ОВАА СЕЗОНА МОЖЕБИ НЕ ПОНУДИ ПРОМЕНИ НА СЦЕНАТА МЕЃУ ГЛАВНИТЕ ПРОТАГОНИСТИ ЗА ТИТУЛАТА ВО МОТО ГП, НО ИЗОБИЛУВАШЕ СО НИЗА „СПОРЕДНИ ГОЛЕМИ РАБОТИ“ КОИ ГО ДАДОА ПОТРЕБНИОТ ШМЕК.
Tрката за Големата награда на Малезија во Мото ГП остана во втор план поради случувањата во Мото 2, категорија во која Алекс Маркез ја потврди шампионската титула откако заврши втор во Сепанг. Ова е дотолку поинтересно, поради тоа што во игра беше светската титула, а откако помладиот од браќата Маркез стигна до својата прва титула во кариерата, за очекување е негов трансфер во „кралската“ класа за идната сезона.
За волја на вистината, Марк Маркез повторно беше во фокусот на вниманието, но поради стравичниот пад што му се случи во саботата. На трката, тој стартуваше од 11 место, но изрежира акција како од видео игра, завршувајќи го првиот круг како второпласиран. Имено, веќе во вториот свиок Марк дојде до петтото место, брзо го мина Морбидели, потоа следеше и Довициозо, за на крај да го мине и Џек Милер. Сепак, во ова време, Маверик Вињалес успеа да избега една секунда како првопласиран, а иако светскиот шампион успеа да му се приближи, сепак не изрежира вистинско чудо и заврши втор на крајот од трката. Сепак, со оглед на фактот дека Маркез ја обезбеди титулата една трка претходно, оваа победа на Вињалес доаѓа само како охрабрување за следната сезона, која се очекува да биде последна во кариерата на Валентино Роси. На врвот на табелата е Маркез со 395 бода, Довициозо има 256, додека Вињалес изби на третата позиција во генералниот поредок со 201 бод. Натаму следуваат Ринс со 194, Петручи со 176, Куартаро со 172 и Роси со 166 бода.
Хонда има 401 бод кај конструкторите, додека Дукати и Јамаха се во мртва трка за второто место со 302:301 бод. Исто така, кај тимовите Дукати има шанса да се бори за врвот бидејќи има 432 бода, додека Репсол Хонда е на второ место со 430, а Јамаха има 367 бодови. Сите дилеми ќе бидат разрешени со последната трка во 2019 година, која се вози во Валенсија на патеката „Рикардо Тормо“ на 17 ноември.