Светско првенство во Мото ГП-БЕЦЕКИ И МАРТИН НАЈАВИЈА ДРАМАТИЧЕН ФИНИШ

13/10/2023

МАРКО БЕЦЕКИ УСПЕА ДА ИЗВОЈУВА ПОБЕДА НА ПРВАТА ТРКА ШТО МОТО ГП ЈА ОРГАНИЗИРАШЕ ВО ИНДИЈА, А ДОПОЛНИТЕЛНО ПОРАДИ ПАДОТ НА ГЛАВНИОТ РИВАЛ БАЊАЈА, СИТУАЦИЈАТА НА ВРВОТ ОД ТАБЕЛАТА Е БЛИСКУ ДО ИЗЕДНАЧЕНА

 

Настрана од последниот успех на Бецеки, Хорхе Мартин на последните трки (Барселона, Сан Марино и Индија) е возачот со најмногу освоени бодови  рамно 90. Освен во спринт трката на патеката Каталуња, на останатите пет настани (на секој гран при викенд се возат спринт трка во сабота и гран при трка во недела) тој беше на подиумот, од што три пати на првата позиција (два пати во Сан Марино, плус спринт трката во Индија).

За споредба, Бањаја на овие три трки нема ниту една победа, иако има четири пласмани на пиедесталот. На последното гран при во Индија, Бањаја имаше пад во неделната трка, па Бецеки и Мартин со освојување на првите две позиции му се доближија во генералниот пласман.

Возев ризично и го барав лимитот. Ризикот се состоеше во тоа што имав тврда предна гума. Сè уште не знаеме зошто на другите мотори од Дукати повеќе им одговараше медиум предна гума, но кај мене тоа не беше случај. Имав проблеми и многу пати ми блокираше. Во оваа ситуација имав проблеми кога ги притискав сопирачките, а настрана од тоа беше добро. Чувствував дека сум подобар отколку со медиум и бев на лимитот, но кога си во таква ситуација предолго време, можат да се случат разни нешта. Но тоа беше единствената можност што ја имав за да се борам против ривалите. Бецеки денеска беше непобедлив, но бевме тука некаде со Хорхе и кога успеав да го престигнам, не успеав да го подобрам својот ритам. Кога задната гума малку пролизга при сопирање во свиокот број 5, ме измести напред и ја загубив контролата. Тоа е нешто што може да се случи. Се разбира дека не сум среќен и мислам дека ова не треба да ми се случува бидејќи се борам за титулата. Ова е грешка што во овој момент не можам да си ја дозволам. Наша најсилна страна беше сопирањето, а во овој момент тоа беше слаба точка бидејќи не можев да го сопрам моторот без задниот дел да се занесе и искрено не разбираме зошто тоа се случува. Се надевам дека мојот тим ќе направи сè што треба пред трката во Јапонија, рече Франческо „Пеко“ Бањаја за својот пад во Индија.

Говорејќи за тоа како го пронашол вистинскиот рецепт за победа во инаугуративното мотоциклистичко гран при во Индија, Марко Бецеки посочи дека најмногу се усовршил анализирајќи ги своите грешки направени на петочните тренинзи, кога повеќе пати имал проблеми да ја најде идеалната линија низ првиот свиок.

Се фокусирав на сопирачките бидејќи оваа патека беше тешка за нив. Беше тешко да се сопре моторот, предниот дел едноставно блокираше. Морав да се фокусирам на тоа бидејќи во нормални околности Пеко и Хорхе прават разлика во тој дел од трката на речиси секоја патека. На петочните тренинзи имав повеќе грешки каде што или продолжував прешироко или излетував, настојувајќи да го барам лимитот. Откако успеав да го најдам, бев во состојба да одам чекор понатаму и да бидам многу брз. Веќе во саботата имав неверојатно чувство и видов дека тоа прави убава разлика во однос на останатите, но Хорхе беше импресивен. Не беше лесно, но кога ќе победиш секогаш е убаво, особено со предност од неколку секунди, па не можам да се пожалам, изјави победникот Бецеки.

Од своја страна, Хорхе Мартин ги откажа обврските кон медиумите по трката наведувајќи дека последните осум круга од трката ги возел дехидриран, што беше пренесено во соопштението кое го дистрибуираше неговиот тим Прамак Дукати.

