Светско првенство во Формула Е-СЕЗОНА СО НОВИ РЕПЕРИ

09/02/2023

ИАКО ОФИЦИЈАЛНО СЕ ВОЗИ КАКО ДЕВЕТТА СЕЗОНА, ГОДИНЕШНОТО ИЗДАНИЕ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ФОРМУЛА E МОЖЕ ДА СЕ ТРЕТИРА КАКО СВОЕВИДЕН НОВ ПОЧЕТОК, ОЗНАЧЕН СО ИНАУГУРАЦИЈА НА НОВИТЕ ТЕХНИЧКИ ПРАВИЛА ЗА КОНСТРУКЦИЈА НА БОЛИДИ ОД ТАКАНАРЕЧЕНАТА „ГЕНЕРАЦИЈА 3“

 

ФИА го призна статусот на светско првенство за Формула Е пред две години, кога започна седмата сезона, на тој начин ратификувајќи го прогресот направен со промоција на своевремено футуристичката концепција за болиди на електричен погон. Воведувањето на новитети за подготовката на болидите сега има поинаква тежина, затоа што како официјално светско натпреварување ја има поддршката на ФИА, што пак е своевидна гаранција за фер плеј и владеење на правото подеднакво за сите (иако и досега немало никакви проблеми по тој основ).

Стартот на сезоната може да се оцени како мошне хаотичен, но поради сосема други причини: дел од тимовите учесници во претходните изданија решија да се повлечат, а меѓу нив се најдоа Мерцедес, БМВ и Ауди. Тоа доведе до нови позиционирања на останатите производители, како и приватни тимови, бидејќи соработката преку Формула Е дојде до крајот. Така, Мерцедес го продаде својот тим на Мекларен кој, пак, за првпат влегува во ова првенство, а отсега ќе биде корисник на технологијата што ќе ја произведува Нисан. Но, тоа не значи дека Нисан ќе се потпира само на нив, туку комплетно го презема тимот Е-Дамс, со кој досега имаа взаемна соработка и де факто за првпат ќе има сопствен тим. Досегашниот приватен тим во сопственост на познатото тркачко семејство Андрети, по повлекувањето на БМВ, продолжува да ги користи нивните досегашни технологии, но со нов спонзор. Екипата АБТ, која соработуваше со Ауди, во сезоната 2022/23 година ќе биде партнер со друг тркачки бренд – Купра кој, исто така, е дел од групацијата Фолксваген, но овој пат ќе се користи технологија од индиската компанија Махиндра (која се натпреварува со свој тим). Но, иако многубројни и важни, овие промени не се единствените, бидејќи се случи и раскин на уште едно долгогодишно партнерство меѓу автомобилскиот бренд ДС (сопственост на Ситроен) кој, наместо со приватниот тим на Течита, отсега ќе соработува со американскиот тркачки тим Пенске. Од друга страна, Масерати се одлучи да се активира на спортските патеки за првпат по пауза од 70 години, кога се повлече од Формула 1.

Возачките трансфери се посебно поглавје, бидејќи и нив ги имаше многу во периодот меѓу две сезони, но „главни“ се неколку од нив. Со продажбата на Мерцедес, шампионот Стофел Вандорн премина во ДС Пенске, додека Жан Ерик Верне иако на хартија е „староседелец“ во ДС, поради промената на тимот во пракса, исто така, ќе има „нов почеток“. Ник де Вријс (екс Мерцедес) доби шанса да ја продолжи кариерата во Формула 1 со Алфа Таури, додека Антонио Феликс да Коста потпиша за ТАГ Порше.

По вака согледаниот нов распоред, не е чудно дека оние возачи кои останаа во своите досегашни екипи, на некој начин имаа мала предност во приспособувањето за новата сезона. Јагуар ја задржа досегашната постава со Мич Еванс и Сем Брд, додека Паскал Верлен остана во Порше, а Џејк Денис во Андрети. Првите тренинзи на отворањето на сезоната во Мексико го издвоија Верлен како еден од фаворитите, но сепак и Верње, и Денис, па и Вандорн, успеаја да се одржат меѓу првите во текот на тренинг сесиите.

КОИ СЕ РАЗЛИКИТЕ ВО БОЛИДИТЕ ОД „ТРЕТА ГЕНЕРАЦИЈА“?

