ПОСЛЕДНИТЕ ТРИ ТРКИ СО ТРИ РАЗЛИЧНИ ПОБЕДНИЦИ ДОДАДОА ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРИТИСОК ВО ОПШТАТА ТЕНЗИЈА НА ВРВОТ ОД ТАБЕЛАТА КАДЕ ШТО ЧЕТИРИ ВОЗАЧИ СЕ ГЛАВНИ ФАВОРИТИ ЗА ТИТУЛАТА, А УШТЕ НЕКОЛКУМИНА ЧЕКААТ ОД ПОЗАДИНА
По одличните резултати во Германија и Индонезија, Едоардо Мортара направи уште еден триумф на трката во Мароко, освојувајќи го првото место на патеката во Маракеш. На ова претходеше голема борба со возачите на Течита, Антонио Феликс да Коста и Жан Ерик Верње. Имено, Да Коста го доби квалификацискиот дуел и со Верње и со Мортара, па стартуваше од пол позицијата, но швајцарскиот возач покажа подобри перформанси во трката и ја однесе победата.
На крајот, Антонио Феликс да Коста заврши втор, а Мич Еванс со Јагуар на крајот се проби на третото место пред Верње. Лидерот во генералниот пласман, Стофел Вандорн беше осми, па на тој начин ситуацијата на врвот стана уште позатегната. Мортара го презема првото место на табелата, но не за долго!
Веќе следниот гран при викенд во Њујорк, донесе две трки, во кои најдобрите од Мароко „никаде ги немаше“, а Стофел Вандорн со уште тројца други возачи го имаше главниот збор во борбата за позиции на првата трка. Вандорн го совлада во квалификацискиот полуфинален дуел поранешниот шампион и тимски колега на Мортара, Лукас ди Граси, за во финалето на квалификациите да се сретне со Ник Касиди кој беше подобар од Паскал Верлен. Касиди во финалниот дуел го постави најбрзото време од 1:09.980 и со предност од само осум илјадити делови од секундата се најде на првата стартна позиција.
Тоа се покажа како пресудно, бидејќи главно обележје на трката беше силниот дожд што „се истури“ врз патеката во Бруклин, па трката беше прекината по еден голем инцидент во кој беше инволвирана и водечката тројка. Имено, Касиди ја поведе трката, а Вандорн падна зад Лукас ди Граси и Роберт Фријнс, а кога по 29 круга се случи големиот инцидент, стјуардите предвреме го прекинаа натпреварот и ја прогласија ситуацијата на крајот од последно извозениот круг како конечен пласман.
– Победата не се случи на начин на кој што посакував, но сепак ќе ја присвојам. Некои викенди ништо не работеше како што треба, а овој пат се беше поинаку. Тешко е да се управува со стратегијата во вакви трки, особено кога си водечки. Но имавме добар ритам и направивме интересна трка. Лукас, Робин и Стофел беа многу брзи и борбата меѓу нас беше интересна. Беше забавно додека беше само малку лизгаво, но потоа стана неподносливо,- рече победникот Ник Касиди.
Второпласираниот Лукас ди Граси рече дека малку пред инцидентот се пожалил преку радио врската дека веќе нема услови за возење.
– Пролизгувањето беше големо, дури и на правците! Им кажав дека не е безбедно, но одлуката на ФИА дојде предоцна, откако се случи инцидентот. Ова веројатно беше најголемиот судир во мојата кариера во Формула Е. Не, не е веројатно, туку е најголемиот досега. Болидот е уништен, но јас сум добар, што покажува дека болидите се безбедни. Јас се удрив во Ник со 100 км/ч, а Стофел во мене со иста брзина,- објасни Бразилецот.
Едоардо Мортара кој заврши петти, беше дополнително казнет откако заврши трката, бидејќи било востановено дека возел побрзо од дозволеното за време на прекинот додека биле развеани жолтите знамиња. Му беше доделена казна од 5 секунди на конечното време, по што падна на деветтото место.
Но, имаше и незадоволни. Мич Еванс кој заврши на 10 место, смета дека трката требала да биде продолжена и оние што се судриле да не добијат бодови, што оди во прилог на неговите аспирации за титулата.
– До крајот имаше уште седум минути плус еден круг. Чуму црвено знаме и да не продолжение? Дождот престана и условите можеа само да се подобрат. Требаше да има возило за безбедност неколку круга и да се испитаат условите. Во квалификациите ако предизвикаш инцидент и црвено знаме, го губиш кругот. Имаше неколку работи денес со кои воопшто не се согласувам и не се добри за спортот,- рече Еванс.
Втората трка од „дуплексот во Њујорк“ донесе сличен вовед каде што Ник Касиди повторно „се прошета“ низ квалификациите до пол позицијата. Овој пат, во финалето тој се сретна со Антонио Феликс да Коста, и го подобри најбрзото време на 1:08.584 и докажа дека и тој како возач, но и тимот зад него навистина добро се подготвиле за овој викенд. Но, тука се случи следниот „драмски заплет“ и неговиот тим беше казнет за промена на акумулаторот за складирање на енергијата, по што се најде на последното место.
– Не се согласувам со казната. Јас вчера излетав, а дополнително бев удрен од два други болида. Еден од нив е на подиумот во втората трка, а јас сум казнет бидејќи имав оштетен акумулатор и морав да го заменам,- рече Касиди.
На овој начин, борбата за првото место се претвори во дуел на Антонио Феликс да Коста и Стофел Вандорн, при што Португалецот на крајот беше првопласиран. Мич Еванс на крајот беше трет, иако се жалеше на маневрите од Де Вријс на патот кон освојување на подиумот.
– Морав да возам гледајќи со едно око напред, а со другото назад, што е лошо. Но, овие момци „ми газеа на опашот“ и тоа ме исцрпуваше. Имав добар автомобил, но тежок за возење. Беше супер прецизен напред, но морав да внимавам да не го загубам задниот дел. Сето ова ме исцрпи, не знам, можеби стареам, но иако напорно тренирав ова беше тешко за мене. Имав тежок почеток на сезоната, беше борба, но го сакам тоа. Ја сакам борбата,- рече победникот.
Освојувајќи ја втората позиција во втората трка, Вандорн се врати во водство во генералниот пласман, пред се благодарејќи на фактот дека Мортара имаше проблеми во квалификациите и не можеше да парира во трката. Со освојување на третото место, Еванс им се приближи па така сега првите тројца имаат 155, 144 и 139 бода. Верње кој не освои бодови ни во втората трка во Њујорк останува на четврто место со 128, додека да Коста се залепи за петтиот Фријнс бидејќи тој има 104 бода, а Португалецот со оваа победа стигна до 100.
До крајот има две дуплекс трки, во Лондон и Сеул, па токму снаоѓањето во нив ќе значи диференцијација што ќе биде пресудна за шампионската титула.