СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ФОРМУЛА 1-ФИНАЛНОТО ШОУ ВЕТУВА ВОЗБУДЛИВА ИДНИНА

30/12/2020

ИАКО СЕЗОНАТА ПОМИНА ВО НЕОСПОРНА ДОМИНАЦИЈА НА МЕРЦЕДЕС И ЛУИС ХАМИЛТОН, ПОСЛЕДНИТЕ ДВЕ ТРКИ ДОНЕСОА ФАНТАСТИЧНИ ВОЗБУДУВАЊА И ПОБЕДНИЦИ ВО ЛИКОВИТЕ НА СЕРХИО ПЕРЕЗ И МАКС ФЕРСТАПЕН.

 

Иако Хамилтон и Мерцедес ги имаа освоено титулите на неколку трки пред крајот, во финишот на сезоната се случи најголемата драма во поглед на борбата за местата на пиедесталот. Најпрво, по триумфот на трката за Големата награда на Бахреин, Хамилтон беше дијагностициран со Ковид-19 и позитивен тест, по што мораше да се најде негова замена за трката која следеше седум дена подоцна како Голема награда на Сахир, што исто така се одржа на патеката во Бахреин, но на поинаква конфигурација од претходно.

Џорџ Расел од Вилијамс беше избран како заменик за седиштето на Хамилтон, при што понуди одличен отпор во тренинзите и квалификациите, завршувајќи само 26 илјадити делови од секундата зад Ботас во квалификациите. Во трката тој се впушти во наттркување со Ботас по што излезе во водство сè до последната четвртина од натпреварот. Тогаш, поради инцидент на Еиткен со Вилијамс, кој се изврте на последниот свиок и „го остави“ носот од болидот на патеката, беше воведено возило за безбедност. Иако немаше потреба за тоа, Мерцедес се одлучи да игра „на сигурно“ и да влезе во бокс со двата болида, но тука ја изгуби победата. Дел од механичарите не ја добиле пораката да ги подготват пневматиците, па така, Расел ги доби гумите кои биле наменети за Ботас, а Финецот откако „отстои“ десетина секунди во гаражата, беше вратен на патеката со старите гуми. По сето ова, тие мораа уште еднаш во бокс за да се исправи грешката. И кога Расел заблеска во продолжението престигнувајќи многумина од ривалите, стигна до Перез и да го предизвика на борба за првото место, му се дупна една од новите гуми и тој повторно мораше во бокс. Перез славеше пред Окон со Рено и Строл во вториот болид на Рејсинг поинт. Хамилтон се врати во седиштето по 14 дена, иако се жалеше на физички замор, но сепак имаше негативен тест. Мерцедес како единствен приоритет го имаше Валетри Ботас, кој со финиш меѓу првите тројца ја обезбедуваше вицешампионската позиција. Од тимот беше лиферувана и информација дека е можно да ја намалат моќноста на моторите со цел да се избегне ризикот некој да откаже во финишот (според правилата целата сезона ја возат со три мотори). Во такви услови, Ферстапен ја освои и пол позицијата и имаше доминација низ целата трка, непредизвикан од никого, додека Ботас и Хамилтон возеа резервирано.

– Уништен сум, не се чувствувам добро. Сепак, благодарен сум што сум жив, а на крајот обезбедив и место на пиедесталот. Ковид не е шега, знаев дека во еден момент ќе ми биде тешко, бидејќи луѓе умираат од вирусот. Ми беше чудно кога некои државници се потсмеваа со вирусот, – изјави Британецот.

Со фактот што се врати во седиштето на Вилијамс, Расел повторно беше неконкурентен, а Перез се откажа поради дефект уште на почетокот. Со таков расплет, Албон го освои четвртото место, додека Норис и Саинц беа зад нив. Не само што се етаблираа како трета екипа според перформансите, со ова возачите му го донесоа на Мекларен и третото место во генералниот поредок, пред Рејсинг Поинт. Бодови освоија уште Рикардо, Гасло, Окон и Строл.

Хамилтон со 347 бода е убедливо прв, а само неговите поени му се доволни на Мерцедес за конструкторскиот трон. Ботас со 223 е втор, Ферстапен со 214 е трет пред Серхио Перез и Даниел Рикардо.

Новата сезона е предвидена да стартува со трката за Големата награда на Австралија на 21 март.

