НОВАТА СЕЗОНА НА ФОРМУЛА Е ДОЈДЕ НЕШТО ПОДОЦНА ОТКОЛКУ ПРЕТХОДНИТЕ СЕЗОНИ, НО СЕПАК СЕ ОДРЖА СО ДВЕ ТРКИ ВО ЕДЕН ВИКЕНД ВОЗЕНИ ВО ДИРИЈА, САУДИСКА АРАБИЈА.
Иако имаше многу логистички проблеми околу патувањата, особено на оние кои се жители на Велика Британија, поради појавата на новиот тип на Ковид-19, првиот гран при викенд од Светското првенство во Формула Е сепак се случи и донесе двајца различни победници.
Но, деталната приказна е нешто поинаква: уште на првите тренинзи во новата сезона голема снаодливост покажаа од лани неупадливиот тим на Мерцедес, па така Холанѓанецот Ник Де Вријс ги изненади сите правејќи разлика поголема од половина секунда во однос на другите девет од првата десетка, кои, пак, беа во интервал на задоцнување од 6 до 9 десетинки! Неговото почетно време од 1:08.693 во втората тренинг сесија беше подобрено и изнесуваше 1:08.583, а во тие услови најмногу успеа да се доближи тимскиот колега Стофел Вандорн, кој беше нецели две десетинки побавен, по што следеа уште тројца ривали во интервалот од следните две десетинки. Во официјалните квалификации Ник Де Вријс и Мерцедес ја потврдија својата доминација и во последната фаза кога за стартните позиции се борат само најдобрите шест, извозе ново фантастично време из возено со 1:08.157. Само двајца пилоти успеаја да одржат растојание во истата секунда: Германецот Паскал Верлајн со Порше и неговиот сонародник Рене Раст од Ауди.
По ваквото шоу мошне очекувано дојде и победата во трката која беше прва што е возена во ноќни услови во Формула Е. Триумфот на возачот на Мерцедес беше извојуван со перфектен старт и одбранета при двата периоди на аплицирање на возилото за безбедност, под голем притисок за можно трошење на енергетските ресурси поради таквиот стил. На крајот, Де Вријс успеа да владее со ситуацијата и тоа му донесе вкупно 29 бода (заедно со оние за пол позиција). Трката имаше два прекина, еднаш поради сударот на Сем Бирд со Александар Лин, и уште еднаш поради излетувањето на Максимилијан Гунтер.
– Ние сме тука да победиме и тоа е нашата цел, она кон што стремиме. Од таа перспектива, ова не е изненадување. Но, свесни сме за проблемите и колку е тежок овој шампионат. На некој начин, изненадени сме што имавме волку силен ден, од почеток до крај. Трката беше тешка за да ја мапираме потрошувачката, не знаевме која брзина ќе ни треба. Тоа имаше влијание врз дистрибуцијата на енергијата во тие 45 минути, но имавме добра комуникација и се справивме со двете излегувања на возилото за безбедност. Во овој момент сум задоволен со болидот, можеби не ни беше најјасно што правиме со потрошувачката, но на крајот направивме промени и останавме сталожени,- рече Де Вријс по трката.
Едоардо Мортара и Мич Еванс се најдоа на подиумот откако во трка успеаја да ги престигнат Германците Верлајн и Раст. Возачот на Ауди, Рене Раст, го имаше најбрзиот круг во трката со време 1:09.655, што му донесе еден дополнителен бод. Она што најмногу изненади, беше фактот дека актуелните бранители на тронот, екипата Течита и возачите Антонио Феликс да Коста и Жан Ерик Верње, беа сосема незабележителни.