Иако е јасно дека по осум години унапредување болидите и агрегатите на Формула Е се унапредени, убаво е да се објасни колку навистина напреднале и во кои сегменти. Така, ако на почетокот во 2014 година располагале со енергија од 200 киловати, сега имаат 350 киловати или 75% повеќе. Околу 40% од енергијата доаѓа од обновливи извори (преку трансформирање) на топлинската енергија што се ослободува низ сопирачките, а нејзиниот збир во една трка е приближно 6 пати поголем отколку на почетокот. Максималната брзина од 320 километри на час е поголема за 95 км/ч отколку во 2014 година и со тоа Формула Е станува втората најбрза серија на светот. Технологијата што се развива во Формула Е се смета за една од најрелевантните кои се преземаат во автомобилската индустрија, а со тоа се дава поддршка на борбата со климатските промени. Пред осум години, светот имал половина милион електрични возила, а денес ги има околу 6 милиони повеќе од тогаш. Напредокот е видив и кај нив: Нисан соопшти дека во моделот „Лиф“ акумулаторот го зголемил капацитетот речиси за три пати, од 22 на 62 киловати, а бројот на поминати километри со едно полнење на акумулаторот е зголемен од 135 на 384 километри.

Согласно правилата, сите 22 возачи беа поделени во две групи (А и Б), па првите четири од двете групи продолжија во следната фаза на меѓусебни елиминации. Меѓу најдобрите осум, само Андрети имаше двајца возачи (по еден во секоја група), а воедно Џејк Денис го имаше најбрзото време од 1:13.074. Тој потоа го подобри тоа време возејќи 1:12.595 во „полуфиналниот дуел“ со Џејк Хјуџ од Мекларен, но во финалето сензација приреди ветеранот Лукас ди Граси како најбрз од другата група. Тој во два дуела едноподруго ги елиминираше двајцата возачи на Андрети, Лотерер и Денис, иако работата му беше олеснета со тоа што тие не извозеа на исто ниво, односно имаа ситни грешки, а со тоа ја освои пол позицијата вредна 3 бода.

Сепак, Џејк Денис иако стартуваше втор, се најде во водство веќе по 12 круга од трката, користејќи мала невнимателност на Бразилецот и веднаш почна да се одвојува и да прави предност. Аплицирањето на возилото за безбедност ја „збриша“ таа предност, но во рестартот Денис повторно се одвои, а Лукас ди Граси беше достигнат и престигнат од Верлен.

Мислам дека ова е мојата најдобра победа во Формула Е, а воедно прва за мене во Мексико и прва со болидите од „генерација 3“. Поради сето тоа сум многу среќен, не го очекував тоа навистина. Сега сум многу самоуверен отколку пред овој викенд. Бевме меѓу најбавните на тестирањето во Валенсија, а тука иако со потешкотии, успеавме да ги свртиме нештата. Променивме неколку работи, па личи дека тоа ни одговараше и се надевам дека ќе ни биде од помош за следната трка во Саудиска Арабија. Нема да има многу време дотогаш и не очекувам другите да направат некој напредок со развојот, барем не во првите четири трки. Потоа ќе биде интересно да се види кој ќе успее да се развие најмногу,- изјави победникот Џејк Денис.

Никој не знаеше каква трка ќе имаме денес, бидејќи сè уште имаме половина од дозволените денови за тестирање. Ја добивме машинеријата прилично доцна и не бевме сосема убедени во своите перформанси. Во болидот имаме голем потенцијал и едноставно не очекував да бидам овде, со болидот на Порше до нас. Во квалификациите, мислам дека Џејк беше побрз, но направи грешка. Во трката, јас имав проблеми да се справам со енергијата. Некаде кон средината, не можев да возам во заветрина и болидот беше тежок за возење. Кога беа истакнати жолтите знамиња успеав да заштедам енергија и среќен сум дека сум на подиумот во оваа прва трка,- објасни Лукас ди Граси. Следниот гран при викенд ќе се вози во Дирија, Саудиска Арабија, во последниот викенд од јануари. Специфика е што таму ќе се возат две трки, а само две недели потоа е трката во Хидерабад, Индија. На 25 март карванот се сели во Бразил, по што следи микс од европски, па азиски трки, за на крај последните пет да бидат во САД, Италија и Велика Британија.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.