ПОСЛЕДНИОТ ГРАН ПРИ ВИКЕНД ВО ЛОНДОН ДОНЕСЕ ДВЕ ТРКИ ВО КОИ ЛОШАТА СРЕЌА НА ВОЗАЧИТЕ НА ЈАГУАР И НАТАМУ ГИ СЛЕДЕШЕ, А СЕ СОЗДАДОА УСЛОВИ ПАСКАЛ ВЕРЛЕН ДА ГО СТИГНЕ ШАМПИОНСКИОТ НАСЛОВ
Возачите на Јагуар, Мич Еванс и Ник Касиди, беа доминантни во средишницата од сезоната и се наметнаа како први фаворити во борбата за титулата. Сепак, во завршницата, тие испуштија повеќе шанси да го решат прашањето на шампионот (уште на гран при трките во Шангај), a кога започна подемот на Порше, тие се соочија со притисок кој продолжи и на трките во Портланд. Вреди да се спомене дека Ник Касиди, додека беше во водство, излета од патеката, додека Мич Еванс заработи казна, па иако беше на пол позицијата, во трката сите почести му ги препушти на Антонио Феликс да Коста.
Во пресрет на последниот гран при викенд во Лондон, Јагуар одлучи да им дозволи на своите возачи да се натпреваруваат меѓу себе бидејќи и двајцата сè уште беа во конкуренција за титулата. Јагуар влезе со 33 поени предност како конструктор, додека Касиди имаше предност од 12 поени пред Еванс и Верлен.
За нас е битно да ги поддржиме еднакво двајцата во овој момент. Тие се слободни да се тркаат меѓу себе освен во ситуација каде што едниот е веќе во позиција математички да стане шампион. Тоа им го соопштивме на почетокот на викендот, и ќе разговараме повторно по првата трка доколку еден од нив драстично ги загуби шансите. Во таков случај ќе се посветиме на оној со повеќе шанси да го освои првенството. Тие се професионалци. Правилото е едноставно, можете да се тркате, но не смеете да го ставите тимот во опасност, кажа тимскиот шеф на Јагуар, Џејмс Баркли. Мич Еванс на ваквата доверба возврати со освојување на пол позицијата, поставувајќи најбрзо време 1:10.622, додека Касиди имаше проблеми и во првата трка беше на седумнаесетто стартно место.
Еванс ја поведе трката, додека Паскал Верлен од третото место ги следеше во чекор и потоа го презема водството. Во втората половина на трката Верлен ја зголеми предноста, додека Еванс очигледно не беше во тркачка форма и се бранеше од возачите кои го напаѓаа.
Поради аплицирање на возило за безбедност и забрана за престигнување, Верлен имаше олеснета работа и стигна до третата победа оваа сезона, со што изби на првото место од табелата, три поени пред Еванс, кој што го сочува второто место и освои дополнителен поен со возење на најбрзиот круг во трката. Касиди заврши како деветти, но откако некои возачи беа казнети тој изби на седмото место, додека на табелата беше само седум поени зад Верлен.
Во пресрет на последната трка Касиди ја освои пол позицијата за што заработи нови три поени и повторно се постави себеси како главен кандидат за триумф, во финалето каде што победникот собира сè. Двајцата возачи на Јагуар ја поведоа трката, додека Верлен кој беше четврти се позиционираше веднаш зад нив. Во првите десет круга двапати беше аплицирано возилото за безбедност, а таа ситуација се чини дека најмалку му одговараше на лидерот Касиди кој не можеше да го искористи дозволениот „атак мод“. Еванс го презеде водството возејќи дефанзивно пред Верлен, додека Касиди имаше контакт со второто Порше управувано од Антонио Феликс да Коста, по што ја скина гумата. Иако беше во боксот и се врати на патеката, тој сепак разочарано се повлече од трката.
Возилото за безбедност уште еднаш беше аплицирано по излетувањето на Гунтер, по што Оливер Роуланд од Нисан го презеде првото место, оставајќи ги кандидатите за титулата зад себе. Со подобра реализација на својот „атак мод“ Верлен го престигна Еванс, кој до крајот на трката не успеа да возврати, па со тоа Верлен иако второпласиран стана шампион бидејќи неговите конкуренти беа зад него.
СТРАТЕГИСКИ МАСТЕРКЛАС НА ПОРШЕ
Со користењето на двата „атак мода“ во финишот на трката, Порше успеа да го собори бедемот на Јагуар, кој во пресрет на последната трка беше цврст колку нивната 12-бодовна предност. Дуелот на Верлен и Еванс, односно на Порше и Јагуар беше вистински тест на енергетската ефикасност и тркачкиот лимит во дадените околности. На крајот, Роуланд се вмеша и ја однесе победата во трката, а титулата заврши кај Верлен. Верував во ова и си повторив дека можеме да го направиме пресвртот, неброен број пати. Ги извршивме сите задачи (од стратегиски аспект з.а.), па среќен сум за тимот, дури повеќе отколку за мене. Знам колку ова им значи на сите и колку работа вложивме. Оваа титула е за нив и за моите љубени, рече Верлен. |
За разлика од она што го дискутиравме пред трката, во слушалките добивав сосема спротивни пораки кои што ме изненадија и ме разочараа. Јас знаев дека сме слободни да се тркаме, но тоа денеска не беше случај и тоа ме чинеше титула. Очигледно јас не сакав вака да испадне, но бев присилен, а тоа не беше дел од ниеден план и можете да замислите што се случуваше во мојата глава.
Ќе има понатамошни дискусии, обвини Мич Еванс по трката.
Јагуар сепак ја освои титулата како конструктор со 39 поени разлика пред Порше, но Еванс рече дека сепак е разочаран од конечниот расплет бидејќи не ги освоиле двете титули. – Од сите четири последни сезони во кои што имав секогаш шанса да се борам за титулата, оваа шанса беше најреална и беше моја за момент. Се чувствувам како мојот тим да работел против мене во извесен момент, а тоа не е добро. Разочаран е и Каси, за кого ова беше втора шанса да биде светски првак.
Да Коста е одличен пријател, но тој веќе е светски шампион, а јас не. Денеска плачевме заедно. Судирот со него ме чинеше светска титула, но знам дека не беше намерно и дека грешката е од него. Од идната сезона болидите од „генерација 3“ ќе бидат унапредени во „Ген 3 ево“ за сезоната 2024/25. Првиот тест ќе биде во Валенсија на патеката„Рикардо Тормо“ од 4 до 7 ноември. Единаесеттата сезона на Формула Е ќе стартува со трката во Сао Пауло на 7 декември.