Втората трка се возеше следниот ден и на големо изненадување „преку ноќ“ извонредно конкурентни на тренинг сесијата станаа возачите на екипата Вирџин, Робин Фријнс и Ник Касиди, кои го освоија првото и третото место, додека победникот Де Врис беше втор со задоцнување поголемо од една десетинка. Овој пат првата десетка на возачи беше изедначена во половина секунда, но на крајот од сесијата следеше драма. Едоардо Мортара кој имаше шесто време, по истекот на официјалното време од тренингот, на патот кон боксот реши да направи пробен старт, но тој потоа се удри во оградата на свиокот број 18, поради што организаторите на двајцата возачи на Вирџин, како и на двајцата возачи на Мерцедес (кои го снабдуваат Вирџин), не им дозволи да учествуваат во квалификациите. Мортара беше префрлен во болница, но бил во свесна состојба, и бил способен да зборува и да ги мрда рацете и нозете според извештаите на акредитираните медиуми.
Возачот на Ауди, Даниел Абт, ја искористи можноста да потсети дека и самиот имал сличен судир во Мексико и побара од ФИА да реагира и да спречи секаква можност болидите да можат да забрзуваат сами од себе, без желба на возачот. Подоцна, Вирџин објави дека нивната истрага покажала дека откажале сопирачките, иако Мортара ги притиснал, а дека станува збор за софтверска грешка!
Во квалификациите Робин Фријнс го искористи отсуството на Де Вријс и го симна времето на пол позицијата на 1:07.810, а потоа колегите од првата десетка беа повторно набиени во интервал на задоцнување од 5 до 8 десетинки. Во борбата на шестемина најбрзи, Робин Фријнс ја освои суперпол позицијата при што убедливо издоминира со време 1:07.882, а зад него се најде Бразилецот Серхио Камара во болидот на Пенске, кој задоцни нецели три десетинки. Во првата шесторка беа уште Сем Бирд, Оливие Турвеј, Том Бломквист и Нико Мулер.
Ваквиот распоред продуцираше интересна трка, во којашто на крајот победата ја однесе Сем Бирд со болидот на Јагуар, откако на стартот го престигна Камара, по што успеа да одржи чекор со водечкиот во првата половина од трката. Потоа почнаа предизвикувањата и излегувањата не едниот возач пред другиот, за во 21 круг Фријнс да објави преку тимското радио дека мора да штеди енергија, по што неговите перформанси опаднаа и Бирд се најде на првото место. За да биде приказната уште поинтересна се погрижи актуелниот шампион Антонио Феликс Да Коста, кој стартуваше како десетти, но по четириесет минути во трка изби на третото место со задоцнување од 6,9 секунди зад победникот. На финишот му кумуваше уште еден инцидент, при што овој пат Александар Лин и Мич Еванс се судрија во 23 круг (Лин прелета над болидот на Јагуар), по што трката беше стопирана и бодовите беа доделени согласно дадените позиции во моментот на прекин. Александар Лин беше транспортиран во болница, но неговата состојба не беше критична во ниеден момент.
– Навистина е задоволство да се тркаш против некој како Робин, кој е светска класа, но во исто време е фер и дава доволно простор за да можеме да се тркаме. Мислам дека обајцата возевме итро, не загубивме време еден со друг. Не се гребнавме, не се допревме, ова беше навистина фина, добра трка,- изјави Бирд.
ФИА дозволи во трката да стартуваат и возачите на Мерцедес и на Вирџин, откако беше објавено дека проблемот со сопирачките е надминат. Со фантастичен камбек Ник Де Вријс, кој иако стартуваше меѓу последните стигна до деветтото место што му носи три бода, но освои и дополнителен поен за најбрзиот круг во трката кој изнесуваше 1:08.811. Со тоа на конечната табела Де Вријс е прв со 32 бода, додека Бирд има 25, а Фријнс 22. Сепак, дел од добро познатите фаворити се веднаш зад нив и остануваат во трка за победничките позиции: Мортара со 18, како и Да Коста и Еванс кои имаат по 15 бода. По трката, откако стана јасно дека почетокот најподготвени го дочекаа во екипите на Мерцедес, Порше и Ауди, од страна на тимот БМВ Андрети беше посочено дека имале проблеми со брзината во еден круг и не можеле да ја подобрат конкурентноста во клучните моменти.
