Светско првенство во Формула E-МЕРЦЕДЕС НА ЧЕКОР ДО ДОМИНАЦИЈА

03/05/2021

ОТКАКО ЗАБЛЕСКАА НА ТРКИТЕ ВОЗЕНИ ВО ДИРИЈА, САУДИСКА АРАБИЈА, ВОЗАЧИТЕ НА МЕРЦЕДЕС УШТЕ ЕДНАШ ПОКАЖАА БЛЕСКАВА ФОРМА И ВО ТРКАТА НИЗ УЛИЦИТЕ НА ВЕЧНИОТ ГРАД РИМ.

Во пресрет на самата трка беше соопштено од организаторите дека поради затегнатата ситуација со патувањата во услови на глобалната пандемија од Ковид 19, наместо една ќе се возат две трки во Рим, со цел да се овозможат што е можно повеќе километри за возачите во овој дел на сезоната. Тоа е логично бидејќи никој не може да ги гарантира останатите настани од календарот, особено планираните трки на други континенти. Воедно оваа одлука се однесува и на трката во Валенсија којашто првично беше закажана за 24, а сега и за 25 април. Првите тренинзи во Рим ги исфрлија Лу- кас Ди Граси од Ауди и Стофел Вандорн од Мерцедес како најбрзи. Бразилецот имаше најдобро време од 1:38.785, што беше за само 62 илјадитинки побрзо од она на ривалот. Голема група на други возачи се најде од третото до седмото место, кои беа раздалечени од 246 до 485 илјадитинки зад најдобриот резултат. На вториот тренинг временските услови диктираа сите да возат побавно и во такви услови Максимилијан Гинтер со БМВ Андрети се вмеша во борбата за врвот со време 1:39.517, по што повторно следуваше толпа возачи со речиси идентични резултати, но на нејзино чело беа пилотите од Мерцедес.

Во квалификациската сесија изненадување најавија Оливер Роуланд со Нисан и Андре Лотерер со Порше, односно тие ја предводеа шесторката којашто на крајот во спе- цијална сесија за таканаречената „супер пол позиција“ учествуваа уште Вандорн, Ди Граси, Жан Ерик Верње и Гинтер. Со време од 1:38.484 коешто беше само седум илјадитинки побрзо од тоа на Роуланд, Стофел Вандорн ја освои најдобрата стартна позиција пред Лотерер. Оливер Роуланд се најде на третото место, но неговото време беше компромитирано поради допир со заштитниот ѕид иако имаше одличен старт на првите две мерни станици од неговиот круг. Менаџментот на потрошувачката на енергија секогаш е одлучувачки параметар за победата, но овојпат трката не го дочека својот регуларен крај. Во услови на слаб дожд Вандорн водеше возејќи зад возилото за безбедност, а откако тоа се тргна започна дуелот за првата позиција во кој најпрвин Лотерер го престигна ривалот, а откако овој возврати нешто подоцна, двајцата возачи се судрија. Од нив Лотерер успеа подоцна да продолжи и да заврши на седмото место. На овој начин Оливер Роуланд се најде во водство, но стјуардите го казнија заради надминување на лимитот за употребена енергија, поради што испадна од игра за победата. Тоа доведе до ситуација Лукас Ди Граси да биде нов предводник на трката, но поранешниот шампион брзо се најде на удар од уште еден претходен победник во формула Е, Жан Ерик Верње, при што неколкупати се престигнаа меѓу себе. Бразилецот дојде на чекор до единаесеттата победа во кариерата, но тогаш неговиот болид едноставно застана меѓу свиоците број 6 и 7 и направи хаос од целата трка. Вандорн, којшто имаше одличен кам бек, сакајќи да го избегне неговиот болид се удри во ѕидот, а за несреќата да биде уште поголема и вториот болид на Мерцедес се удри веднаш до него. Трката не беше продолжена, со што победата се најде кај Верње, а на подиумот беа промовирани Сем Бирд и Мич Еванс, обајцата од Јагуар. По завршувањето на настанот, беше соопштено дека за излетувањето на двата болида на Мерцедес е виновна шахта, која направила задните тркала да потскокнат и да донесат инцидент!

