ТРКАТА ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА ЕМИЛИЈА РОМАЊА ЈА ПОТВРДИ СЛИКАТА ВИДЕНА И НА ПРВАТА ТРКА ВО БАХРЕИН, КАДЕ ШТО МАКС ФЕРСТАПЕН СО РЕД БУЛ И ЛУИС ХАМИЛТОН СО МЕРЦЕДЕС СЕ ПРОФИЛИРАА КАКО НАЈГОЛЕМИ КОНКУРЕНТИ НА ПОЧЕТОКОТ ОД НОВАТА СЕЗОНА ВО ФОРМУ- ЛА 1.
Ако во Бахреин почестите во квалификациите му припаднаа на Ферстапен, а на Хамилтон во трката, овој пат имаше обратна ситуација. Пол позицијата во Бахреин значеше дека Ферстапен за првпат врзал два најдобри квалификациски резултати едно по друго, но за волја на вистината претходниот е дел од минатата сезона.
Додека трката во Бахреин беше возена по суво и топло време, временските услови на средината на април во Италија не се покажаа во иста мера. Сепак, квалификациите поминаа во знакот на Мерцедес иако не беше врнежливо, што отвора шпекулации дека можеби извесен тип на пневматици во извесен температурен опсег остануваат нивен таен адут. За Хамилтон кој е рекордер во оваа категорија, тоа беше 99. пол позиција во кариерата.
За разлика од тоа, во трката Макс Ферстапен беше во посебна конкуренција, го презема водството од стартот низ директен дуел и успеа да го зачува до крај на променливите временски услови и покрај неколкуте проблематични моменти (прекин, рестарт). За разлика од тоа, Хамилтон се намачи да го помине Ландо Норис во борба за второто место што, исто така, е податок сам по себе за зголемената конкурентност на Мекларен откако повторно се вратија на моторите на Мерцедес.
Ранливоста на Мерцедес е отворено прашање: трката во Имола даде пример кога Луис Хамилтон направи грешка, па се врати на патеката на деветтото место, а тогаш беше активирано безбедносното возило, поради судирот на Валтери Ботас и Џорџ Расел. Иако загуби значаен дел од позициите, Хамилтон на крајот сепак успеа сите до еден да ги престигне.
Исто така, нивните тимски колеги, стартот на сезоната го поминуваат како да се „оперирани“ против добри резултати. Додека Перез во Ред Бул сè уште се приспособува на новиот болид, Валтери Ботас ни оддалеку не може да му се доближи на Хамилтон, а во Имола беше инволвиран во инцидент со Џорџ Расел. Британецот во прв момент беше убеден дека Ботас е виновен и изреагира мошне лошо покажувајќи неспортско однесување. Имено, тој му пристапи на Финецот кој сè уште беше во „искршениот болид“ и симболично го удираше ривалот по кацигата, додека Ботас му покажа среден прст пред да излезе од болидот.
– Кога му се приближив, го прашав дали се обиде да не убие и двајцата. Возиме неверојатно брзо, ова е таков спорт, знаеме какви се условите на патеката и треба да се прилагодиме на тоа. Требаше да биде лесно престигнување, речиси го направив тоа, но тој имаше благо движење во десно, што во вакви врнеживи услови е доволно за тежок инцидент, – порача лутиот Расел.
Еден ден подоцна, откако од таборот на Мерцедес пристигнаа коментари за неприфатливиот однос на Расел, тој ги повлече своите зборови и ја прифати вината со специјално соопштение.
– Знаев дека на оваа трка имам големи шанси да освојам поени, па понекогаш мора да преземете ризик кога сте во таква ситуација. Не се исплатеше и мора да преземам одговорност за тоа, откако можев да анализирам што се случи, сфатив дека можев да реагирам подобро. Му се извинувам на Валтери, на мојот тим и сите други на кои им влијаеше судирот. Научив неколку тешки лекции викендов и ќе се вратам како подобар човек и возач по ова искуство, – напиша Расел.
Третото место на Норис заедно со шестото на тимскиот колега Рикиардо, како и пласманите на двата болиди на Ферари со Леклер и Саинц на четврто и петто место во Имола се добра вест за Формула 1. Сепак, оваа сезона сите погледи и планови се свртени кон 2022 година кога треба да дебитираат нови правила, па развојот на овие болиди за 2021 година нема да биде во прв план. Тоа ќе остане како хендикеп за возачите кои ќе бидат во борба за титулата, па собирањето на поени и завршувањето на трките може да се покаже како исклучително значајно.