ФЕТЕЛ СЕ ПРОСТИ ОД ФЕРАРИ, САИНЦ ДОЈДЕ ВО МАРАНЕЛО

Со трката во Абу Даби, Себастијан Фетел стави крај на својата етапа во редовите на Ферари, а истата ја заокружи на начин како што му доликува, односно доби посебен третман од сите вработени во тимот и по крајот на трката во Абу Даби изрежираа навистина убави сцени. Германецот е познат како голем спортски џентлмен имаше само зборови за благодарност до сите вработени и за сето она што го доживеа во 118-те трки како возач на Ферари, но сепак, во фокусот се најде неговата блискост со Шарл Леклер со кого имаа и неколку недоразбирања во изминатите две сезони.

– Ти си возачот со најголем талент од сите оние кои ги имам сретнато во овие 15 години. Немој да го потрошиш и биди сигурен дека ќе бидеш среќен и насмеан во сето она што го правиш, – гласи оригиналната порака од Фетел, напишана на кацигата што му ја подари на Моначанецот.

Дополнително, Себастијан направи шоу пеејќи еден италијански хит преку радио врската, но со изменети зборови, во знак на збогување со момците кои беа дел од неговата кампања со Ферари, пред да се случат разидувањата со менаџментот. Ферари му подари трофеј во форма на титулата од фудбалската Лига на шампионите, со потсетник за 14 победи, 12 пол позиции и 14 најбрзи кругови кои ги остварија заедно.

Веднаш по трката во Абу Даби, Ферари организираше пречек за Карлос Саинц, пилот што ќе го замени Фетел во Ферари, но не доби дозвола за тестирање со новиот тим, па ќе мора да се приспособува во симулаторот во Маранело.

ПЕРЕЗ ПОТВРДЕН ОД РЕД БУЛ, ХАМИЛТОН СÈ УШТЕ ТАКТИЗИРА

Мексиканецот Серхио Перез ќе биде возачот што ќе седне во второто седиште на Ред Бул Хонда, заменувајќи го Алекс Албон кој не успеа да држи чекор со тимскиот колега. На ова претходеше отказот што Рејсинг поинт предвреме му го даде на 30-годишниот Перез, откако ги обезбеди услугите на Фетел.

– Со сета почит кон Алекс и останатите возачи, оваа година во трките бевме само јас, Валтери и Макс Ферстапен. Кога претходно се боревме со Ферари, тие знаеја да ја користат стратегијата со два болида, а овој трансфер ќе го направи Ред Бул посилен, особено со начинот на кој вози Перез. Возеше извонредно оваа сезона и го заслужува воланот во Ред Бул, среќен сум што добива ваква шанса. Мислам дека работите ќе бидат доста потешки за нас со него во болидот на Ред Бул, ќе мора да бидеме подобри, – изјави Хамилтон, кој сè уште нема официјално потврден договор за 2021 година, но од сите страни се зборува дека тоа е само формалност.

Мерцедес веќе го потврди Тото Волф како тимски шеф за следните три сезони, што беше едно од барањата на Луис Хамилтон.

– Не сме почнале да зборуваме со Тото, но очекуваме заедно да почнеме наредните денови. Среќен сум и горд што видов дека тој постигна договор и што останува на чело на тимот. Тој е важна личност и тимот ќе биде уште подобар со продолжувањето на договорот. Вистинските луѓе се на вистинското место во Мерцедес, иднината на овој тим е брилијантна, – заврши Хамилтон кој го доби признанието „личност на годината“ од страна на акредитираните новинари во ФИА за известување од Формула 1.

Според англискиот „Дејли Мејл“, Хамилтон се согласил на продолжување на договорот на една сезона и сега 35 годишниот пилот ќе заработи 40 милиони фунти годишно, наспроти 35-те милиони кои ги заработуваше досега.

НОВА АКЦИОНЕРСКА СИТУАЦИЈА ВО МЕРЦЕДЕС

Компанијата ИНЕОС која досега беше комерцијален партнер во Ф1 екипата на Мерцедес, сега прераснува во косопственик. Овој гигант од областа на хемиската индустрија ќе биде рамноправен партнер со компанијата Дајмлер (во чија сопстве- ност е Мерецедес) и Тото Волф. Досега Дајмлер поседуваше 60% од тимот, а Волф 30%, по што тој ги презема и преостанатите 10% кои беа удел на Ники Лауда. Со новата прераспределба, сите имаат по една идеална третина, но екипата продолжува да се смета за фабрички тим на Мерцедес. –

Кога влеговме во Формула 1 на почеток од оваа година, го избравме Мерцедес кој имаше поставено нови цели. Оттогаш сме во дискусии како да го зголемиме нашето учество. Ова е уникатна можност за финансиска инвестиција во екипа која е на врвот, а има потенцијал да порасне уште поголема во иднина,- гласи изјавата Сир Џејмс Ретклиф од Инеос.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.