– Видливо е дека не сме брзи во еден круг, тоа е нешто што мораме да го разбереме. Квалификациите се клуч за сите тркачки серии, особено кога се тркате низ градски улици. Јасно е дека тоа е мошне важно и дека треба да се фокусираме на тоа. Имаме подобра брзина во трка, можеби не сме најсилни, но секако сме конкурентни,- рече возачот Максимилијан Гунтер.
Најавено е дека сезоната ќе продолжи на 10 април со трката во вечниот град Рим, по што треба да уследи една од ретките трки што ќе се возат на класичен автодром, за големата награда на Валенсија закажана за 24 април на патеката „Рикардо Тормо“, којашто е дом и на мотоциклистичкото гран при во овој град. Сепак, поради потребата за следење на пандемијата со ковид 19, светскиот совет за мотоспорт на ФИА дополнително ќе одлучува за изгледот на календарот поради потребата да се согледаат проблеми при патувањата во различни земји и рестрикциите кои се на сила. Од страна на организаторите е објавено дека Холандија поднела кандидатура за организација на трка, која е поддржана од повеќе министри во владата на оваа земја кои упатиле писмо до менаџментот на Формула Е, но не е специфицирано дали тоа се однесува на оваа сезона или на идните.
ВОЗАЧИТЕ БАРААТ ПРОМЕНИ ВО ПРАВИЛАТА
Квалификацискиот формат на Формула Е бара од возачите оние кои се првопласирани на табелата (првите шестмина) да излезат како први на патеката. Ова правило е загатнато со желбата за креирање интересни трки, но во недостаток на други правила со кои би се регулирале квалификациите, возачите од првата шесторка знаат да го „злоупотребат“ и да чекаат сесијата да измине, па да остават малку време за нивните ривали да ги искористат предностите. Тоа е особено видливо во ситуации кога има променливи временски услови, па никој не излегува на патеката, а официјалното време тече. Тоа не оди во прилог ниту на телевизиските преноси, па затоа потоа е воведена таканаречената „супер-пол позиција“ односно втора квалификациска сесија на шестмината најбрзи во првата. Во Саудиска Арабија, Мич Еванс го нападна возачот на Нисан, Оливие Роланд дека во квалификациите за втората трка бил намерно бавен, што возачот на Ауди, Рене Раст, не можел да стигне да излезе на патеката во дозволеното време. Во своја одбрана, Роланд даде контра предлог. – Понекогаш е премногу екстремно. Сфаќам дека сакаат да направат интересни трки, но од возачки аспект е поинаку. Доколку квалификациите почнуваат веднаш по вториот тренинг, би било полесно и патеката би била во добра состојба за првата шесторка,- смета Роланд. Тимскиот шеф на Јагуар, Џејмс Баркли, изјави дека ривалите не секогаш играат чесно, и посочи пример од трката во Мара- кеш пред 12 месеци, кога тие не можеле да го испратат Мич Еванс на патеката. – Тоа беше професионален фаул во суштина! Задржувањето на возачите е нешто што мора да биде санкционирано. Потребно е да има фер и спортски односи. Да се контролира брзината до момент кога твојот ривал не е во можност да излезе од бокс, за мене е надвор од дозволеното,- вели Баркли. Претходно, оваа тркачка серија наместо квалификации имаше лотарија и извлекување на стартните позиции, а новиот систем стапи на сила пред две години, во сезоната 2018/2019. Слични барања за промени има и по прашањето на користењето на пневматиците, при што досега во една трка беа дозволени по два комплета гуми (четири предни и четири задни), а од 2021 година тоа се сведува на еден и пол комплет (три предни и три задни), освен кога се возат по две трки и тогаш останува формулата 4+4. Во план е од 2023 година да се употребува формула со по еден сет гуми за една цела трка. Победникот Сем Бирд, кој во првата трка имаше незгода, изјави дека со планираните правила, тркањето ќе биде невозможно. Поддршка му изрази и Жан Ерик Верње од ривалскиот тим Течита. – Навистина не знам зошто го имаме тоа правило. Навистина се случува да имаме малер и да ни се дупне гуме уште на загревање. Правилото е така напишано и испаѓа дека е малку лотарија,- рече Французинот.