довициозо има 215, додека Шпанците Ринс и Вињалес имаат 167 односно 163 бода, по што следи италијанското дуо Петручи и Роси со 162 односно 145 бода. До крајот на сезоната претстојат уште четири трки, од кои три се слеани во гран при викенди кои се одржуваат еден по друг, па често ги нарекуваат и „турнеја на Далечниот Исток“. Тоа се јапонското, австралиското и малезиското гран при, а финалето на сезоната по традиција ќе биде во Валенсија, овој пат на 17 ноември. •

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.