Втората трка на улиците на Рим се одржа следниот ден, на 11 април, но дојде до промена во временските услови. Така, покрај веќе видените конкурентни возачи, кон кандидатите за висок пласман на мократа патека се приклучија и други пилоти, како, на пример, Норман Нато со тимот Вентури, кој беше најбрз во дожливите квалификации. Во најбрзата шесторка, којашто се бореше за таканаречената супер пол позиција, на крајот најбрз беше Ник Касиди од тимот на Вирџин пред Нато од Вентури. Без голема желба да ризикуваат, зад нив со многу послаби резултати се пласираа Верлен од Порше, Вандорн од Мерсецес и Гинтер од БМВ. Со гасењето на зелените светла стартуваше уште една драматична трка предводена од дебитантот Ник Касиди, но тој мошне рано се изврте поради блокирање на сопирачките, па изгуби дури 10 места. Норман Нато водеше три круга пред Паскал Верлен да направи престигнувачки маневар во четвртиот круг. Нато почна да ги губи позициите и натаму зашто беше престигнат од Вандорн, кој потоа почна да му се доближува на лидерот. Во несреќен расплет на околности Верлен во времето темпирано за користење на дополнителна енергија беше спречен поради истакнување на жолто знаме за инцидентот меѓу Ди Гради и Буеми. При рестартот Вандорн се одвои, правејќи предност од четири секунди, додека Александар Симс во финишот успеа да го престигне Верлен и да му го одземе второто место. Крај на трката повторно донесе возило за безбедност поради инцидентот во кој својот болид го оштети Рене Раст од Ауди, а набрзо потоа судир имаа Де Вријс и Бирд, по што Холанѓанецот беше казнет со 5 места на стартот од трката во Валенсија.

Победникот Вандорн целата заслуга за победата ја префрли кај членовите на тимот кои му овозможиле воопшто да настапи.

– Искупување. Вчера беше емотивен ден за нас. Знаев дека имаме брзина да победиме денес, бевме брзи и тоа беше значајно. Болидот беше мошне оштетен вчера и механичарите имаа тешка задача да го подготват за денес. Но денеска беше повторно перфектен,- рече победникот од редовите на Мерцедес, Штофел Вандорн.

Тој посочи дека минатогодишната петмесечна пауза при избивањето на пандемијата му дозволило на Мерцедес да го подигне нивото и да се доближи до ривалите.

– Како тим моравме да седнеме и да го анализираме нашиот пакет и да погледнеме на кои точки мораме да поработиме. Кога се појавивме на финалето во Берлин сите тимови имаа направено чекор напред но, исто така, и ние: од инженерска страна, но и од стратешка и од возачка страна. Сите направивме позитивен чекор напред и тоа е мошне охрабрувачки.

Со бодовите освоиени за победа, супер пол позиција и најбрз круг, Стофел Вандорн фати приклучок со водечките на табелата, при што дел од нив поради различни инциденти не освоија нови поени. Така, Бирд е сè уште прв со 43 бода благодарение на ненадејниот подиум во првата трка низ Рим, заедно со тимскиот колега Еванс кој сега има 39. Фријнс и Де Вријс кои останаа без бодови имаат 34 и 32 бода, а Вандорн се најде меѓу нив со 33 бода. Кон водечката група гравитираат и Верлен со 32 и Мортара со 30 бода. Најавените две трки во Валенсија би требало да донесат натамошно профилирање на кандидатите за титулата во 2021 година, но многу се очекува и од актуелните шампиони од тимот ДС Течита, за кој возат Антонио Феликс да Коста и Жан Ерик Верње, кои сè уште не покажале сè што можат во оваа сезона.

ФОРМУЛА Е ЌЕ СЕ ВОЗИ И ВО МОНАКО

Организаторите на Формула Е претендираат да возат низ градски улици промовирајќи дека нивниот спорт не ја загадува околината, а во досегашните 7 години постоење ги посетија најголемите светски метрополи во Европа, САД, како и на другите континенти. Сепак, во авто трките поим за градска трка е онаа во Монако, каде што улиците на кнежевството се искористиле за првпат во 1929 година. На предлог на претседателот на ФИА, Жан Тод, ќе бидат направени мали промени на патеката за да може да се избегне директна споредба на Формула Е и Формула 1, па така првиот свиок по стартот и првиот свиок по тунелот ќе бидат редизајнирани за оваа прилика. – На повеќе начини, оваа патека е како направена за Формула Е – брза е и со тесни улички, што ќе претставува тест за секој возач кој треба да ја менаџерира енергијата и да бара начин за престигнување,- изјави Алберто Лонг, ко-основач на Формула Е, додавајќи дека вклучувањето на Монако е одлична точка во изградбата на новото светско првенство. Претходно, Формула Е имаше изданија во Монако, но не како Светско првенство под капата на ФИА. Трката треба да се случи на 8 мај, веднаш по двете трки во Валенсија, но се шпекулира дека настанот во Маракеш би можел да биде откажан, што остава простор дека можеби и во Монте Карло ќе се возат две трки, но за тоа ќе се одлучува тогаш.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.