Светско првенство во ФОРМУЛА 1-МЕКЛАРЕН ПОВТОРНО ГРМИ

09/04/2025

ПОБЕДИТЕ НА НОРИС И ПЈАСТРИ ДОКАЖАА ДЕКА РЕЗУЛТАТИТЕ ОД КРАЈОТ НА ЛАНСКАТА СЕЗОНА НЕ БИЛЕ СЛУЧАЈНИ, НО И НИВНИТЕ РИВАЛИ ИМАА СВОИ „ПЕТ МИНУТИ“

 

Ландо Норис ја освои победата во хаотичната трка за Големата награда на Австралија, која што во финишот беше одбележана од грешката на Пјастри, што доведе до тоа тој да испушти пласман на подиумот и да го зголеми славењето во Мекларен. Пјастри ја презема одговорноста за грешката, но изјави дека настрана од тоа имале повеќе позитивни работи по кои ќе ја памети трката која е негово домашно гран при.

Секако, ова ќе ме боли извесно време, но сепак сум среќен со завршената работа, освен во тој еден круг од трката. Временските услови беа неверојатно тешки и многумина имаа проблеми. Тоа не значи дека и мене требаше да ми биде. Мислам дека малку претерав, притискав повеќе од што требаше во тие услови. Беше тешко да се оцени колку ќе биде лизгаво од еден во друг круг, а повеќе пати се смени во текот на трката, изјави Пјастри. На аналитичарите не им избега моментот кога тимот го замоли „да ја задржи позицијата“ некаде во средина од трката, што предизвика дебата дали на возачите им е дозволено да се тркаат или не. Официјално, тимскиот шеф Андреа Стела изјави дека тоа се однесувало само привремено, односно додека очекувале ново известување за временската прогноза и усогласување на истото со веќе заземената стратегија во трката.

Престигнувањето на болидите кои задоцнуваа по еден круг и чекањето на временската прогноза доведоа до тоа нашите возачи да се најдат еден зад друг. Тоа не поттикна да ги стопираме накратко, додека ја добивме информацијата за времето, по што донесовме одлука за пневматиците, односно како да ги користиме. Откако тоа беше комплетирано и задоцнетите болиди беа престигнати, на возачите повторно им беше дозволено да се тркаат, појасни Андреа Стела.

Тој го пофали Норис за подобрените стартови, нешто што беше негова слабост минатата сезона, кога само Даниел Рикардо имал полоша статистика по прашање на снаоѓање во првиот круг. Младиот пилот откри дека се соочувал со нервозни чувства пред секоја трка што придонело тој да го подигне својот ментален склоп и да се изгради како возач.

Тајната е во тоа како да направиш од тоа да биде позитивна работа. Како да не дозволиш да ти влијае на лош начин и како да го искористиш на добар начин за да ти помогне да се фокусираш на вистинските нешта. Во минатото имав многу проблеми со тоа но сега се чувствувам многу подготвен да се справам на мошне подобар начин, па затоа нема толкав ефект на мене. Комфорен сум што можам да излезам и да возам, тоа е она што јас можам да го направам, а не да размислувам за таквите нешта. Сега сум во позиција да се борам за победи, да атакувам на титулата и тоа прави да се чувствувам како да е тоа уште еден викенд,- укажува Ландо Норис. Британецот, исто така, потврди дека имаат дозвола од тимот да се тркаат со Пјастри, но дека мора да бидат претпазливи.

Имавме слобода да се тркаме еден со друг. И двајцата бевме возбудени, веројатно нервозни и возбудени во исто време, но сигурен сум дека тимот ќе издржи, сè додека ние работиме заедно и додека се забавуваме и уживаме, знаејќи дека едниот сака да го победи другиот и да покаже дека е подобар. Тоа е неизбежно. Постојат правила кои не можеме да ги прекршиме. Двата болиди мора да останат во трката, дополни Норис. Така на подиумот се искачија Норис, Ферстапен и Расел, додека дебитантот во Мерцедес, Андреа Антонели направи сензација со пласманот на четврто место. За останатите возачи, Австралија брзо ќе биде заборавена, но сепак за одбележување е петтото место на Албон со Вилијамс.

Само една седмица подоцна, приказната се сврти наопаку, откако на трката за Големата награда на Кина редоследот на водечките беше комплетно измешан. Луис Хамилтон го украде вниманието на медиумите бидејќи во спринт трката успеа да доминира од пол позицијата до целта, при што се чини дека единствената пречка му беше Ферстапен во борбата на првиот свиок. Пјастри покажа карактер и по грешката во Мелбурн, во Шангај успеа да напредува низ спринт трката и да стигне до втората позиција, престигнувајќи го актуелниот шампион на пет круга пред крајот. Расел повторно беше на чекор зад нив, овој пат придружуван од Леклер, додека Јуки Цунода беше предводник на група болиди од шестото место до деветтото место, при што зад него беа Антонели, Норис и Строл.

Првата трка беше тешка и мислам дека многумина го потценуваат трнливиот пат кога започнуваш со нов тим. Тие што зборуваат веројатно никогаш не направиле нешто слично и немаат такво искуство. Во Шангај моите инженери и механичари направија одлична работа со тјунирањето и болидот беше прекрасен.

ЦУНАМИ ПОРАДИ ЦУНОДА!

Серхио Перез замина од Ред Бул под притисок на јавноста поради лошите резултати во вториот дел од минатата сезона, а на негово место беше воведен Лијан Лосом, кој дојде од сестринскиот тим „Рејсинг Булс“. Сепак, по само две трки, менаџментот реши да го замени со Јуки Цунода, неговиот тимски колега од минатата година.

