Салонот за автомобили во Лос Анџелес малку ги размрда редовите во индустријата на четири тркала и со тоа донесе убаво освежување. Таму Субару ја претстави шестата генерација од популарниот модел „импреза“. Овој модел на Субару за првпат беше претставен пред 30 год. И во тој период постигна солидни продажни резултати, а беше и светски шампион во рели три години по ред 1995, 1996 и 1997 во класата на конструктори, а во 1995 (Колин Мекри), 2001 (Ричард Барнс) и во 2003 (Петер Солберг) освои други три титули во класата на возачи. Исто така, во Американскиот рели шампионат Субару има освоено шест титули во класата на возачи. Како што приметувате моделот „импреза“ е најтрофеен во семејството.
Новава генерација е наменета за американскиот пазар и тоа исклучиво како комбилимузина, а класичната лимузина е изоставена од производителот. Според дизајнот и опремата, новата „импреза“ е многу слична со неодамна претставениот „кросбек“, само што не ја поседува неговата висина. И опремата во одделот за патници е речиси иста. Така ѝ треба да биде, сличностите од модел до модел мора да бидат присутни во севкупната гама.
За американскиот пазар „импрезата“ ќе се нуди само со автоматски „цвт“ менувач кој има опција за менување на осумте брзини по желба на возачот. Во оптек се два бензински мотори со зафатнина од 2,0 л. и 154 КС и 2,5 литарскиот со 182 КС, и се разбира обата се боксери. Овие мотори ги задвижуват сите тркала преку спомнатиот „цвт“ менувач. Изведбата со 182 КС носи ознака „рс“ која изобилува со спортски детали и да напоменеме дека се враќа во семејството по цели 17 години отсуство. Другите две изведби носат име „бејз“ и „спорт“. Според списокот на сериската опрема таа е сосема солидна и нема потреба од дополнителна ако се одликувате со скромни барања.
„Субару импреза“ ќе биде пуштена во продажба наредната година на пролет.