Следните трки ќе донесат уште повеќе податоци кои ќе послужат за одгатнување на вистинските перформанси, но засега е јасно дека Мекларен и Ферари се веднаш зад Ред Бул и Мерцедес кои се на врвот. На трката во Имола, последните четири позиции од првата десетка, кои се вреднуваат со поени им припаднаа на Строл, Гасли, Раиконен и Окон, но по трката стјуардите реагираа.
Казна од пет секунди заработи и Ленс Строл од Астон Мартин, затоа што нелегелно го претекнал Пјер Гасли од АлфаТаури. Во поредокот, тоа значи дека овие возачи си ги заменија местата, па Гасли го освои седмото, а Строл осмото место на Имола.
Кими Раиконен заработи казна од 30 секунди и остана без својот освоен бод на Имола поради извртувањето пред продолжувањето на трката, со што Фернандо Алонсо го освои својот прв поен во повратничката сезона во Формула 1. Имено, возачот на Алфа Ромео доби казна од 30 секунди поради прекршување на правилата за возење во периодот кога на патеката е безбедносното возило, па му беше аплицирана казна со додавање на дополнително време кон неговиот финален резултат, со што ја загуби деветтата позиција. Окон кој беше десетти се помести скалило погоре, а на десетто место со освоен еден поен се најде поранешниот светски шампион со болидот на Алпин – Фернандо Алонсо.
На табелата води Хамилтон со 44 бода, пред Ферстапен со 43, благодарение на најбрзо извозениот круг во трка, односно освоен дополнителен поен. Ландо Норис има 27 бода, а Шарл Леклер 20 поени. Сезоната продолжува со трката за Големата награда на Португалија на 2 мај.
НОВИТЕ ПРАВИЛА ДОВЕДОА ДО ЛОШИ ИСКУСТВА НА ВОЗАЧИТЕ КОИ СМЕНИЈА ТИМОВИ
Во 2021 година петмина возачи влегоа во сезоната како членови на нови тимови, односно настапуваат со болиди што претходно не ги познавале. Станува збор за Себастијан Фетел, Фернандо Алонсо, Карлос Саинц, Даниел Рикиардо и Серхио Перез, односно петорка што е во постојана потера за бодови и високи пласмани. Иако со новите правила стабилноста на задниот дел на болидите е нарушена кај сите, оние кои за првпат се запознаваат со новите болиди во пракса покажуваат дека овие возачи имаат полоши резултати од тимските колеги.
– Не ги гледам останатите, но да бидам искрен, секако е голема работа да смениш тим да возиш во вториот настап за нов тим да искусиш вакви околности. Навистина беше брутално. Мене ми е јасно дека сè уште не сум на потребното ниво, иако имав добар резултат во квалификациите. Денес се покажа колку е зафркнато, ова е едно од најлошите места каде може да дојдете со нов болид, но нема оправдување, мора да се работи повеќе, – рече Серхио Перез.
Алонсо во својата изјава го потврди истото надополнувајќи дека ова била добра школа, додека Фетел изјави дека му недостига доверба во болидот, како и на сите други со нови болиди. Со тоа се става акцент на недостатокот на тестирања преку зимата, што е признато и од тимските шефови.
– Секоја десетинка е важна, а на оваа патека за тоа се потребни големи ризици. Мора да бидеш комфорен во болидот и да го возиш на лимитот, затоа што тоа ја прави разликата дали си меѓу првите тројца или меѓу првите осум, вели Даниел Рикиардо.
– Мојот колега е експерт за квалификациите, a јас не заостанувам во однос на него во свиоците, но потребно е да склопам добар круг, без маана. На оваа патека се вози преку тротоарите и тие се напаѓаат под одреден агол. Како ќе реагира болидот е она искуство што на нов возач му недостига, бидејќи сè зависи од аголот под кој се напаѓа тротоарот,- објасни Карлос Саинц.
Бидејќи следни трки во календарот се оние во Португалија (која е нова за сите) и Барселона (која е добро позната на сите), следна трка на која довербата на болидот игра голема улога е трката во Монако и може да се очекува да донесе фаворизирани улоги на возачите со поголем стаж во тимот.