СТАВЕТЕ ГИ НАВРЕМЕ „ОБУВКИТЕ„ ЗА ВАШИТЕ АВТОМОБИЛИ

30/10/2020

КАКО ШТО ВИЕ СИ КУПУВАТЕ ОБУВКИ ЗА СЕКОЈА ПРИГОДА И СЕЗОНА, ТОА ТРЕБА ДА ГО НАПРАВИТЕ И СО ПНЕВМАТИЦИТЕ ЗА ВАШИОТ АВТОМОБИЛ. НИСКИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ И ЗИМАТА САМО ШТО НЕ ПРИСТИГНАЛЕ, ТАКА ШТО БИ БИЛО ДОБРО ДА ГИ ДОЧЕКАМЕ ПОДГОТВЕНИ.

Тркалата, односно пневматиците за автомобилите се вечна тема. Кој пневматик е најдобар за сува подлога, кој за влажна, кој е за нечиста подлога. Овие разговори и сличните на нив се вечна тема меѓу возачите. Производителите постојано ги усовршуваат своите пневматици, а голем број светски реномирани здруженија и организации ги тестираат пневматиците и даваат соодветно мислење за нив.

Инаку, ние секоја сезона објавуваме тестови на летни и на зимски пневматици, најчесто тестирани од ОАМТЦ и АДАК, така што од нив може да дознаете многу повеќе во врска со тестирањата и кои пневматици постигнале најдобри резултати.

Генерално неколку фактори се важни за долговечноста на пневматиците, а еден од нив е притисокот во пневматиците, односно тие да бидат правилно напумпани како што пропишал производителот на моторното возило. Во секое упатство за употреба на автомобилите има дел во кој детално е даден опис колку и како треба да бидат напумпани пневматиците во зависност од тоа колку ќе бидат оптоварени. Правилно напумпаниот пневматик најдобро „лежи“ на подлогата, а со тоа и стабилноста на возилото е најголема, потоа неговото абење е подеднакво и потрошувачката на гориво е најоптимална. Доколку пневматиците не се правилно напумпани, тогаш во вода паѓаат сите претходно споменати параметри, односно потрошувачката на гориво се зголемува, стабилноста е нарушена и абењето се случува само на делови од пневматикот.

Правило број еден – пневматикот мора да биде прописно напумпан во секое време.

Доаѓа студениот период од годината и во „мода“ се зимските пневматици. Разликата помеѓу зимските и летните пневматици е огромна, иако навидум се сосема исти. Да, според изгледот се многу слични, но според составот на масата од која се направени, тие се различни. Летните пневматици се наменети исклучително за топлиот период од годината. Ако со нив се вози и во зимските месеци, смесата од кои се направени ги губи својствата поради ниските температури и пневматикот не ја врши работата како во летниот период. Иста ситуација се јавува и ако со Зимски гуми се вози во летниот период. Во такви случаи пневматиците не се однесуваат како што треба, автомобилот станува нестабилен, трагот на сопирање е подолг, неправилно и побрзо се абат, а се јавуваат и деформитети.

Наједноставна и најсоодветна споредба ќе направам со следниов пример. Вие сигурно во зима на – 5 степени не излегувате надвор со сандали, туку обувате топли обувки, таканаречени зимски. Тоа треба да го направите и со вашите миленици на четири тркала, поточно треба да ги „облечете“ во зимски пневматици. Тие подобро се снаоѓаат на влажен асфалт, на каллива и подлога со кашест снег, на влажен и сув снег и на мраз – голомразица. Производителот ја приспособил смесата, односно го приспособил пневматикот за употреба во такви услови и нема зошто да не му веруваме. Затоа навреме ставете зимски пневматици на вашето возило, прописно напумпајте ги и потоа може мирно да возите, без да има потреба да излегувате од возилото да местите синџири, на пример, во услови на снежна виулица.

Тоа е нашиот совет за овој период од годината, а вие постапете како што сакате. Никој не вели дека не може да возите и со летни пневматици среде зима, но тие се летни и не се наменети за зима. Затоа заменете ги, во спротивно може да ве „заболи глава“ во дадена ситуација и потоа цел живот да го помните немилиот настан. Зимски пневматици плус прописно напумпани е еднакво на поголема сигурност не само за вас туку и за другите учесници во сообраќајот.

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.