Неверојатно лошо е гледано од перспектива на менаџментот. Тие го дестабилизираат помалиот тим „Рејсинг Булс“ на кого добро му оди со двата возачи, и сега ќе го изгорат Цунода кој е подобар, но нема шанса против Макс. Лоусон ќе се врати назад и ќе треба да се изгради одново. Ова е вистински хаос! Не само што главниот тим има бавен болид, туку со оваа промена на возачите прават според мене неверојатна шарада, рече во својата анализа екс возачот Ралф Шумахер.

Сивата еминенција во Ред Бул, Д-р Хелмут Марко, бегло премина преку грешката на менаџментот и упати на тоа дека шансата што Цунода ќе ја добие сега, можеби е последна за Јапонецот.

Јуки беше премногу неконзистентен. Затоа ние едногласно го одбравме Лоусон. Но, под зголемен притисок, тој не го постигна очекуваното, уште од првиот ден во Австралија. Потоа влезе во надолна спирала, а тоа е ситуација како да си зашеметен боксер, а од такво нешто тешко се излегува. Во таа смисла, тоа беше грешка, рече Хелмут Марко.

Кога ја започнавме новата сезона, имавме две цели, да ја задржиме титулата кај возачите, како и да се вратиме на првото место кај конструкторите. Знаеме дека пред нас има многу работа и сметаме дека искуството на Јуки ќе биде мошне корисно во развојот на сегашното возило. Имаме должност да го заштитиме Лијам, по тешкиот старт, има логика да реагираме вака брзо за тој да може да стекнува искуство во екипата што добро ја познава, надополнува Кристијан Хорнер.

Ред Бул гледа интерес во тоа да го заштити Лоусон, иако повеќе наликува дека тој веќе е жртвуван. За разлика од ова, Јуки Цунода веќе има неколку години зад себе во Рејсинг Булс, а заминувањето на Хонда уште повеќе ја дестабилизира неговата позиција. Одредени медиуми го цитираат Хелмут Марко за време на тестирањето во Бахреин:

Ако Јуки има добри перформанси, тогаш тој има иднина. Во спротивно, можеби нема да има шанса во Ф1 за него. Хонда заминува од Ред Бул на крајот од оваа сезона и се приклучува кон Астон Мартин, додека на нивно место во тимот на Ред Бул ќе влезе Форд.

Новиот асфалт даваше одличен контакт со подлогата, но повеќето имаа проблеми, рече Хамилтон, кој за возврат од инженерите беше пофален за одличниот менаџмент на пневматиците.

Но, она што инженерите во Мекларен го открија во меѓувреме и го имплементираа на болидот на Пјастри, покажа дека нивниот болид, исто така, може да биде добро наштиман, откако за првичните проблеми беа посочени погрешните насоки добиени од тестовите. Оскар Пјастри ја доби пол позицијата за нецела десетинка пред Расел, додека во следната десетинка зад него се најдоа Норис и Ферстапен, додека возачите на Ферари беа потиснати во третиот ред.

Во трката, Расел ја загуби позицијата на стартот, но Пјастри успеа да му избега на Норис и победата во ниту еден момент не беше доведена во прашање, напротив Норис во финишот имаше и проблеми со сопирачките но го задржа второто место пред Расел. Ферстапен остана на четвртата позиција како што и стартуваше, најмногу поради проблемите што си ги создадоа Леклер и Хамилтон, кои „се допреа“ во првиот свиок.

Ова беше неверојатен викенд, а болидот беше „мега“, за цело времетраење. Гумите се однесуваа многу поинаку отколку во поранешните сесии во Кина, но успеавме да направиме добар менаџмент со нив на трката. Можеме да бидеме горди на оваа „еден-два“ победа затоа што е обезбедена со напорна работа. Ни претстојат подготовки во фабриката за претстојните 3 трки што не очекуваат, изјави Оскар Пјастри.

Во ТВ-преносот од трката во Шангај, беше понудена радио конверзација на Хамилон со својот инженер во која главна тема беше да се пропушти Шарл Леклер. Дијалогот сугерираше дека инженерот на Хамилтон бара од него да го пропушти Моначанецот, по што седумкратниот првак го упатува дека овој треба да му се приближи, како и дека самиот тој ќе каже кога ќе се тргне.

Верувам дека ова е шега од ФОМ (компанијата што стои зад тв преносите – з.а.), бидејќи првиот повик дојде од страна на Луис. Тој ни понуди да ги сменат местата, но за да се создаде шоу, за да се креира мешаница, беше емитуван само вториот дел од дијалогот. Ќе го дискутирам тоа со нив, изјави Васер.

Но, фокусот се смени мошне бргу, бидејќи уследија нови моменти, односно по трката следуваа дисквалификации на двајцата возачи на Ферари: болидот на Леклер бил еден килограм под минималната граница, додека заштитната греда под болидот на Хамилтон била оштетена и под минимумот од пропишаните 9 милиметри дебелина. Тие беа на петто и шесто пред дисквалификацијата, по што останатите возачи се подигнати нагоре (Окон, Антонели, Албон). Според објаснувањата од Ферари, минималните отстапувања се индикација дека тие се подготвувале мошне остро, на работ од дозволеното, па некои неочекувани моменти како претераното трошење на гумите им направиле проблеми од она што било претходно замислено и пресметано од инженерите.

Норис е водечки на табелата со 44 бода, додека зад него е прилично изедначено: Ферстапен има 36 поени, Расел е трет со 35 поени, а Пјастри дојде до четвртото место со 34 поени. Во текот на април планирани се три трки, и тоа во Јапонија, Бахреин и Саудиска Арабија.

 

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.