Мора да ми верувате кога велам дека дадов 100% од себе. Бев дехидриран со осум круга до крајот, па навистина ми беше тешко да ја завршам трката. И покрај тоа успеав да одржам добар ритам, но во последниот круг направив грешка. Отидов прешироко и ме престигнаа. Но, успеав да возвратам и навистина сум среќен за ова второ место. Успеав да надополнам важна разлика во поените од генералниот пласман и мислам дека треба да продолжиме на овој начин, со истиот менталитет како кога дојдовме тука: обидувајќи се да победиме, да бидеме најбрзи на сите сесии, бидејќи само така се намалува разликата,  се вели во соопштението на тимот, за кој ова беше јубилеен 50-ти пиедестал во Мото ГП.

Користејќи го малерот на Бањаја, на подиумот во Индија се појави и едно познато, но подзаборавено лице. Шампионот од 2021 година, Фабио Квартараро стигна до шестото место во саботната спринт трка, но во неделното гран при беше трет, што е втор негов таков резултат оваа година. Возачот на Јамаха успеа да му се доближи на Хорхе Мартин во последната етапа од трката, а кога Шпанецот поради проблеми со топлината и дехидрираност отиде прешироко во свиокот број 4, Квартараро за момент го презеде второто место, но на крај сепак заврши зад Мартин.

Да бидам искрен, кога ме престигна меѓу свиоците 5 и 6, увидов дека контактот со подлогата што го имав од левата страна на асфалтот беше послаб и не можев да направам ништо. И сопирачките, исто така, не ми беа најдобри и не можев да имам најдобра контрола. Завршив на трето место, но јасно ни е каде точно губиме многу време на оваа патека: во забрзувањето, крајната брзина, како и контактот со подлогата. Мора да работиме напорно за да можеме да им парираме на овие момци. Беше фрустрирачки тоа што Мартин потоа успеа да мепрестигне, но иако се трудев тој имаше подобар контакт со подлогата. Генерално ова беше добар викенд за нас особено во квалификациите. Се надевам дека ќе имаме уште вакви оваа сезона, но мора да бидеме итри и кога ќе имаме вакви мали шанси да направиме резултат, тогаш да ги искористиме, објасни Французинот од тимот на Јамаха. Квартараро сепак е премногу далеку од борбата за титулата каде што Бањаја води со 292 поени, Мартин има 279 поени, а Бецеки е зад него со 248 поени.

КАЛЕНДАР ЗА 2024 ГОДИНА

Редоследот на трките за идната сезона сега е официјално соопштен и повторно го има катарското гран при како прво во сезоната. Оваа патека, која што беше домаќин на првата трка под рефлектори, беше во фаза на изведување надградби за да може да биде домаќин на Формула 1 кон крајот на оваа година. Иако Мото ГП ќе се вози таму во ноември 2023, стартот на сезоната повторно ќе биде на оваа локација на 10- ти март. Останатиот дел од календарот е со иста конструкција како за оваа година, со тоа што откажаната Голема награда на Казахстан сега е позиционирана за 16-ти јуни, а по паузата во 2022, Арагон продолжува да биде домаќин на четвртата трка во Шпанија по оние во Херез, Барселона и Валенсија. Со вкупно 22 трки сезоната е предвидена да заврши на 17-ти ноември, а притоа да има 11 трки кои се поклопуваат во ист викенд со Формула 1.

10.03.2024 ГН Катар, Лосаил

24.03.2024 ГН Португалија, Алгарве

07.04.2024 ГН Аргентина, Рио Хондо

14.04.2024 ГН Америка, Тексас

28.04.2024 ГН Шпанија, Херез

12.05.2024 ГН Франција, Ле Ман

26.05.2024 ГН Каталонија, Барселона

02.06.2024 ГН Италија, Муџело

16.06.2024 ГН Казахстан, Сокол

30.06.2024 ГН Холандија, Асен

07.07.2024 ГН Германија, Заксенринг

04.08.2024 ГН В. Британија, Силверстоун

18.08.2024 ГН Австрија, Шпилберг

01.09.2024 ГН Арагон, Арагон

08.09.2024 ГН Сан Марино, Мизано

22.09.2024 ГН Индија, Буд

29.09.2024 ГН Индинезија, Мандалика

06.09.2024 ГН Јапонија, Мотеги

20.10.2024 ГН Австралија, Филип Ајленд

27.10.2024 ГН Тајланд, Бурирам

03.11.2024 ГН Малезија, Сепанг

17.11.2024 ГН Валенсија, Рикардо Тормо

До крајот на сезоната има седум трки, од кои четири во октомври (Јапонија, Индонезија, Австралија и Тајланд), додека во ноември се возат последните три (Малезија, Катар, Валенсија).

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.