Светско првенство во Формула 1-ТИТУЛАТА КАКО СЛОЖУВАЛКА

27/11/2021

СО ТРИ ТРКИ ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА, ВО СЕЗОНАТА СО РЕКОРДНИ 22 ГРАН ПРИ ВИКЕНДИ, БОРБАТА ЗА ТИТУЛАТА СÈ УШТЕ Е ВО ФАЗА НА „КОМПЛЕТИРАЊЕ“ КАКО ПРИ РЕДЕЊЕ СЛОЖУВАЛКА ВО КОЈА НЕДОСТАСУВААТ КЛУЧНИТЕ ДЕЛОВИ ЗА ДА СЕ ДОЈДЕ ДО КОНЕЧНО РЕШЕНИЕ КОЈ ЌЕ БИДЕ НОВИОТ ШАМПИОН

 

Откако ја заменија Европа со трките на американскиот континент, возачите на Формула 1 влегоа во ризична фаза од сезоната, во која секоја грешка може скапо да ги чини. Имајќи предвид дека големата изедначеност во табелата на возачите повлекува и изедначеност во табелата на конструкторите, всушност, станува јасно дека таа би можела да ги чини „двојно повеќе“. Макс Ферстапен врза две победи во низа на трките во САД и во Мексико, но го чекаше изненадување во Бразил, каде што Мерцедес успеа да се издигне и да возврати со нов триумф на Луис Хамилтон.

За да биде драмата поголема, возачот на „сребрените стрели“ беше дополнително оптоварен и со казни на квалификациите, па триумфот на патеката „Интерлагос“ на вистина послужи како пример за мотивиран одговор.

 

Викендот на Хамилтон започна со казна од пет места на стартот на главната трка бидејќи се одлучи да го замени моторот со внатрешно согорување. Бидејќи трката во Бразил беше трета во низа од експериментот наречен „спринт квалификации“, тоа значеше дека трката на 100 километри што ќе се вози во сабота ќе биде последната квалификациска сесија пред главната трка, односно дека Луис ќе добие „минус пет“ од пласманот.

Потоа следуваше заплетот и почетокот на тренинзите и стандардните квалификации, во кои Хамилтон имаше половина секунда подобар резултат од Ферстапен. Стјуардите откриле прекршување на техничките правила поврзани со системот ДРС на болидот на Мерцедес, односно овој систем на Британецот се отворал неколку милиметри повеќе од дозволеното, а тоа беше протолкувано како неспортска предност и тие времиња беа избришани со одлука Англичанецот да стартува последен во „спринт трката“.

Сепак, природата на патеката „Интерлагос“ овозможува брзите болиди да имаат непречена можност за престигнување на долгиот правец, па Хамилтон и Ботас блескаа во саботното издание: Финецот се најде на пол позицијата, а Хамилтон од последно место стигна до петто. Во превод, поради претходно изречената казна на почетокот на викендот, тоа значеше уште пет места одзади, односно старт од десетто место во главната трка.

 

Ботас го изгуби првото место два свијока по стартот откако Ферстапен го престигна, па во натамошниот тек на трката гледаше во грбот на возачот од Ред Бул. Хамилтон идентично како и во „спринт квалификациите“ мошне брзо ги реши соперниците околу него и дојде зад водечката тројка Ферстапен, Ботас и Перез. Дуелот со Ферстапен очигледно беше од „спартански тип“, но иако не успеа во првиот обид, сепак дочека во финишот да има подобри пневматици од Холанѓанецот и да го престигне за победа што во финишот беше изразена со десет секунди предност. Трет заврши Ботас, а во бодовите уште се најдоа Перез, Леклер, Саинц, Гасли, Окон, Алонсо и Нориc.

Нема да вложиме протест, важно е да сфатиме од каде потекнува таа брзина. Знаеме дека имаа нов мотор, но имаа воздушен потисок како да возат во Монако, а притоа Луис беше 30 километри на час побрз од Макс во моментот кога го престигна. Едноставно, мора да го разбереме тоа. ФИА раководи со спортот и треба да го контролира, а ние треба да веруваме во нив и во нивната истрага. Брзината на Мерцедес беше невозможна за трка. Ние подготвивме одбрана колку што можевме, Макс даде сè од себе, но немаше шанса. Тешко е бидејќи водевме во 75 % од трката. Имаме една недела да се соземеме и да го вратиме борбениот дух до следната трка – рече Кристијан Хорнер, тимскиот шеф на Ред Бул, коментирајќи го резултатот, како и фактот дека Ферстапен беше казнет со 50 илјади евра бидејќи го допирал крилото на болидот на Мерцедес, односно правел „самостојна инспекција“. –

Во овој спорт се води грижа некој да не стекне предност. Ако сакаат нека протестираат, имаат право на тоа. В ред е да бидат и скептични за перформансите на нивните соперници. Поради тоа, немам никакви  чувства по тоа прашање, ниту позитивни ниту негативни. Овој викенд беше вистинска „лудница“, па затоа е послатко што ја освоивме победата – одговори Тото Волф, тимски шеф на Мерцедес.

 

Ферстапен сега има предност од 14 бода во генералниот пласман (332,5 : 318,5), но до крајот има уште три трки и вкупно 75 бода резервирани за победниците. Поради фактот дека Ботас има 25 бода повеќе од Перез на третото место, во борбата за конструкторската титула Мерцедес води со 11 поени (521,5 : 510,5). Во сличен заплет се и возачите на Мекларен и Ферари, кои ги окупираат следните четири места на индивидуалната табела, при што Ферари води на тимски план (287,5 : 256), а дополнителна драма има за следните две места, каде што Алпин и Алфа Таури се изедначени со по 112 бода.

Првпат оваа година во финишот на сезоната ќе се возат трките во Катар и во Саудиска Арабија, а финалето е закажано за 12 декември во Абу Даби.

ПРВ КИНЕСКИ ВОЗАЧ ВО ФОРМУЛА 1

Екипата Алфа Ромео објави дека освен што за 2022 година ќе го смени Раиконен со Ботас, на местото на Џовинаци ќе го ангажира Гуању Зоу, кој досега настапуваше во пониските категории како Ф3 и Ф2. Во првата медиумска изјава тимскиот шеф Паскал Васер најави дека младиот возач ќе има можност да учи од тимски колега што досега победувал и освојувал пол позиции. Се надевам дека ќе му дадеме шанса да учи од Валтери. Секогаш е од корист крај себе да имаш некој со искуство, а тој бил во можност да освојува пол позиции и победи. Дополнително, Валтери е вистински професионалец и добар човек. Ќе биде од помош за целиот тим – вели Васер, кој на фактот дека возачот потекнува од Кина гледа како на можност за натамошен развој на тимот и на спортот, па се очекува овој потег да има големо влијание, како случајот на Ферстапен и Холандија, односно Перез и Мексико.

Во менаџерскиот тим на Зоу е вклучен Грем Лоудон, поранешниот тимски шеф на Манор / Марусија. Познато е дека од 13-годишна возраст Зоу е во Европа и настапувал во италијанската Формула 4 со Ландо Норис, каде што стигнал до второ место во 2015 година. Во Формула 3 соработувал со екипите Мотопарк, а потоа и Према, со кои успеал да стигне до победи. На две трки пред крајот на сезоната во Формула 2 тој е на втора позиција во првенството. Формула 1 се емоциите, талентот, возилата, ризикот, брзината. Но кога се во прашање парите, тогаш е немилосрдна – напиша Антонио Џовинаци како своја реплика на оваа одлука, дополнувајќи дека сè уште не е направена неговата последна фотографија во Ф1 болид.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.